X
 04.12.2025 Живот

АмЧам избра нови членови во Одборот на директори и го прослави 25-годишниот јубилеј

Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) вчера го одржа своето 25. Генерално собрание, прославувајќи значаен јубилеј - четврт век работа во поддршка на развојот на домашната економија, подобрување на деловното опкружување и јакнење на партнерствата со институциите и регионалната бизнис-заедница.

Настанот го отвори извршната директорка на АмЧам, Јелена Арсовска, која испрати јасна порака за зрелоста и позицијата на АмЧам како еден од водечките гласови на деловната заедница. Таа истакна дека 2025 беше година на интензивна работа, продлабочени партнерства и силен дијалог со институциите - процеси што го зајакнуваат патот кон одржливо и предвидливо економско опкружување.



Пригоден говор одржа Иван Костиќ, претседател на Одборот на директори, кој ја истакна трансформацијата на АмЧам во изминатите 25 години, од бизнис-асоцијација до кредибилен реформски партнер кој го поддржува креирањето фер, транспарентно и конкурентно пазарно опкружување.

„Овој јубилеј е потврда на континуитетот, визијата и заедништвото со кое ги градиме економијата и заедницата што сите ги посакуваме“, истакна Костиќ, повикувајќи ги компаниите да продолжат активно да придонесуваат кон поконкурентно и европски ориентирано деловно опкружување.



Свое поздравно обраќање на настанот имаше и Дејвид Мајерс, вршител на должноста заменик-шеф на мисија во Амбасадата на САД во Скопје.



Во рамките на работниот дел, членките на АмЧам ги усвоија годишните извештаи, ревизорскиот извештај и го потврдија приемот на нови компании-членки. Потоа, согласно статутарните правила, продолжи процесот на гласање за избор на членови на Одборот на директори каде што мандатот им беше доделен на Живко Мукаетов (Алкалоид), Огњен Лазиќ (Пивара Скопје), Драган Давитков (PwC), Александра Ивановска (Рош) и Костас Николау (Титан Усје).

По завршувањето на официјалниот дел, АмЧам организира посебен јубилеен прием на кој присуствуваа и институционални партнери, меѓународни организации, дипломатски претставници и компании-членки. Настанот ја истакна улогата на АмЧам како платформа што ги спојува приватниот и јавниот сектор, гради партнерства и иницира структурни реформи.

За АмЧам Северна Македонија

Американската стопанска комора во Северна Македонија е бизнис-асоцијација на повеќе од 150 членки од најразличен спектар на бизниси, од мали претпријатија и локални компании до големи странски инвеститори, кои заедно обезбедуваат вработување за повеќе од 42.000 лица и остваруваат годишен приход повисок од 9 милијарди американски долари.

Американската стопанска комора во Северна Македонија е акредитиран член на Стопанската комора на Соединетите Американски Држави и на мрежата на Американски стопански комори во Европа, организација која претставува 49 американски стопански комори од 47 земји во Европа и Евроазија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот