X
 18.07.2025 Наука

Знаците за аутизам можат да се препознаат и по начинот на одење

Аутизмот претставува невроразвојна состојба која влијае врз тоа како се развива и функционира мозокот, а со тоа и врз однесувањето, комуникацијата и социјалната интеракција. Исто така, кај некои лица може да се појават и разлики во движењето, особено во начинот на одење.

Во „Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања“, „невообичаеното одење“ сега е вклучено како дополнителен дијагностички показател за аутизам.

Како изгледа ова „невообичаено одење“?

Најзабележливите разлики во одењето кај лица со аутизам се:

- одење на прсти, односно само на предниот дел од стапалата;
- одење навнатре, кога едното или двете стапала се свртени навнатре;
- одење нанадвор, кога стапалата се свртени нанадвор.

Покрај овие, истражувањата откриваат и посуптилни разлики. Студија што обединува 30 години истражувања открива дека кај луѓето со аутизам:

- одењето е побавно;
- чекорите се пошироки;
- има потреба од повеќе време за да се заврши секој чекор.

Исто така, има и поголема индивидуална разлика во должината и брзината на чекорите, како и во целокупната брзина на одење.

Овие разлики во одењето често се појавуваат заедно со други моторни тешкотии, како што се проблеми со рамнотежа, координација, стабилност на телото или со фината моторика (на пример, пишување). Затоа, многу лица со аутизам може да имаат потреба од дополнителна поддршка за овие моторни вештини.

Што ги предизвикува овие разлики во одењето?

Главната причина лежи во разликите во развојот на мозокот, особено во областите познати како базални ганглии и малиот мозок (церебелум). Базалните ганглии се одговорни за координацијата на движењата, вклучително и за промената на држењето на телото. Тие се клучни за нашето одење да изгледа природно и автоматизирано.

Од друга страна, малиот мозок користи визуелни и проприоцептивни информации за да го одржи балансот и да го координира одењето. Разликите во овие региони на мозокот се поврзани со нивната структура, со тоа како функционираат и со начинот на кој комуницираат со другите делови од мозокот.

Иако порано се сметаше дека разликите во одењето се последица на задоцнет развој, денес знаеме дека тие често остануваат присутни во текот на целиот живот. Кај некои лица, тие стануваат поочигледни со текот на времето.

Дополнително, аутистичното одење често е поврзано со пошироки карактеристики на поединецот, како што се моторните, јазичните и когнитивните способности.

Моторната нестабилност може да биде знак за сензорно или когнитивно преоптоварување и во некои случаи може да послужи како сигнал дека на лицето му е потребен одмор или поддршка.

Како се третираат овие разлики?


Не секоја разлика бара третман. Клучен е индивидуалниот пристап, заснован на целите и потребите на секој човек.

Некои аутистични лица имаат суптилни разлики во одењето кои може да се забележат само при тестирање. Но ако тие не влијаат врз нивната секојдневна функционалност, тогаш обично не е потребна интервенција.

Поддршка е потребна кога разликите во одењето влијаат врз квалитетот на животот, на пример ако:

- има зголемен ризик од паѓање;
- постои тешкотија во учество во физички активности;
- се појавува физичка болка, затегнатост на мускулите или болки во грбот или стапалата.

Истражувањата покажуваат дека децата со аутизам можат да ги подобрат своите моторни вештини преку учество во активности како спорт или танц. Овој вид поддршка им овозможува на децата со аутизам да имаат контрола над начинот на кој се движат, наместо нивните разлики да се гледаат како проблем што мора да се поправи.

Сè поголем број докази покажуваат дека физичката активност ги подобрува социјалната интеракција и однесувањето кај децата од предучилишна возраст со аутизам.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука