Науката се гради врз знаењето, но и врз луѓето кои со својата посветеност оставаат трага за генерациите што доаѓаат. Токму таква е и приказната за д-р Анастас Коцарев – научник и македонски деец чие дело и денес отвора простор за размислување за значењето на науката, истражувањето и националната културна и научна меморија.
По повод Европската ноќ на истражувачите – Гринстарс „ИЗБЕРИ НАУКА! ГРАДЕЊЕ НА ОПШТЕСТВОТО ПРЕКУ НАУКА И ИНОВАЦИИ“, која на 25 септември 2026 година ќе се одржи и во Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“, дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС во соорганизација со Националната установа – Универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“ – Битола ќе организира централен настан на проектот во кој низ специјална изложба и документарна проекција ќе го претстави животот, делото и научното наследство на Коцарев. Во годината кога се одбележуваат 35 години од независноста на државата, ова е и можност за навраќање кон личности кои со своето дело придонеле кон македонската научна и национална афирмација. За наследството што го оставил д-р Коцарев, но и за спомените и семејната меморија што продолжуваат да го чуваат неговиот лик и дело, разговараме со негова потомка, д-р Соња Коцарева Трпезановска, специјалист-физијатар во пензија.
УКЛО КОЛОРС: По повод Европската ноќ на истражувачите, УКЛО го актуелизира животот, делото и научното наследство на македонскиот онкологот Анастас Коцарев. Што за вашето семејство значи ваквата поврзаност?
Д-р Коцарева Трпезановска: Во 2011 година на Универзитетот „Св Климент Охридски“ во Битола, за прв пат после сто години беше говорено за ликот и делото на мојот предок д-р Анастас Коцарев, а во рамките на Европскиот проект Истражувачка видливост, благодарение на проф. д-р Божин Доневски, кој беше носител на овој проект, на иницијатива на проф. д-р Љупчо Трпезановски, а во рамките на чествувањето - 100 год. од Нобеловата награда за Хемија на Марија Склодовска Кири. Благодарение на овој проект беше изработен и документарен филм за животот и делото на д-р Коцарев како близок соработник на нобеловката, а врз напишан текст од моја страна, кој беше објавен уште во 2009 г. во медицинското списание Вокс Медици. На тој начин после долги години заборавеност од нашата држава на еден ваков брилијантен ум кој е роден во Охрид но го завршил средното образование во Битола, започна неговото враќање од заборав за што јас и мојата фамилија Коцареви сме бескрајно благодарни.
УКЛО КОЛОРС: На изложбата во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола ќе бидат претставени различни прилози посветени на д-р Коцарев. Како го доживувате овој начин неговото дело да ѝ биде претставено на пошироката јавност, особено на младите?
Д-р Коцарева Трпезановска: Д-р Коцарев бил пионер во радиологијата и онкологијата, почесен професор по експериментална медицина и патологија на престижниот Универзитет во Париз – Сорбона, имал две докторски дисертации во Женева и Париз, бил лауреат на Париската медицинска академија, има напишано голем број трудови и монографии кои и денес се цитираат во светот. Ја направил првата слика на малигна метастаза на карлична коска во светот, кај заболен пациент од рак и тоа на фотографска плоча, со вбризгување на радиоактивен колоид дирекно во малигното ткиво. Така да неговото преставување во нашата јавност, а пред се пред младите е од големо значење бидејќи тие се идните академски граѓани т.е двигателната сила на сите полиња, а особено во науката, кои понатака ќе придонесат за понатамошниот напредок и раст на науката во нашата земја но и во светот.
УКЛО КОЛОРС: Д-р Анастас Коцарев бил научник чие дело се одвивало во време кога научното истражување барало огромна посветеност, истрајност и визија. Тој бил близок соработник на нобеловката Марија Кири, професор на Сорбона и најверојатно, покрај Мајка Тереза, се смета дека е единствениот Македонец што со своето дело бил многу блиску до добивање на Нобеловата награда. Што сметате дека е најважно за денешните истражувачи да научат од неговиот пример?
Фото: Радиопела
Д-р Коцарева Трпезановска: Д-р Коцарев е светол пример за идните студенти кои ќе се занимаваат со наука и истражување бидејќи од неговиот животен пат можат да видат дека не е важно од колку мала земја потекнуваш, за жал во тоа време нашата татковина била распарчена и непризнаена. Тој успеал со својата трудољубивост, знаење, посветеност на науката да придонеси во изнаоѓање на метода за дијагностицирање но и лекување на ракот кај луѓето и во тоа безпоштедно се вложувал. Неговата соработка со Марија Кири била во време кога таа била директорка на Лабораторијата за радиоактивност во Сорбона, а тој работел со терминални болни на кои директно им вбризгувал радиоактивен матерјал во малигното ткиво, за дијагностика но и лекување со видни резултати. Заради својата работа и истражувања било пишувано за него во престижните весници Тајмс и Сајанс и јавно бил повикуван да ги продолжи своите истражувања во Америка. Ова е само дел од неговата научна работа, а кое на младите може да им го посочиме како прекрасен пример, дека само со својата неуморна работа може да се оди напред и да се постигне високо реноме и почит како во науката така и во општеството.
УКЛО КОЛОРС: Кога зборуваме за научник од минатото, често се задржуваме на неговите научни достигнувања. Што би сакале посетителите на настанот и изложбата да дознаат за Коцарев како човек – за неговиот карактер, вредности, љубопитност и однос кон науката?
Д-р Коцарева Трпезановска: Јас како дете растев со раскажувањата за мојот предок, а и на сите деца во семејството ни раскажуваа како за исклучително трудољубив, вреден но и добар човек, кој целиот свој живот го посветил на учењето и на науката. Тој постојано бил опкружен со книгите. Имал огромна желба да заврши медицина за да им помага на луѓето особено заради трагедијата во семејството, млади му починале двете сестри, а покасно и неговата мајка ја изгубила битката со тешката болест, имала рак на матката. Неговата големина се гледа и од раскажувањата на моите дека кога последно престојувал во Охрид од секаде доаѓале болни луѓе, а тој ги лекувал без пари, на што реагирале неговите блиски кои му укажувале дека ако сака да продолжи да истаржува мора и да заработува бидејќи во тоа време целото школување и понатамошните истражувања и во Швајцарија и во Франција ги финансирало семејството Коцареви, кое било доста угледно и имуќно и кое продало еден чифлик за да ги покрие трошоците за неговото образование.

Фото: Архива на универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Битола
УКЛО КОЛОРС: Европската ноќ на истражувачите е истакнат настан кој се поддржува во програмата Марија Склодовска Кири. Програмата наменета за извонредност и мобилност во докторските и постокторските истражувања годинава слави 30 години од својата иницијација. Истата има за цел науката и истражувачите да ги приближи до пошироката јавност, особено до младите. Може ли приказната за Анастас Коцарев да биде поттик за една млада генерација да се заинтересира за науката и истражувањето?
Д-р Коцарева Трпезановска: Секако дека може да се поттикнат младите да се заинтересираат но и да ја засакаат науката со вакви примери. Ние децата во фамилијата Коцареви растевме со пиететот за нашиот предок и многу од нас завршија медицински науки по неговиот пример, но и правни науки, уметност, инжињерство и т.н. Тие денес се видни личности во општеството. Еден од најреномираните членови на фамилијата Коцареви е и академик Љупчо Коцарев, македонски и светски деец, и еден од најцитираните научници, со кој исто така треба сите да се гордееме и да биде светол пример како научник и патриот за новите генерации. Македонскиот народ е умен народ, имаме многу примери во минатото, но и денес, затоа се повеќе треба да се говори за вакви личности кои се успешни и почитувани во науката од светот.
УКЛО КОЛОРС: Токму затоа, годинава, преку проектот Избери наука!, свечениот настан којшто ќе ја отвори програмата во Скопје, го има академик д-р Љупчо Коцарев со свое обраќање, што ја поврзува нишката на минатото, сегашноста со иднината, преку сестраното дејствување на сите вас како членови на фамилијата Коцареви.
Во годината кога одбележуваме 35 години независност, колку е важно да се навраќаме на научници како Анастас Коцарев и преку нивното дело да го градиме и афирмираме македонскиот научен и национален идентитет и да им го дадеме заслуженото место во колективната меморија?
Д-р Коцарева Трпезановска: Националниот идентитет се гради на повеќе полиња, секако и со вакви светли примери за кои постојано треба да истражуваме но и да говориме, бидејќи само така остануваат во колективната меморија на сите нас, особено за младите генерации на кои ќе го оставиме светот. Јас сметам дека кога младите ќе се запознаат со тоа колку вредни и паметни луѓе имаме, ќе се гордеат и секаде со гордост ќе кажуваат дека потекнуваат од една мала но прекрасна земја Македонија во која народот е најголемото богатство.
УКЛО КОЛОРС: Неодамна и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, постхумно го одликуваше Анастас Коцарев со Орден „Илинден – 1903 година“, за неговиот особен придонес во афирмирањето на самобитноста на македонскиот народ, како и за неговото залагање и активизам за национално и социјално ослободување и создавање независна македонска држава.
Д-р Коцарева Трпезановска: Заради неговото дело тој беше постхумно одликуван од почитуваната Претседателка на Македонија Гордана Силјановска Давкова, која заедно со почитуваните членови на Комисијата за одликување ја препознаа неговата големина не само како научник туку и како патриот и му го доделија орденот - Илинден 1903 година - орден за неговиот особен придонес во афирмирањето на самобитноста на македонскиот народ и за залагање и активизам за национално и социјално ослободување и создавање независна македонска држава.
УКЛО КОЛОРС: На централниот настан во Битола, а и на посетителите на изложбата што е во подготовка, имате свечена покана од организаторите, да им се обратите на посетителите. Што би им кажале - зошто треба да ја запознаат приказната за д-р Анастас Коцарев?
Д-р Коцарева Трпезановска: Д-р Коцарев се водел од една прекрасна мисла и тоа го спроведувал во дело, да се сака и да се работи беспоштедно во науката, не заради себе туку пред се заради повисоки цели, а тоа е општото добро. Тој со својата научна работа и го докажал тоа но никогаш не заборавил на своите корени и својот народ, бил голем патриот и својот углед и авторитет го користел за актуелизирање на македонското прашање во Европа и Светот. Само тој со својот обединувачки дух успеал да ги обедини сите друштва на Македонците во Швајцарија, неуморно работејќи за остварување на идејата Македонскиот народ да има право на своја независна и слободна држава без влијание од соседните држави.
Спиралата на ДНК на нашата држава се испреплетува со сличен контекст низ целата своја историја, па и во денешнината. Затоа, оваа значајна, своевидна “рендген-снимка” на делата на научните космополити, во кои ги вбројуваме македонските дејци од семејството Коцареви, претставува инспирација како да продолжиме понатаму во својата борба како индивидуи и како држава - со извонредност, квалитет, неуморна работа, сестраност, широкоградост и широкогледост.
(Комерцијална објава)