X
 03.11.2025 Живот

Бизарното објаснување на шефот на „Амазон“ за отпуштањето 14.000 вработени

Кога кварталните приходи на „Амазон“ пораснаа за 13 отсто во споредба со истиот период минатата година и достигнаа неверојатни 180 милијарди долари, најмалку што би се очекувало е масовни отпуштања. Но токму тоа се случи во „Амазон“, по објавувањето на одличните деловни резултати.

Без работа останаа дури 14.000 луѓе, а покрај шокот од отпуштањата, вработените беа изненадени и од прилично бизарното објаснување на извршниот директор Енди Џеси за причините.

Според него, причините немаат никаква врска со финансиите или заштедата, ниту со вештачката интелигенција. Иако на почетокот „Амазон“ ја спомена технологијата при најавата на отпуштањата, тоа не е главната причина.

Според Џеси, причината за отпуштањето 14.000 луѓе е културата на компанијата. Тој објаснува дека во последните години „Амазон“ ангажира многу луѓе во различни оддели и локации, што доведе до создавање многу нови слоеви во структурата, со што се намалува контролата врз луѓето кои навистина ја извршуваат работата. Ова, според него, може да ја забави управата.

„Амазон“ сака да функционира како најголемиот светски стартап, што значи дека целта е отстранување на овие слоеви.

Џеси претходно истакна дека со големиот раст на компанијата доаѓаат и промени, вклучувајќи и негативни ефекти, како што е бирократијата, која станува товар за компаниите кои сакаат да напредуваат и да бидат иновативни. Со овие отпуштања, се чини, компанијата сака да се ослободи од тој товар.

Исто така, од компанијата споменуваат дека отпуштањата се делумно насочени кон подготовка за идното влијание на вештачката интелигенција, а компанијата се фокусира и на роботизација. Според еден извештај, во иднина наместо 600.000 луѓе потребни за различни работни позиции, компанијата планира да вработи роботи.

Извор: Zimo.dnevnik.hr 
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот