X
 12.11.2025 Живот

2.200 евра плата, бесплатна храна и сместување, но никој не се пријавува: Австрија се соочува со недостиг на работници

Како што Алпите се подготвуваат за првите туристи и почетокот на зимската сезона, австриските угостители се соочуваат со сериозен проблем на недостиг на работници. Иако ски-центрите во Австрија се меѓу најпосетените во Европа, зад кулисите владее паника - кој ќе ги послужува гостите и кој ќе ја приготвува храната кога хотелите ќе се отворат?

Проблемот со недостиг на сезонски работници не е нов, но оваа година ситуацијата, според работодавците, достигна критична точка. Угостителскиот сектор со години се соочува со недостиг на кадар, а ковид-пандемијата дополнително го влоши тоа. Многу вработени тогаш ја напуштиле професијата и никогаш не се вратиле.

- И пред короната не беше лесно да се најде квалификуван персонал од Австрија, а сега е уште потешко. Многумина за време на пандемијата преминаа во други индустрии и повеќе не се вратија во угостителството - вели еден сопственик на хотел.

Поради тоа, хотелот е принуден да бара персонал од странство. Преку австрискиот завод за вработување АМС, сопственикот објавил оглас за келнер или келнерка за зимската сезона, од 18 декември 2025 до 6 април 2026.

Од кандидатите се бара познавање на германскиот јазик, работење самостојно, одговорност и љубезност кон гостите. Пожелно е и претходно искуство во послужување храна и пијалаци. Понудата изгледа привлечна: 2.200 евра минимална месечна бруто-плата, со можност за дополнителни бонуси, бесплатно сместување и оброци. Но, и покрај тоа, засега нема соодветни пријави.

- Досега стигнаа само неколку несериозни пријави од Мароко - вели сопственикот разочарано.

Австриската влада и АМС последните месеци активно го промовираат сезонското вработување кај странски работници, особено од Европската Унија и земјите од Западен Балкан, но интересот и понатаму е слаб.

Како што предупредуваат локалните медиуми, сѐ поголем број хотели и ресторани зависат од увезена работна сила, најмногу од Хрватска, Словенија и Унгарија, но ни тоа повеќе не е доволно.

Доколку ситуацијата наскоро не се промени, австриските ски-центри би можеле да се соочат со нова криза и сезона без доволно келнери, готвачи и чистачи, токму во време кога се очекува рекорден број на туристи.

Извор: Dnevno.hr
Фото: Pexels
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот