X
 04.12.2025 Живот

Оваа европска земја сака да им биде здодевно на туристите што ја посетуваат

Шведска ги охрабрува туристите да ја посетат и да се досадуваат. Туристичката организација започна кампања која промовира „забавени“ патувања и придобивките од тоа што на одмор немате никакви планови.

Според научни истражувања на кои се повикува Шведска, здодевноста му помага на мозокот да закрепне од сложеноста на секојдневниот живот. Истовремено, земјата се претставува како совршено место за бегство.

Како една од најретко населените земји во Европа, со пространи шуми и безброј езера, Шведска е идеално место за спиење, опуштање и размислување.

- Многу работи можеш да правиш во Шведска. Но една од најдобрите би можела да биде да дојдеш овде, да ја прифатиш тишината и да ти биде здодевно - вели раководителката на организацијата „Посети ја Шведска“.

Здодевноста за која зборуваат не мора да значи дека за време на посетата во земјата не правите ништо, туку тоа значи побавен или посмирен одмор: дигитална детоксикација, престој во природа, колиба во шума.

Меѓу опциите што ги предлагаат се: посета на оддалечена колиба, набљудување на ѕвездите (на пример, во Лапонија), прошетки по снегот или побавни зимски излети.

Исто така, се наведуваат можности за истражување на традиционалната храна, релаксација со ладни бањи во спа-хотели или базени, или пак мирно возење по долги патишта (на пример, маршрутата позната како „Син автопат“ која ги поврзува Шведска, Норвешка и Финска).

Целта на кампањата е наместо брзи патувања полни со авантури, да привлече туристи кои сакаат побавен одмор, со помалку обврски, повеќе мир и можност мозокот да се одмори.

Извор: n1info.hr 
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот