Грчката влада планира да ја укине анонимноста на социјалните мрежи за да го намали сè поголемиот говор на омраза и навреди на интернет, изјави министерот за дигитална технологија Димитрис Папастергиу.
- Во Античка Грција секој можел отворено и со своето име да го изрази сопственото мислење. Би кренале рака и би го споделиле својот став. Ова треба да нè инспирира додека ја обликуваме новата дигитална демократија - изјави министерот.
Иако идејата за забрана кружи со месеци, сега со неа се занимаваат високи функционери, вклучувајќи ја и канцеларијата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Грција на почетокот од 2027 година ќе одржи парламентарни избори, а предизборната кампања веќе неофицијално е започната.
Намерата не е да се укинат псевдонимите, туку да се осигури дека секој профил одговара на вистинска личност
Владата на Грција тврди дека политичката дебата на социјалните мрежи често се претвора во координирано вознемирување, ширење лажни вести, закани и говор на омраза преку анонимни профили, а во одредени случаи полицијата не успеала да ги идентификува корисниците што го прекршиле законот. Министерот Папастергиу оцени дека главниот проблем на анонимноста е „токсичноста“ и можноста без последици да се нарушува нечиј углед.
- Главниот проблем што стои зад анонимноста е токсичноста, особено на социјалните мрежи. Секој може да оцрни поединец и да изврши карактерно убиство без никакви последици. Мораме да најдеме начин да ги обврземе платформите да го верификуваат идентитетот на профилите. Постојат многу технички начини да се постигне тоа - рече Папастергиу.
Заменикот на грчкиот премиер, Павлос Маринакис, појасни дека намерата не е да се укинат псевдонимите, туку да се осигури дека секој профил одговара на вистинска личност, но не го исклучи проширувањето на таквите мерки на поширокиот интернет, вклучувајќи ги и вестите на порталите.
Критичарите ја истакнуваат техничката сложеност на проблемот и посочуваат дека пристапот на ниво на целата ЕУ би можел да биде попрактичен за спроведување.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik