X
 23.05.2023 Образование

Успешно одржан Семинар од областа на ветеринарната медицина во организација на Ветеринарниот факултет – Битола

Семинар од областа на ветеринарната медицина во организација на Ветеринарниот факултет – Битола, единица на УКЛО и во коорганизација со Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, на 20 мај 2023 г. обедини околу 200 учесници, меѓу кои стручњаци од ветеринарната медицина од Македонија и пошироко. На семинарот стручни презентации одржаа професори од Департманот за ветеринарна медицина на Земјоделскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад, меѓу кои: д-р Иван Станчиќ, д-р Бојан Тохољ и д-р Михајло Ердељан, како и докторот по ветеринарна медицина Никола Буневски. Од домаќините стручни презентации одржаа д-р Петар Додовски, д-р Панче Дамески и д-р Игор Здравески.

grupna

Деканот на Ветеринарниот факултет– Битола, проф. д-р Никола Карболовски, истакна дека е големо значењето на перманентна едукација на ветеринарите, дека е нужен и неопходен освртот кон значајни теми и прашања од ветеринарната медицина. Според него, апсолвирана е вистината дека добар ветеринар е едуциран ветеринар, дека добар ветеринар е образован ветеринар, не само извежбан, туку и образован.

2

Деканот Караболовски посебно потенцира дека ветеринарната медицина е еден вид работна уметност и во таа насока, семинарот го помага најважното: да се научи нешто повеќе за работата, да се збогатат сознанијата, за тоа што е важно во работата, за поуспешна и попродуктивна едукација на младите генерации ветеринари. Според него, задоволството дека ветеринарната медицина е емпатична професија, за Ветеринарниот факултет – Битола претставува дополнителна обврска, сериозна и комплексна определба - да се знае како треба да ги третираат пациентите, да се користи квалитетно знаењe.

Тоа впрочем го потенцираа и самите студенти. Ана Талевска е студентка во петта година на Ветеринарниот факултет - Битола:

„Мите впечатоци се позитивни и за тоа кон што целиме. Се приближуваме кон нешто што досега не се случило во Битола, ова е првпат и за нас како студенти е многу значајно искуство и позитивно искуство, бидејќи како студенти сме целоно вклучени во организацијата почнувајќи од подготовка за списоците до други посложени организациски моменти. Секако, ова е и особено позитивно во делот од нашата пракса, се запознаваме со професори од други универзитети и од други земји, знаењето што ни го пренесуваат ќе биде доста корисно. Ги запознаваме и добавувачите и компаниите што се поврзани со дејноста на ветеринарната медицина.“

dijana

На семинарот од областа на ветеринарната медицина учествуваше и проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ. Тој посочи дека семинарот претставува стручна, академска можност да се прошируваат видиците, да се допираат нови истражувачки хоризонти, да се зајакне академската поврзаност. Според него, тоа што Ветеринарниот факултет - Битола е меѓу помладите единици на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола е своевиден поттикнувачки момент и за Универзитетот и за вработените на Ветеринарниот факултет, да се посветат во реализација на заложбата: да се усогласува наставниот процес со другите ветеринарни факултети, да се развива и да се унапредува наставната, научната и стручната дејност.

Овие ставови ги сподели и Симона Наумовска, дипломиран ветеринар, поранешен студент на Ветеринарниот факултет во Битола. Таа смета дека и завршени, дипломирани студенти му даваат своја поддршка на семинарот - чест да се биде на еден ваков факултетски и универзитетски настан, и вели: „Нашата соработка и по нашето дипломирање продолжува и секако, чест ни е да ги слушнеме излагањата на нашите и на професори од регионот на полето на науката“.

симона

Добриот одѕив на стручната дебата во организација на Ветеринарниот факултет – Битола како важен и значаен професионален собир се цени посебно и од професорите на Ветеринарниот факултет – Битола, меѓу нив и професорот Петар Додовски, кој на семинарот зеде активно учество. „Ова е прв ваков настан на Ветеринарниот факултет и практично ги собира сите колеги од Македонија и пошироко и нуди можност да ги пренесеме нашите знаења не само стручно, туку едноставно и низ дружба. Еве се сретнувам со колеги со кои не сум се видел долго време и со наши дипломирани студенти кои се развиваат во својата професија и несомнено е дека ваквата организација, ваквиот семинар претставува еден убав позитивен момент кој нуди непосредна комуникација, непосредна размена на информации, не само од ветеринарната медицина, туку и зближување меѓу луѓето, некој поколоквијален муабет, така што ваквите семинари имаат повеќекратно значење и треба да имаат една традиција и ние се стремиме кон тоа“.

Позитивна и висока оцена за семинарот во кој се вклучени и студентите изнесе Александар Талевски. Тој е студент во втора година на Ветеринарниот факултет – Битола. „Ова е прв настан во кој учествувам како дел од Факултетот и мојот впечаток е дека е многу добро и успешно да се вклучат студентите активно, може да се запознаат како се организира еден ваков настан, како треба да се однесуваат, кои се потребните работи и исто така да научат нови работи и искуства и сето тоа е многу успешно.“

Инаку, во рамките на програмата на Семинарот стручни презентации одржаа професори од Департманот за ветеринарна медицина на Земјоделскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад, меѓу кои: д-р Иван Станчиќ, д-р Бојан Тохољ и д-р Михајло Ердељан, како и докторот по ветеринарна медицина Никола Буневски. Од домаќините стручни презентации одржаа д-р Петар Додовски, д-р Панче Дамески и д-р Игор Здравески.

Семинарот од областа на ветеринарната медицина од Ветеринарната комора на Република Северна Македонија е акредитиран со девет бода.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование