Речиси една деценија пред да се роди шведската активистка Грета Тунберг, градот Вексјо започна нова визија за зелен урбан живот - пишува Би-би-си за илјадагодишниот град кој се наоѓа 450 километри југозападно од Стокхолм, во регионот Смоланд. Ќе го најдете во средината на зелен пејзаж исполнет со шуми и стотици езера. Областа е позната и како Гласрикет (Кралство на стаклото), прекар што го должи на големиот број светски познати производители на стакло.
Покрај производството на прекрасни кристални предмети, Вексјо се гордее и со борбата против загадувањето. Овој град со помалку од сто илјади жители стана светски лидер во борбата против климатските промени. Вексјо ги постави темелите за нов концепт на урбан живот, кој подоцна го усвоија и други градови низ целиот свет.
- Во 1996 година се појави прашањето за живеење во град без фосилни горива - објаснува Хенрик Јохансон, експерт за животна средина во општината Вексјо.
Едногласно била донесена одлука Вексјо да стане првиот град во светот кој се обврзал на целосна независност од фосилните горива. Денес таа цел е проширена на уште поамбициозен план: климатска неутралност до 2030 година - цели 15 години пред цела Шведска да ја постави истата цел.
Луд град?
Визионерскиот потег на Вексјо во 90-тите години им го привлече вниманието на новинарите од целиот свет, кои дојдоа да го видат градот, кој Јохансон хумористично го нарекува „луд град“ кој сака да се ослободи од фосилните горива. Денес, таков потег воопшто не изгледа лудо: емисиите на јаглерод диоксид по глава на жител се намалени за повеќе од 70 проценти, во споредба со нивоата од 90-тите, додека населението се зголемило за една третина, а БДП по глава на жител се удвоил.
Во Вексјо градските автобуси и општинските возила користат биогориво произведено од органски отпад од домаќинствата. Повеќе од 90 проценти од енергијата доаѓа од шумски нуспроизводи и слични супстанции од околното подрачје: од струготини од локалните пилани до гранки оставени од сеча на дрвја за мебел.
Преостанатите емисии на јаглерод доаѓаат главно од приватни автомобили бидејќи не сите возачи ги користат станиците за полнење на електрични возила и бензинските пумпи за биогорива, како што е етанолот, кој градот го нуди во изобилство. Смелиот чекор на трансформација е видлив и во архитектурата: Вексјо е можеби најдобриот пример во светот за град каде што големите згради се направени од дрво. Половина од сите нови згради мора да бидат изградени од овој природен материјал.
- Оваа средина не само што обезбедува визуелно задоволство, туку и го подобрува квалитетот на животот на жителите. Луѓето се чувствуваат подобро кога се опкружени со дрво - изјавила архитектката Карин Хард Аф Сегерстад.
Извор: punkufer.dnevnik.hr
Фото: YouTube screenshot