X
 04.07.2022 Живот

Како да се пријавите за да можете да се движите во Националниот парк Маврово

Поради високите температури и опасноста од појава на шумски пожари, Јавната установа Национален парк „Маврово“ воведе задолжително пријавување на поединци или групи кои планираат движење во шумите и шумското земјиште на територија на паркот во периодот од 6 до 20 часот.

Оттаму известуваат дека задолжителното пријавување за движење на територија на НП „Маврово“ не важи за органите на Министерството за внатрешни работи, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, субјектите што вршат шумскостопански активности, сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти, како и риболовци кои поседуваат важечка дозвола за риболов.

- Пријавувањето може да го извршите во просториите на туристичкиот инфо-центар во Маврови Анови или преку е-пошта на mavrovonationalpark@gmail.com со пополнување и испраќање на образецот Пријава за движење на територија на НП „Маврово“ - соопштија од националниот парк.

Тие објавија и инструкции што треба да се следат доколку сакате да пријавите движење на територијата на националниот парк.

Најпрвин треба да одите на линкот http://npmavrovo.org.mk/download/5083/ и да го преземете образецот: Пријава за движење на територија на НП „Маврово“. Потоа треба да го пополните, потпишете и скенирате документот и да го испратите на mavrovonationalpark@gmail.com.

Потоа одете на www.npmavrovo.mk/tickets од каде што можете да извршите уплата на туристичка такса за влез во паркот (30 денари по лице за секој ден од вашиот престој на територија на паркот).

Во пораката што ќе ја испратите заедно со пополнетата пријава за движење на територија на НП „Маврово“ наведете име и презиме на лицето на кое ќе ја извршите уплатата на туристичка такса за влез во НП „Маврово“ (едно лице може да изврши уплата и за поголема група на посетители), за да може истата да се евидентираме и да бидат известени службите кои вршат контрола дека вие или вашата група сте уредно пријавени.

Доколку пријавувате групата поголема од 5 лица, тогаш треба да доставите и посебен список со информации за сите посетители што ќе бидат со вас.

Откако ќе го направите ова, службите ќе ви одговорат и ќе ви го достават образецот: Дозвола за движење на територија на НП „Маврово“.

- За лицата што своето движење во паркот ќе го пријават по електронски пат, како доказ дека поседуваат дозвола за движење и ги регистрирале своите активности ќе служи и потврдата за уплатена туристичка такса која системот на вашата електронска адреса ќе ви ја достави автоматски. Ве молиме сите претходно наведени обрасци, како и потврдата за уплатена туристичка такса, да ги зачувате и да ги приложите доколку тоа ви биде побарано од ренџерските служби или од страна на граничната полиција - порачуваат од НП „Маврово“.

Оттаму додаваат и дека жителите на Општина Маврово и Ростуше своето движење во шумите и шумското земјиште на територија на паркот може да го пријават кај претставниците на ренџерската служба на НП „Маврово“ или на тел: 078/495-570 за жители на Мавровскиот регион и 078/495-598 за жителите на Реканскиот Регион. Жителите на Општина Маврово и Ростуше се ослободени од обврската за уплата на туристичка такса за влез на територија на НП „Маврово“.

Доколку забележите пожар или друг случај на загрозување на природата, пријавете на: mavrovonationalpark@gmail.com или на телефоните 042/489-425 и  042/489-019

Насловна фотографија: npmavrovo.org.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот