X
 10.02.2024 Наука

Постои врска помеѓу депресијата и температурата на телото

За подобро лекување и спречување на депресијата, треба да разбереме нешто повеќе за мозокот и телото.

Интересно е тоа што неколку истражувања идентификуваа врски помеѓу депресивните симптоми и температурата на телото, но со оглед на тоа што станува збор за мал број примероци, останува многу простор за сомнежи.

Истражувачите предводени од тим од Универзитетот на Калифорнија во Сан Франциско анализирале податоци од 20.880 лица собрани во текот на седум месеци, потврдувајќи дека луѓето што имаат депресија имаат тенденција да имаат повисока телесна температура.

Колку и да е темелно истражувањето во кое учествувале кандидати од 106 земји, сепак не е доволно да се покаже дека повисоката телесна температура предизвикува депресија или дека депресијата води до дополнително загревање на телото.

Но, посочува дека тука постои некаква врска што вреди да се истражува. Ако нешто толку едноставно како одржување пониска телесна температура може да помогне во справувањето со симптомите на депресија, тогаш има потенцијал да им се помогне на милиони луѓе низ светот.

depresija
Фото: Freepik

- Според нашите сознанија, ова е најголемото истражување досега за да се испита поврзаноста помеѓу температурата на телото проценета со користење методи за самопријавување и сензори за носење - вели психијатарот Ешли Мејсон.

Може да постојат повеќе причини за врската, велат истражувачите. Можеби депресијата е поврзана со метаболички процеси кои генерираат дополнителна топлина или можеби е поврзана со разладувачки биолошки функции што не функционираат правилно. Или може да има заедничка причина, на пример, менталниот стрес или воспаление што влијае и врз телесната температура и врз симптомите на депресија.

Со оглед на тоа што околу 5 отсто од луѓето во светот живеат со депресија, напорите за нејзино разбирање и ефикасно лекување сега се поитни од кога било. Секое ново откритие носи повеќе надеж за справување со проблемот.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука