X
 05.09.2025 Живот

На 8 септември нѐ очекува редок астрономски настан - „крвава Месечина“ што ќе трае 82 минути

На 7 и 8 септември 2025 година реткото усогласување на Земјата, Месечината и Сонцето ќе овозможи делови од нашата планета да бидат обоени во црвеникав сјај по целосното затемнување на Месечината.

Ова ќе биде најдолгото целосно затемнување на Месечината од 2022 година наваму, што ќе трае околу 1 час и 22 минути. Во тој период природниот сателит на Земјата ќе изгледа како да е обоен во крваво-црвена нијанса.

За да биде уште повозбудливо, настанот ќе биде видлив од Австралија, Азија, Африка и Европа, што значи дека повеќе од 7 милијарди луѓе ќе имаат можност да го видат. Од нив, околу 6,2 милијарди ќе можат да ја набљудуваат целосната фаза.

Целосно затемнување на Месечината се случува кога Земјата се наоѓа точно помеѓу Сонцето и Месечината во права линија. Додека Земјата се движи пред Месечината, таа го блокира поголемиот дел од сончевата светлина што ја осветлува површината на Месечината.

nasa
Фото: NASA

Наместо целосно да исчезне, вообичаено сребрената Месечина добива црвеникав сјај. Ова се случува затоа што само дел од сончевите зраци, оние со најдолги бранови должини, успеваат да поминат низ атмосферата на Земјата и да стигнат до Месечината. Кратките, посини бранови должини се расфрлаат во атмосферата. Тоа е истиот механизам што го прави небото црвено при зајдисонце.

За полесно следење, постојат онлајн алатки што овозможуваат конверзија на GMT во локално време. Една таква е „Timeanddate.com“, каде што со внесување на вашата локација ќе дознаете точно кога ќе се случи затемнувањето.

Затемнувањата на Месечината не се појавуваат изолирано. Кога Сонцето, Земјата и Месечината се во права линија, се создаваат најповолни услови за затемнувања, што значи дека затемнувањето на Месечината секогаш се случува две недели пред или по затемнувањето на Сонцето.

Во овој случај, делумно затемнување на Сонцето ќе се случи на 21 септември 2025 година. Но, ќе биде видливо само од Нов Зеланд, Антарктикот, некои пацифички острови и дел од источниот брег на Австралија.

Извор: Science Alert
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот