„Пивара Скопје“ е компанија со повеќе од еден век историја каде што традицијата и иновациите се преплетуваат притоа создавајќи не само пиво, туку и приказни, емоции и брендови кои се дел од културното живеење. Како изгледа да се работи зад брендот што со децении е симбол на македонската автентичност?
Во разговор со Марта Завкова, менаџер за категорија пиво во „Пивара Скопје“, откриваме што значи да се биде дел од еден од најреномираните домашни брендови, како се создаваат нови вкусови и брендови и зошто „Пивара Скопје“ е вистинско место за младите кои сакаат да растат во динамична, инспиративна и современа средина. Во интервју за Факултети.мк таа зборува за создавањето на Скопско Weiss и за предизвиците на маркетингот во современо време.
Кога почнавте со работа во „Пивара Скопје“ и кои искуства ги добивте работејќи во еден реномиран гигант?
- Моето образование и искуство се во маркетинг и менаџмент, а Скопско отсекогаш ми било исклучително инспиративен бренд. Уште од студентските денови се прашував како е да се работи на нешто што е толку вкоренето во нашето секојдневие. Сега можам со сигурност да кажам – Скопско не се работи, Скопско се живее и се чувствува. На почетокот имав можност да работам на другите пивски брендови, што беше одличен вовед во највозбудливото поглавје – можноста да го водам Скопско. Со тоа вистински успеав да ги ставам во практика сите знаења што сум ги стекнала преку книги и предавања, но и да разберам како изгледа однатре реализацијата на кампањи и активности за кои порано сум велела: „Е, ова е тоа! Ова е вистински маркетинг!“.
Како стигнавте до позицијата менаџер за категорија пиво, колку труд и знаење се потребни да се вложат за развој во успешен менаџер?
- За мене, знаењето е само почетна точка, а неговото надградување и напредокот се многу повеќе прашање на став и посветеност. Во маркетингот нема црно-бели прашања, ниту дефинитивни одговори и насоки. Тоа е комбинација од разум и од она чувство што те „боцка во стомакот“ и не можеш да го објасниш. Маркетингот бара исклучителна отвореност и љубопитност – да бидеш во тек со сè што е актуелно, да сакаш да ги разбереш луѓето: што ги смее, натажува или охрабрува. Да бидеш креативен и да размислуваш надвор од рамката, но истовремено доволно структуриран за ефикасно да ги водиш процесите и тимот. Важно е да знаеш што е brand funnel, GRP или topical content, но и што значи ROI, master data или материјална спецификација. И, можеби најважното, да си одлучен работите да ги истераш докрај, без разлика дали се „твоја работа“ или не. И затоа би заклучила дека во маркетинг на моменти е динамично и напорно, но никогаш не е досадно.
Каква перцепција имавте за „Пивара“ и Скопско пред да се вработите и каква е перцепцијата за компанијата сега?
- Пред да станам дел од „Пивара Скопје“ ми изгледаше како голем систем со долга традиција и препознатливи брендови што сите ги знаеме. А кога влегов внатре, сфатив дека зад таа историја има неверојатно жив пулс. Тоа е место каде што идеите брзо се движат, каде што има храброст да се проба нешто ново и каде што преку сите активности ја продолжуваме успешната приказна од повеќе од 100 години, но на модерен, свеж и автентичен начин.
Каква средина е „Пивара“ за младите луѓе во однос на професионалниот развој, кои се бенефициите од работењето?
- „Пивара“ е место каде што младите не се „иднината“ на компанијата, туку сегашноста во која сериозно се инвестира. Најискрено тврдам дека уникатна предност на „Пивара Скопје“ е можноста за учење, пред сѐ, од богатата историја на самата компанија и луѓето. А потоа, од искуството и ресурсите на два големи интернационални системи од кои сме дел, надополнети со програми за развој, менторство, тренинзи кои придонесуваат за забрзан развој на талентите.
Како се напредува во „Пивара“, како се надградувате во знаењата, дали ги следите светските трендови?
- Дефинитивно ги следиме светските примери поради интернационалниот аспект на нашиот бизнис, но понекогаш адаптираме или создаваме нешто свое што е блиско до нашиот пазарен контекст. Од лично искуство можам да кажам дека во „Пивара Скопје“ најмногу се ценат луѓе со пасија – оние што се љубопитни, активни и не се плашат да ги земат работите во свои раце. Можности за напредок секогаш има за оние што сакаат да учат и не се кријат зад фразата „така се прави“, туку бараат подобар начин. Се препознаваат индивидуалниот потенцијал и личниот печат, но се очекува и тимска игра бидејќи успехот секогаш е заеднички.
Вие го лансиравте првото пченично македонско пиво. Првите впечатоци од кампањата, каков е одѕивот?
- Веќе можам да кажам дека одѕивот и прифатеноста се одлични. Јас буквално ја користам секоја пригода да прашам дали некој го пробал Скопско Weiss и како му се допаѓа – и она што најмногу ме радува е што секогаш се развива дискусија. Се чувствува дека Скопско Weiss го разбуди пивскиот ентузијазам кај потрошувачите. Очигледно е дека очекувањето за нешто ново од Скопско тлеело на пазарот подолго време, и токму затоа реакциите и позитивните коментари ни потврдија дека ова беше вистински погодок.
Какво поглавје се отвори во пивската култура со ова пиво и дали може да ги задоволи барањата на љубителите на пиво, на оние што бараат автентични вкусови?
- Пивската категорија отсекогаш била возбудлива и нудела простор за создавање автентични производи и приказни. Скопско Weiss е спој на свежа енергија и традицијата и мајсторството во правење пиво. Затоа верувам дека Скопско Weiss ќе биде дел од посебен ритуал на искусните пивопијци, кои уживаат да ја откриваат автентичноста и богатството на категоријата. Но и доволно возбудливо за оние што сакаат новитети.
Како се доаѓа до идеја да се развие еден продукт, колку време треба да помине од идеја до финален продукт кој многу брзо го претворате во бренд?
- Не постои конкретна временска рамка, понекогаш трае неколку месеци, понекогаш повеќе од година. Најмногу зависи од тековниот пазарен контекст и потребата на потрошувачите. Во некој случај идејата е резултат на анализи и бројки, а некогаш прашање на интуиција и опсервација. А потоа следува развој на рецепти и вкусови, дегустации (најубавиот дел😊), создавање визуелен и комуникациски идентитет и конечно пласман на пазар.
Што ве мотивира да иновирате со вкусовите и што следно да очекуваат пивските гурмани?
- Љубовта кон брендот, почитта кон наследството на Скопско и пасијата која во неговото создавање и градење ја вложиле исклучителни професионалци и колеги. И неминовно, одговорноста кон нашите консументи кои го избираат Скопско и со кои заеднички продолжуваме да ја градиме неговата автентична приказна. Не можам да откријам прецизно што следува, но со сигурност можам да кажам дека активно експериментираме и остануваме посветени на нашата мисија - да го поттикнуваме развојот на пивската култура, носејќи ново ниво на возбуда и динамика на домашниот пазар.
Фото: приватна архива