X
 04.06.2023 Наука

Снимка покажува дека и октоподите имаат кошмари

Научниците забележале необично однесување кај октопод, за кое велат дека изгледа слично како кога се будиме од кошмар.

Цефалоподот, наречен Костело, бил сниман 24 часа на ден во лабораторија на Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк, во период од еден месец.

Во четири наврати октоподот се разбудил наеднаш пред да има антипредаторско и грабливо однесување, менувајќи ја бојата и мавтајќи со пипалата наоколу. Во два од случаите октоподот исфрлил црно мастило во водата, што е вообичаена тактика што се користи за да избега од предаторите, и покрај тоа што немало никаква опасност.

Однесувањето покажало дека е во привремена неволја, што според научниците може да сугерира дека реагирал на лош сон.

- Беше навистина бизарно затоа што изгледаше како да има болка, како да страда. Потоа стана како ништо да не се случило и нормално си го продолжи денот - вели Ерик Анхел Рамос, еден од истражувачите.



Кога Костело дошол во лабораторијата, се чинело дека претрпел тешки повреди, вклучително и губење на поголемиот дел од пипалата, за што истражувачите велат дека веројатно се должи на претходен напад. Тие посочуваат истражување кое покажало дека таквите случаи кај животните може да резултираат со долгорочна бихевиорална и нервна хиперсензитивност, сугерирајќи дека Костело можеби реагирал на сеќавањата на нападот.

Но, друг научник кој не бил вклучен во набљудувањето на Костело вели дека за чудното однесување може да има друго објаснување. Робин Крук, вонреден професор по биологија на Државниот универзитет во Сан Франциско, вели дека однесувањето на октоподот може да се должи на стареење, односно кога телото на октоподот почнува да се распаѓа пред смртта. И навистина, Костело починал набрзо по овие епизоди.

Авторите на истражувањето забележуваат дека резултатите не можат да се сметаат за конклузивни додека не се повторат. Бидејќи епизодите биле минливи, научниците препорачуваат да се набљудуваат и други октоподи 24 часа на ден за да се открие и нивното однесување.

Извор: Science Alert
Фото: Ramos et al., bioRxiv, 2023
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука