X
 04.12.2025 Живот

Ракуните би можеле да станат домашни миленици бидејќи покажуваат рани знаци на припитомување

Паметниот и приспособлив градски ракун наскоро би можел да развие пократка муцка, што е клучна карактеристика на домашните миленици и други припитомени животни. Биолозите велат дека ова е првпат да се сведочи на раните фази на припитомување на некој вид.

Рафела Леш, доцент на Универзитетот Арканзас во Литл Рок, една средба со градски ракун кој пребарувал низ ѓубрето, без страв од минувачите, ја натерала да се запраша дали можеби сведочи на раната фаза на истиот процес кој пред илјадници години довел до припитомување на кучињата.

- Тоа беше првиот момент кога почнав да се прашувам дали постои разлика помеѓу руралните и урбаните популации, при што урбаните популации се на патот на припитомување - вели Леш.

Отпадот како поттик


Сосема е логично што токму отпадот имал улога во нејзиното сознание. Фосилните записи покажуваат дека волците почнале да се движат околу луѓето пред дури 30.000 години пребарувајќи по отпадот и остатоците од храна. Во текот на илјадници години, промените во однесувањето и физичките карактеристики на волците ги направиле погодни за живот со луѓето. Тоа е, едноставно кажано, доместикација.

- Отпадот е поттик. Каде и да одат луѓето, има отпад. Животните го обожаваат нашиот отпад. Сè што треба да направат е да се навикнат на нашето присуство, да не бидат агресивни и тогаш можат да уживаат во сè што фрламе. Би било соодветно и смешно ако нашиот следен припитомен вид се ракуните - смета Леш.

 

За да ја провери идејата, таа со тимот на студенти истражувала дали градските ракуни развиваат пократки муцки, што е познат индикатор за доместикација.

Сигнали на припитомување


Научникот Чарлс Дарвин забележал дека припитомените животни имаат неколку физички карактеристики кои не се присутни кај нивните диви сродници. Тие обично имале пократки муцки, помали заби, спуштени уши, свиткани опашки и бели шари на крзното. Истражување од 2014 година во списанието „Џенетикс“ објаснува дека помалку агресивните и посмирени единки подобро се снаоѓаат во близина на луѓето, што води кон природна селекција за припитоменост.

Ова влијае врз развојот на ембрионот, конкретно врз бројот на клетки кои формираат карактеристики на главата и лицето, како и на пигментните клетки кои даваат боја на крзното.

Леш се фокусирала на должината на муцката за да утврди дали урбаните ракуни, кои живеат во близина на луѓето, се разликуваат од руралните. Таа и студентите прегледале над 19.000 фотографии на ракуни и нашле 249 фотографии во совршен профил. Тие користеле компјутерска програма за мерење на должината на муцката и целата глава и бил забележан јасен образец: урбаните ракуни имале муцки кои биле 3,6 отсто пократки од руралните.

- Не е многу, но ако се има предвид дека овие животни се на самиот почеток на процесот на припитомување, тоа е прилично јасен сигнал - вели Леш.

Извор: Euronews.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот