X
 19.03.2026 Технологија

Приватниот режим не значи анонимност: Истражување откри дека корисниците погрешно го сфаќаат инкогнито режимот

Многу корисници на интернет-пребарувачи користат приватен режим, како што е инкогнито режимот на „Гугл хром“, убедени дека тој им обезбедува целосна анонимност на интернет. Сепак, новите истражувања покажуваат дека тоа не е точно.

Вистинската намена

Приватните режими, всушност, не ја штитат историјата на пребарување од интернет-провајдерите, државните институции, трети страни, ниту пак од вируси и злонамерен софтвер. Нивната основна функција е да спречат зачувување на колачиња, историја на прелистување и податоци за автоматско пополнување на самиот уред.

Иако овие ограничувања се веќе познати, истражување спроведено од американски и германски истражувачи покажува дека корисниците погрешно ја сфаќаат целта на приватниот режим.

Во истражувањето учествувале 460 возрасни лица на кои им биле претставени документи за приватниот режим на шест популарни прелистувачи: „Гугл хром“, „Мозила фајрфокс“, „Сафари“, „Мајкрософт еџ“, „Опера“ и „Брејв“, како и еден намерно нејасен контролен документ. Потоа одговарале на прашања за можностите и ограничувањата на приватниот режим.

Резултатите покажале значително ниво на недоразбирање. Повеќе од половина од испитаниците (56,3 отсто) верувале дека нивните пребарувања нема да бидат зачувани ако се најавени на својот гугл-профил.

Исто така, 40,2 отсто од испитаниците сметале дека веб-страниците не можат да ја откријат нивната локација, додека меѓу 22 и 37 отсто верувале дека интернет-провајдерите, работодавците или државните институции не можат да ја следат нивната историја на пребарување. Некои дури мислеле дека приватниот режим нуди подобра заштита од вируси.

Збунувачки пораки

Истражувачите наведуваат дека иако информирањето е одговорност на корисниците, објаснувањата што ги нудат пребарувачите често не се доволно јасни и можат дополнително да ги збунат.

Единствено испитаниците што ја читале документацијата на „Гугл хром“ покажале малку подобро разбирање, додека документите на другите пребарувачи често биле еднакво нејасни како и контролниот текст.

Во понов документ на „Мозила фајрфокс“ дури им се советува на корисниците да пребаруваат како никој да не ги гледа, што истражувачите го сметаат за потенцијално збунувачка порака.

Заклучокот од истражувањето е дека приватниот режим на пребарувачите обезбедува само ограничено ниво на заштита и не гарантира целосна анонимност. Затоа корисниците не треба да претпоставуваат дека се целосно скриени додека ги користат овие опции.

Извор: Avaz.ba
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија