Професоре Макарович, која е причината да доаѓаат студенти од Македонија на Факултетот за информатички студии кога и тука има факултети каде што се изучуваат информатичките студии?
Мислам дека главна причина е достапноста. Билатералниот договор меѓу Словенија и Северна Македонија овозможува македонските студенти, бесплатно, да студираат на додипломски и магистерски студии на различни програми на словенечките јавни високо-образовни институции, како што е Факултетот за информатички студии. Тоа е одлична можност, кои многу веќе ја искористија, но уште многу ќе ја користат. А зошто го избираат нашиот факултет? Пред се, затоа што на ФИШ сме посебно отворени за меѓународни студенти, имаме богато и позитивно искуство со нив, ја нудиме целосната потребна поддршка при студиите. Затоа не е ни чудно што, речиси, секој петти студенти доаѓа од друга земја. Оваа бројка ќе се зголемува согласно нашите стратешки насоки во иднина.
Што добиваат овие студенти на ФИШ?
Прво и најважно, ова е збир на содржини кои нудат одлични можности за вработување или за претприемништво – без разлика дали станува збор за технички и инженерски вештини во областа на компјутерските науки, веб-технологиите, сајбер безбедноста, општествените науки, лидерските и деловните вештини поврзани со дигиталните технологии или создавање додадена вредност од големи податоци во рамки на науката за податоци. Постојано ги обновуваме и прилагодуваме нашите студиски програми на барањата на пазарот и технолошкиот развој, секогаш слушајќи ги и работодавачите и нашите дипломци. Второ, нашиот образовен процес е одлично поддржан од технологијата. Бидејќи секоја предавална има паметна табла и систем за видео-конференции, студентите може да изберат дали да присуствуваат на индивидуални предавања во живо или да учествуваат онлајн. И конечно, на студентите им е потребна не само вистинската содржина, туку и соодветната репутација на институцијата и репутација на дипломата што произлегува од неа. И од оваа перспектива, ФИШ е прилично разбирлив избор - не затоа што нуди најлесен пат до диплома, туку затоа што неговата диплома има соодветна репутација.
Освен едукација, на ФИШ се работат и различни Интераг и/или Еразмус програми. Која е придобивката за студентите?
На ФИШ цврсто веруваме дека сериозен факултет секогаш е институција за истражување и развој, а не само образовна институција. Во однос на вклученоста на нашите вработени во национални и меѓународни истражувачки, развојни и апликативни проекти, сме меѓу првите во Словенија и сме високо конкурентни во Европската Унија. Од една страна, ова значи дека најновите научни истражувања и професионалното искуство на нашиот наставен кадар се пренесуваат на студентите во реално време. Од друга страна, тоа исто така, значи дека нашите студенти може да се вклучат во различни проекти и на тој начин да стекнат дополнително практично искуство. Важно е студентите да можат да се докажат за време на студиите преку посложени задачи во разни реални проекти на факултетот. На додипломски студии, ова е прашање на избор, но на постдипломски студии е задолжителен дел од образовниот процес. Ваквите искуства не се вредни сами по себе, туку се и важен дел од биографијата на студентот и стануваат побрз пат до подобро вработување.
Кои се вашите очекувања од вештачката интелигенција и информатичките науки во иднина?
Секако, особено внимаваме на можностите и стапиците на вештачката интелигенција, бидејќи тоа ќе доведе до навистина драматични промени - на ниво на самиот образовен процес и на ниво на очекувани промени на пазарот на трудот и претприемничките можности. За разлика од некои, никогаш не бегаме од вештачката интелигенција, туку се обидуваме да ги обучиме нашите ученици да ја користат како вреден асистент во сопственото креативно размислување и креација, а не како нешто што мисли наместо нив. Убеден сум дека во иднина, нашите дипломци ќе бидат меѓу оние кои ќе знаат како оптимално да ја користат вештачката интелигенција, а не меѓу оние кои ќе бидат заменети од вештачката интелигенција.
Имате ли или размислувате ли за некоја соработка со Македонија во смисла на образование, заеднички проекти, поддршка за подобрување на квалитетот на образование?
Веќе имаме успешни искуства со заеднички проекти со македонски партнерски институции и во рамки на европското финансирање од Хоризонт и Еразмус. Оваа соработка сигурно ќе продолжи и во иднина. Ваквите проекти се можност за меѓусебно учење и стекнување искуство што може да користи на Македонија и на нејзините граѓани и да го подобри функционирањето на нејзините институции. Секако, одлична можност за поединците лежи и во самата можност за студирање во Словенија. Многу македонски граѓани по успешното завршување на студиите остануваат во Словенија и градат успешни кариери, додека други ги градат своите кариери дома - заедно со стекнатите знаења и вештини.