05.05.2025
Живот
Научен успех на ФЗНХ при УКИМ: Проф. д-р Марина Стојанова - автор на првата монографија за дигитална исхрана на растенија во Македонија и регионот, објавена во Велика Британија
Првата научна монографија во Македонија и поширокиот регион што темелно ја обработува темата на дигитализацијата на исхраната на растенијата преку примена на Интернет на нештата (IoT) е официјално објавена од престижната британска академска издавачка куќа Cambridge Scholars Publishing, Лондон.
Монографијата со наслов „Дигитализација на исхраната на растенијата со примена на IoT техники“ (Digitalization of Plant Nutrition Using IoT Techniques) претставува капитално научно дело кое отвора ново поглавје во одржливото земјоделство преку технолошки иновации. Делото нуди интегриран пристап во поврзувањето на исхраната на растенијата и информатичките технологии со цел подобрување на прецизноста, продуктивноста и еколошката одржливост на земјоделското производство.
Носител на авторскиот тим е проф. д-р Марина Т. Стојанова, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ. Преостанатите автори се: акад. проф. д-р Драгутин А. Ѓукиќ, Агрономски факултет, Универзитет во Крагуевац, Србија; д-р Моника Стојанова, Здружение „Отворена наука“, Македонија; проф. д-р Азиз Шатана, Земјоделски факултет, Ерџиес Универзитет, Турција.
Во времиња на глобален раст на побарувачката за храна и климатски предизвици, монографијата нуди конкретни решенија преку дигитални алатки, IoT сензори и интелигентни системи кои овозможуваат следење и управување на внесот и усвојувањето на макро и микроелементите во реално време. Авторите детално ги анализираат комуникациските технологии, протоколите, како и нивната примена во сите фази на земјоделското производство: од анализа на почвата и растителниот материјал до следење на биогените елементи и оптимизирано ѓубрење.
Објавувањето на оваа монографија претставува значаен исчекор за афирмација на македонската научна мисла на меѓународната академска сцена.
Со ова научно издание се поставуваат нови стандарди за дигитализација на агросекторот и се испраќа силна порака за научната релевантност и иновативноста на истражувачите од Македонија на меѓународната сцена.
Со тоа, авторите ја потврдуваат важноста на научното поврзување меѓу земјоделството и технологијата, обезбедувајќи вредна поддршка за интелигентно, продуктивно и еколошко земјоделско производство ширум светот.
Делото ќе биде наменето за студенти, научници, инженери и производители кои ја препознаваат дигитализацијата како клучен столб на четвртата индустриска револуција во земјоделството.