„Пивара Скопје“ е компанија со повеќе од еден век историја каде што традицијата и иновациите се преплетуваат меѓу себе, притоа создавајќи не само пиво, туку и приказни, емоции и брендови кои се дел од културното живеење. Како изгледа да се работи за брендот што со децении е симбол на македонската автентичност?
Во разговор со Ивана Петровска, лидер за трансформација (Transformation Lead) во „Пивара Скопје“, откриваме што значи да се биде дел од еден од најреномираните домашни брендови и зошто „Пивара Скопје“ е вистинско место за младите кои сакаат да растат во динамична, инспиративна и современа средина.
Во интервју за Факултети.мк, Ивана зборува за искуствата во „Пивара Скопје“, за нејзината стратешката улога во компанијата, ретка, а можеби и единствена во земјава, која се состои од препознавање можност за промени и иницијатива за нивно воведување. Ивана зборува и за излегувањето од комфор-зоната и преземањето одговорност, за следењето на современите практики и развојот на нови вештини, како и за нејзината улога да направи процесите да се движат поефикасно.
Кога почнавте со работа во „Пивара Скопје“ и кои искуства ги добивте работејќи во еден реномиран гигант?
- Моето патување во „Пивара Скопје“ започна во 2019 година, на позицијата финансиски аналитичар. Кариерата продолжив да ја градам во секторот финансии во следните четири години. Тука добив пристап до многу можности за учење преку современи развојни програми, се запознав со глобалните стандарди и начини на работа и имав можност да соработувам со искусни колеги и професионалци во компанијата и во странство, што ми помогна професионално да се надградувам и да напредувам во организацијата. За само четири години успеав да напредувам од позиција на финансиски аналитичар до член на лидерскиот тим на организацијата. Ова е средина која вистински ги охрабрува младите да се докажат, да учат и да го дадат најдоброто од себе.
Како стигнавте до позицијата лидер за трансформација, колку труд и знаење се потребни да се вложат за развој во успешен менаџер?
- Пред да ја преземам позицијата лидер за трансформација мојот кариерен пат вклучуваше две позиции во секторот финансии, како и дополнителни ангажмани надвор од мојата официјална улога. Искуството и знаењето во примарната област на работење се задолжителен дел за секој што сака да напредува во една компанија, но со текот на времето сфатив дека тоа е само почетната точка. Она што навистина прави разлика е подготвеноста да се излезе од комфор-зоната и да се преземе одговорност дури и кога тоа не е дел од описот на работното место. Желбата да преземеш повеќе и да се вклучиш во интерни иницијативи беше клучна. Токму преку тие ангажмани добив поширока слика за бизнисот, ги надградував комуникациските и лидерските вештини и изградив доверба и интегритет во организацијата - работи што се клучни за да растеш и да напредуваш.
Вашата функција е реткост во други компании. За што сте задолжени и дали тоа што е ретка функција е товар или предизвик за Вас?
- Позицијата лидер за трансформација е навистина ретка, но токму во тоа е нејзината сила. „Пивара Скопје“ е една од првите компании на домашниот пазар што храбро направи чекор напред и ја воведе оваа улога - улога која постои за да го адаптира тековното работење во согласност со глобалната стратегија и со динамиката на пазарот што се менува побрзо од кога било. Да се биде лидер за трансформација значи активно да ги иницираш промените во организацијата. Мојата улога е да препознам каде имаме простор за подобрување, да ги поврзам вистинските луѓе и да помогнам процесите да се движат поефикасно. Кога добра идеја ќе се сопне од бирократија или недоволна усогласеност помеѓу тимовите, моја задача е да помогнам да најдеме соодветно решение. На пример, доколку купувачите се незадоволни од некоја услуга, мојата улога е да прашам зошто?, да ги соберам вистинските луѓе и да го направиме процесот поедноставен, појасен и поефикасен. Со оглед на фактот дека ја презедов позицијата од самиот нејзин зачеток, за мене ова беше и привилегија и предизвик истовремено. Имав слобода да ја креирам, обликувам и развивам од нула, но и одговорност да ја позиционирам и етаблирам во организацијата на вистински начин.
Како се доаѓа до идеја да се развие една иновација со цел да се поедностави или унапреди работата или процесот?
- Најдобрите идеи секогаш доаѓаат од самата организација, односно од вработените и купувачите. Способноста да се побара и прифати фидбек е основата за креирање успешна стратегија. Слушањето на гласот на купувачите и вработените ни овозможува да ги идентификуваме областите што се клучни за унапредување и причинителите на потенцијално незадоволство или неефикасност. Сето ова потоа го дополнуваме со соодветни методи за идентификување на причините за неефикасност, користејќи интерни и екстерни податоци и анализи на пазарот. Потоа следува фаза на генерирање потенцијални решенија, пред воопшто да започнеме со имплементација на кој било проект или иницијатива. Моето досегашно искуство покажа дека најголем бенефит носат малите континуирани промени проследени со подобрување на соработката и комуникацијата во една организација.
Каква перцепција имавте за „Пивара Скопје“ и Скопско пред да се вработите и каква е перцепцијата за компанијата како бренд сега однатре?
- Пред да се вработам во „Пивара Скопје“,главно ја поврзував компанијата со успехот на нејзините најголеми брендови: Скопско, Кока-кола и Хајнекен. Компанија со долгогодишна традиција, квалитет и реноме на пазарот. Меѓутоа, она што не може да се види отстрана, а прави огромна разлика, е комплексноста зад тој успех. Откако станав дел од тимот „пиварци“, сликата стана многу појасна. Однатре гледам организација што постојано се движи напред и се менува, преку инвестирање во луѓе, современи технологии, нови начини на работа и силна организациска култура. Брендовите што ги гледаме на полиците продолжуваат да бидат релевантни токму затоа што зад нив стои посветен тим и секојдневна работа на подобрување, на тимот, на услугите и на искуството што им го нудиме на консументите. Денес, однатре, сведок сум колку труд, фокус и тимска енергија се потребни за да се одржат угледот и лидерската позиција што „Пивара Скопје“ ги има на домашниот пазар.
Каква средина е „Пивара Скопје“ за младите луѓе во однос на професионалниот развој, кои се бенефициите од работењето и како се напредува во компанијата?
- „Пивара Скопје“ нуди огромна можност за млади професионалци кои сакаат да учат, да градат вештини и да добијат шанса за кариерен развој, за што сведочи и мојот личен кариерен пат. Уште на самиот старт компанијата обезбедува соодветна интеграција за новите вработени без разлика на претходното искуство. Обезбедува услови за учење и развој преку официјални канали и преку работните активности, и нуди средина во која проактивноста и желбата за учење и прогрес се ценети на сите нивоа. Ова е средина каде што ако покажеш иницијатива и желба за раст, добиваш поддршка да го достигнеш својот потенцијал.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.