Данска ќе ги забрани мобилните телефони во училиштата и училишните клубови по препорака на владина комисија, која исто така препорачува децата под 13 години да не поседуваат паметен телефон или таблет.
Владата најави измени во законодавството за да ги обврзе сите основни и средни училишта да станат „зони без телефони“, што значи дека речиси сите ученици на возраст од 7 до 16-17 години нема да смеат да носат мобилни телефони во училиштата.
Оваа одлука претставува пресврт во политиката на данската влада, која претходно одбиваше да воведе ваква забрана. Таа доаѓа во време кога повеќето европски земји се обидуваат да воведат построги регулации за пристапот на децата до мобилни телефони и социјални мрежи.
Комисијата за благосостојба, формирана од премиерката Мете Фредериксен во 2023 година, го објави својот долгоочекуван извештај, во кој предупредува на дигитализацијата на детството и младоста. Во извештајот се препорачува подобар баланс меѓу дигиталниот и аналогниот живот, а една од 35. препораки е токму забраната за користење телефони во училиштата.
- Потребно е да го вратиме училиштето како образовен простор, каде што децата ќе имаат можност да размислуваат, а не како продолжение на детската соба - изјави министерот за деца и образование Матијас Тесфаје.
Ќе постојат исклучоци за ученици со посебни образовни потреби, но министерот нагласи дека мобилните телефони не спаѓаат во училиштата, ниту за време на часовите ниту за време на одморите.
Ризик од изложеност на штетни содржини
Истражувањата на комисијата покажаа дека 94 отсто од младите имаат профил на социјални мрежи пред да наполнат 13 години, иако тоа е минималната дозволена возраст на многу платформи. Покрај тоа, утврдено е дека деца на возраст од 9 до 14 години поминуваат во просек три часа дневно на „Тик-ток“ и „Јутјуб“.
Комисијата предупреди дека ова го зголемува ризикот од изложеност на штетни содржини, притисок за постојана достапност и создавање нереални споредби. Исто така, тоа им одзема време за физички активности, дружење со семејството и пријателите и други суштински аспекти на детството.
Комисијата препорачува да се принудат технолошките компании да ги заштитат децата од „зависнички“ дизајни и несоодветни содржини. Родителите, пак, не би требало да им даваат паметен телефон или таблет на своите деца пред да наполнат 13 години.
Претседателот на комисијата, Расмус Мајер, ја спореди забраната за мобилни телефони со забраната за пушење во училиштата, истакнувајќи дека моментот кога дете ќе добие паметен телефон, тој ќе ја колонизира целата негова реалност.
Франција неодамна тестира концепт наречен „дигитална пауза“, каде што учениците ги оставаат своите телефони по пристигнувањето во училиштата.
Норвешка, пак, неодамна најави минимална возраст од 15 години за користење социјални мрежи, со цел да ги заштити децата од влијанието на технолошките компании.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik