Илон Маск е во потрага по работници и притоа не се грижи за образованието на кандидатите.
Главата на „Тесла“ објави повик за вработување во одделот за развој на вештачка интелигенција во компанијата. Вработените лица ќе му одговараат лично на Маск, а се предвидуваат секојдневни состаноци или комуникација преку е-пошта, напиша Маск на својот профил на „Твитер“.
Она што ѝ го привлече вниманието на јавноста беа условите за кандидатите. Поточно, за Маск не е задолжително да имате диплома.
- Докторатот дефинитивно не е услов. Не ме интересира ниту дали сте завршиле средно образование - пишува Маск.
Наместо диплома, произведувачот на електрични автомобили бара некој со „длабоко размислување за вештачката интелигенција“ и иако образованието не е важно, сите кандидати мора да поминат задолжителен курс за програмирање. На Маск му се потребни експерти за вештачка интелигенција за развивање автономни возила во „Тесла“.
Ова не е првпат Илон Маск да изјавува дека факултетската диплома не е важна.
- Доколку некој завршил тежок факултет, тоа може да биде показател дека таа личност ќе биде способна за големи нешта, но тоа не е задолжително така, а покажуваат и луѓето како Бил Гејтс, Лери Елисон или Стив Џобс. Тие не дипломирале, но кој и да има можност да ги вработи, тоа би била одлична идеја - рекол Маск во 2004 година.
Она што Маск го бара од своите вработени е да докажат дека имаат извонредни способности бидејќи доколку постои знак за неверојатни достигнувања, веројатно тоа и ќе се случи во иднина.
Фото: Pixabay