X
 04.04.2021 Наша тема

Факултети.мк наполни 10 години. Деца.мк слави трет роденден

Факултети.мк денеска одбележува јубилеј - 10 години работа во дигиталниот медиумски простор. Со професионален новинарски тим и уредувачки колегиум, постојан интерактивен ангажман и над половина милион читатели месечно, се заокружува децениска посветеност на читателскиот и општествениот интерес. Објективноста, суштината и позитивните вредности беа и се водилка на ангажманот кој му доликува на сериозен и посветен медиум.

А сè почна со мала интернет-страница и многу ентузијазам. Со идеја за интерактивна врска на студентите, факултетите и сè што е во видикот на нивниот интерес, пред една деценија беше создаден веб-форум кој за многу кратко време покажа каде треба да се движиме, заедно со публиката. Форумот прерасна во портал, а тој во медиум...
Создавањето професионална редакција со сите нишани на сериозен медиум беше и желба и неминовност. Од таа редакција низ годините излегоа многубројни рубрики, илјадници авторски новинарски текстови, мноштво објави од стручни соработници и еминентни имиња од сите области, плодна соработка со факултетите, академската заедница, научната фела, бизнис-секторот...

Од таа редакција се роди и брзо стана реалност и нов медиум - Деца.мк, кој во последните три години, колку што постои, со триесетина редовни стручни соработници, лекари, психолози, наставници, педагози и со над 300.000 читатели месечно е сериозен учесник во родителството, образованието и здравиот развој на децата во секој сегмент.

Децениската посветеност и работа го дадоа посакуваниот резултат - објективно информирање, поттикнување на критичката мисла, слободно изразување, производи корисни за широката читателска публика.

Задоволни сме што на многумина Факултети.мк и Деца.мк им се први во „букмарк барот“ за квалитетна информација, што академската и општествена заедница бараат простор повеќе за објава, а бизнисот виде сериозен партнер.
Уште позадоволни сме што со нашите текстови, заедно со публиката, отворивме многу хоризонти, што со нашите објави и огласи придонесовме многу средношколци и студенти да си го трасираат академскиот пат, направивме видливи многу наши сограѓани, што даваме придонес за граѓанскиот и државен интерес и одговорност, а општествената и политичката елита се замислуваат на нашата конструктивна критика.
Тука сме, и остануваме на само еден клик од публиката, нејзиниот интерес и слободната мисла.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема