X
 07.11.2025 Живот

НУБ ќе снима аудиокниги: „За македонцките работи“ не е лесна книга и не може секој да ја прочита наглас, вели директорот Јовица Никчевски

Главната цел на овој проект, а воедно и наш мотив беше да ги доближиме студентите до библиотеката, да ги разбиеме стереотипите и неинформираноста дека библиотеката е само место каде што се зајмуваат книги, туку напротив, дека таа е место за интеракција, дружба, истражување, стекнување нови искуства и знаења, мултимедијален пријател на студентите и на сите корисници, вели Јовица Никчевски


Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ минатиот месец објави јавен повик за сите студенти со запишан прв циклус на студии. Во рамките на годишната програма на Библиотеката за 2025 година е предвидено и снимање на аудиокниги. Поради тоа што 2025 година е јубилејна година за македонскиот стандарден јазик, Националната библиотека на Македонија одлучи првата аудиокнига што ќе ја сними да биде ,,За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков.

Подетално за проектот и неговите цели разговараме со Јовица Никчевски, директор на НУБ.

- Главната цел на овој проект, а воедно и наш мотив беше да ги доближиме студентите до библиотеката, да ги разбиеме стереотипите и неинформираноста дека библиотеката е само место каде што се зајмуваат книги, туку напротив, дека таа е место за интеракција, дружба, истражување, стекнување нови искуства и знаења, мултимедијален пријател на студентите и на сите корисници - вели Јовица Никчевски.



Листата со книги што ќе добијат аудиоформа сѐ уште не е дефинирана

Националната библиотека избра првично да се снима „За македонцките работи“од Крсте Петков Мисирков како прва аудиокнига.

- Во годината во која славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот современ јазик, Националната библиотека си зеде задача да стави акцент на промоција на најважните публикации што ги поседува, а се поврзани со македонскиот јазик. Меѓу тие публикации е ретката книга „За македонцките работи“ од Мисирков. „За македонцките работи“ (1903 година) и „Речникот на три јазици“ (1875 година) од Пулевски се смета дека се првите обиди за стандардизација на македонскиот јазик. Сметаме дека „За македонцките работи“ е книга од огромно значење за целокупната македонска историја и непобитен доказ за континуитетот на македонскиот јазик - вели Јовица.

Листата со книги што ќе добијат аудиоформа сѐ уште не е дефинирана, таа се надополнува и менува во зависност од повеќе фактори, како што се авторските права, нејзиното значење за културниот и историскиот живот, во колку примероци постои, дали е достапна итн.



- Најважно ни е да добиеме млади луѓе, ентузијасти, спремни за соработка, со јасна дикција и харизматичен глас. Од студентите очекуваме да бидат вешти со архаизми и историзми бидејќи „За македонцките работи“ воопшто не е едноставна и лесна книга и не би можел секој да ја прочита наглас, јасно, со добра дикција и сето тоа добро да звучи. Аудицијата се одвива во неколку фази, во тонското студио на библиотеката и веќе сме во финална фаза. Избраните студенти ќе добијат апсолутна поддршка од нашите лингвисти, книжевници, библиотекари и тон-мајстори со цел да извлечеме максимум, и обуката ќе се одвива во фази. Освен во просториите на библиотеката, аудиокнигите ќе бидат достапни и на нашата интернет-страница на Дигиталната библиотека на Македонија (DLI.MK) - споделува Јовица.

На повикот се пријавиле над 40 кандидати од различни факултети. И според поминатите фази на аудиција, директорот посочува дека изборот ќе биде тежок.

Неопходна е модернизација на библиотеката

Го прашавме директорот колку често студентите ги користат услугите на библиотеката и дали има зголемен интерес во последните години?

- Студентите од речиси сите универзитети во Македонија секојдневно ги користат нашите фондови и услуги. Можеме со радост да констатираме дека по периодот на короната, хартиената книга повторно се враќа во мода, што се огледува во зголемениот број на студенти/корисници во изминатава година. Главната цел на ваквите проекти е студентите да се запознаат со активностите и услугите што ги нуди библиотеката. Наскоро планираме да објавиме и други проекти во кои акцентот ќе биде ставен токму на студентите. Модернизација на библиотеката е повеќе од неопходна доколку сакаме да ги привлечеме студентите во библиотеката. За таа цел, најавуваме отворање на една нова модерна мултимедијална читалница во ноември, читалница која ќе одговори на модерните барања на студентите, сосема поразлична од она што досега сме го нуделе - вели Јовица.



НУБ постојано се адаптира на дигиталните трендови – освен аудиокниги, има ли и други дигитални иницијативи, трансформации?

- Нашата библиотека е дел од КОБИСС системот веќе 20 години. Нашиот онлајн каталог е достапен и може да се пребарува од каде било и во кое било време. Во моментов работиме на две нови онлајн платформи, кои ќе ги отвориме во 2026 година. Платформи на кои ќе има можност за онлајн членство, и на достапните монографски и периодични публикации ќе може да им се пристапи од кој било дел на светот. Со земјите од регионот забрзано работиме на развивање регионална стратегија за вештачка интелигенција и нејзина примена во библиотеките - споделува Јовица.

Одржана Првата меѓународна конференција за културно наследство

Изминатиов период се одржа Првата меѓународна конференција за културно наследство во организација на Националната библиотека на Македонија.

- На 29 и 30 септември 2025 година во Скопје се одржа Првата меѓународна конференција за културно наследство: Иновации, одржливост и правни рамки за заштита, во организација на НУБ. Овој проект, поддржан од Министерството за култура и туризам, преку годишната програма за работа на библиотеката, имаше цел на едно место да собере професионалци од областа на заштитата на културното наследство, со посебен акцент на документарното наследство кое се наоѓа во колекциите на библиотеките и улогата на националните библиотеки во системот за заштита на национално ниво - информира директорот.

Учествуваа експерти од 20 земји, како Велика Британија, Холандија, Ирска, Шведска, Ватикан, Данска, Полска, Латвија, Словенија, Турција, Србија, Бугарија и други, како и претставници од интернационалните мрежи кои се вклучени во заштитата на културното наследство, како Синиот штит, ИФЛА, Британскиот совет и други. Со свои излагачи се претставија сите матични институции за заштита на културно наследство во државата, како Националниот конзерваторски центар, Музејот на Северна Македонија, Државниот архив и домаќинот, националната библиотека, а својата истражувачка работа од оваа област ја презентираа и професори од Машинскиот и Технолошко-металуршкиот факултет, Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при УКИМ.



- Програмата беше збогатена со постерска презентација на посебните колекции од фондот на националната библиотека во чии рамки се наоѓаат единаесетте колекции на библиотечни добра, како најбогата збирка на документарно културно наследство во земјата. Со ова националната библиотека уште еднаш го докажа своето централно место во националниот систем за заштита на културното наследство и ја најави натамошната заложба за вклучување на дел од нејзиниот вреден фонд во меѓународните регистри на културно наследство, како UNESCO Memory of the World, со што ќе се запише на мапата на институции кои активно работат и придонесуваат во областа на зачувување и промоција на културното наследство во светски рамки - подвлекува Јовица.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот