X
 08.01.2024 Наша тема

Детско катче, дигитализирани 5.000 наслови, бесплатна членарина за бруцоши, санација на покривот и преуредување на просторот пред влезот - НУБ во чекор со новото време

Досега се дигитализирани околу 5.000 библиотечни наслови од фондот на библиотеката, со над милион дигитални објекти, и тоа: старословенски ракописи, стари и ретки книги, ориентални ракописи, ретка периодика, музички ракописи, картографски материјал, разгледници, цртежи, графики и друго, вели Маја Мицевска-Ризова

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје неодамна се збогати со катче посветено на најмалите читатели со цел да се популаризира читањето кај најмладите и да се доближи библиотеката до идните потенцијални корисници.

- По примерот на Британската библиотека со мечето Падингтон, решивме да пробаме и ние со еден наш познат македонски бренд – „Светот на Биби“. Катчето го отворивме на 11 декември и по новогодишните и божиќните празници планираме повеќе активности за популаризација на читањето кај најмладите и да ја доближиме библиотеката до нашите идни потенцијални корисници. За посета на библиотеката и катчето, треба да се најават на службената е-пошта на библиотеката kliment@nubsk.edu.mk или на фејсбук-профилот на библиотеката - ни изјави Маја Мицевска-Ризова од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.



Дигитализацијата е приоритет

Во изминатите 79 години НУБ „Св. Климент Охридски“ континуирано е посветена на континуиран развој и растеж, при што се формираат посебните збирки, микрофилмската лабораторија, лабораторијата за конзервација и реставрација, Рефералниот центар каде што отпочнуваат првите активности во врска со автоматизацијата на библиотечното работење, а потоа е воспоставен и системот на заемна каталогизација, односно националниот библиотечно-информациски систем COBISS.MK, кој, пак, е поврзан со другите библиотечно-информациски системи COBISS од регионот во библиотечна мрежа што овозможува слободен проток и размена на податоци меѓу библиотеките.




- Имено, преку мрежата COBISS.Net, на библиотеките од системот COBISS.MK им се овозможува поврзување и соработка со над 700 библиотеки од повеќе држави од Југоисточна Европа, конкретно од Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија и Косово. Исто така, важно е да се споменат и базите на податоци кои овозможуваат пристап до повеќе десетици илјади електронски списанија и стотици илјади електронски книги и други материјали, што претставува огромен потенцијал за интелектуален и креативен прогрес на нашето општество. Во 2024 година е планирано да се доврши санацијата на покривот, а исто така имаме и проект за преуредување на просторот пред влезот на библиотеката, како и голем број други важни проекти за кои очекуваме поддршка од Министерството за култура - споделува Мицевска-Ризова.

Во НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје процесот на дигитализација на библиотечни и фонотечни материјали и добра, според меѓународни и национални стандарди и критериуми, е приоритет повеќе од дваесет години.

- Почетоците се од 1995 година кога е создадена првата експериментална база на дигитални ракописи, a во тој период библиотеката учествува и во неколку проекти како MINERVA, CALIMERA, Tel-Me-Mor и др., чија цел е воспоставување поблиска соработка во полето на дигитализацијата на библиотечните фондови. Донесувањето на „Стратегијата за дигитализација на специјалните збирки во НУБ 2008 – 2011“ претставува почеток на организираниот процес на дигитализација на библиотечните фондови во државата, а 2010 година го означува почетокот на реализацијата на техничките сегменти од процесот на дигитализација, како скенирање, обработка и поставување на дигиталните колекции на веб-страницата dlib.mk. Врз основа на партнерски договори со други правни и физички лица, започната е дигитализација на материјали кои не се во сопственост на библиотеката и создадени се услови за прераснување на dlib.mk во дигитална библиотека. Досега се дигитализирани околу 5.000 библиотечни наслови од фондот на библиотеката со над милион дигитални објекти, и тоа: старословенски ракописи, стари и ретки книги, ориентални ракописи, ретка периодика, музички ракописи, картографски материјал, разгледници, цртежи, графики и друго - нѐ информира Маја Мицевска-Ризова.



Континуирана соработка со универзитети, училишта, невладини организации

Библиотеката постојано работи на промовирање на писменоста, истражувањето и пристапот до знаење, не само преку своите секојдневни тековни работни процеси туку и преку одредени проекти и програми, како на национално така и на меѓународно ниво. НУБ е во постојана соработка со научноистражувачкиот кадар на универзитетите, со издавачите, како логистичка поддршка на научноистражувачката и на издавачката дејност.

- Услугите што ги нуди библиотеката се универзални, достапни се за сите граѓани на нашата држава со наполнети 16 години, што значи дека сите имаат еднаков пристап до знаење. Може да се истакнат неколку активности во насока на промоција на овие вредности, како што се одбележувањето на 23 Април - Светскиот ден на книгата и на авторското право, кога подаруваме голем број публикации на нашите корисници, училишта, други институции, потоа 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, а исто така даваме бесплатно членство на новозапишаните студенти од прва година, популарно наречени бруцоши итн. - додава Мицевска.

НУБ континуирано организира едукација за библиотекарите од целата држава во рамките на нејзините надлежности како национална библиотека и матична институција од областа на библиотечната дејност.



- Не се ретки и соработките со одредени невладини институции кои ги користат нашите ресурси за организација на нивни едукативни програми наменети за различни групи граѓани. НУБ е отворена за соработка и со училиштата, особено оние на територијата на Град Скопје, кои во рамките на своите наставни програми и планови реализираат посети на нашата библиотека, а понекогаш се случува некој од часовите да го одржат кај нас, поврзан со одредена наставна тема - посочува Маја.

Фондовите на библиотеката можат да се користат исклучиво во просториите на библиотеката

Како што ни сподели таа, по пандемијата на ковид-19 бројот на корисници што се враќаат во библиотеката полека се зголемува. Дополнителна придобивка е и подобрувањето на условите во читалниците, кои во изминатиот период со помош на средства обезбедени од Министерството за култура, донации од страна на неколку општествено одговорни компании и од сопствени средства на библиотеката беа реновирани, а заменет или репариран беше и инвентарот.

- Фондовите на библиотеката може да ги користат сите граѓани на нашата држава и странски државјанин со навршени 16 години, како индивидуални корисници на библиотеката. Услугите можат да ги користат и правни лица со пополнување соодветно барање. Фондовите на библиотеката можат да се користат исклучиво во просториите на библиотеката, каде што освен библиотечниот фонд, можат да користат бесплатен пристап до интернет, компјутерска опрема, а имаат и одреден број читателски места за користење сопствени преносни компјутери. Особен акцент се става на комплетирање и ажурирање на електронскиот каталог на библиотеката, преку кој најголем дел од фондот на библиотеката може онлајн да се пребарува. До фондот на библиотеката, соодветно на светските трендови, може да се дојде и преку користење на материјалите во дигитална форма. Дигитализираните материјали во Центарот за дигитализација се достапни за корисниците во читалниците на библиотеката, а еден дел и на слободен достап преку веб-платформата на дигиталната библиотека www.dlib.mk.

Преку наменски презентации и поволности во користењето на услугите им се овозможува на студентите, кои се најмногубројната корисничка група во библиотеката, полесен пристап до нив и квалитетно задоволување на нивните потреби. Унапредување има и во услугите наменети за научните работници и издавачите, а библиотеката особен акцент става и на својата матична функција - давање стручна помош на библиотеките во државата - вели Маја.



Фонд од 3 милиони примероци

Библиотечниот фонд на НУБ „Св. Климент Охридски“, како депозитна библиотека, ја вклучува целокупната македонска издавачка продукција од 1944 година до денес и издавачката продукција на територијата на поранешната СФРЈ од 1944 до 1991 г. Фондот брои околу 3 милиони примероци или околу милион наслови монографски публикации, 25.000 наслови на сериски публикации, како и многу други некнижни материјали.

- Дел од фондот се и збирките со статус на библиотечни добра и во постапка за прогласување на заштитено добро, од кои 6 се од категоријата културно наследство од особено значење. Во овие збирки, почнувајќи од најстарите старословенски ракописи од 13 век, преку богатата збирка на ориентални ракописи на арапски, турски и персиски јазик, инкунабулите стропечатени и ретки книги и ретка периодика, па сè до лични колекции на познати македонски дејци, се чува највредното пишано наследство во нашата држава. Во рамките на општиот фонд и збирките се среќаваат најразновидни бибилиотечни материјали, како стари и современи ракописи, старопечатени и ретки монографски и сериски публикации, нотни ракописи и материјали (партитури и штимови), публикации на микроформи (микрофилмови и микрофиши), аудио и видеоматеријали, карти и атласи, докторски дисертации, магистерски трудови, научноистражувачки проекти, албуми, оригинални графики и цртежи, плакати, разгледници, фотографии и др. - детално нѐ информира Мицевска-Ризова.


Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема