X
 07.12.2023 Живот

Кукла се најде на престижната листа на „Форбс“ за најмоќни жени

Кога се избираат истакнати жени во сите области, од политиката и претприемништвото до светот на забавата, магазинот „Форбс“ се води според критериуми кои се сведуваат на пари, медиумско претставување и лично влијание. Листата со најмоќни жени во 2023 година е објавена.

Но, овој пат меѓу лидерките кои со своите постапки го дефинираат светот првпат има кукла. Станува збор за Барби, култната играчка на Мател, хероината на истоимениот филм кој летово растури на киноблагајните во светот и го обои светот во розово.

Ова е првиот измислен лик вклучен во престижната листа и го зазема 100. место. Таа се појави на листата како симбол на женското зајакнување и неконвенционален поттик за борбата на жените да ги вратат правата што им беа одземени.

 
Многу повеќе од пластична играчка

Станува збор, на пример, за напад на правото да се одлучува за сопственото тело откако Врховниот суд на САД во 2022 година ја поништи пресудата Роу против Вејд, со која во 1973 година во САД на жените им беше признаено правото да абортираат до 24. недела од бременоста. Накратко, Барби е многу повеќе од пластична играчка.

Таа ја отелотворува потребата жените да се борат за да ги уживаат правата што им биле одземени, од пристапот на девојчињата до образование во Авганистан и личните права во Иран, до заштитата од родово засновано насилство во конфликтните зони како Украина и Газа.

Генералната директорка на брендот Барби, Лиза Мекнајт, вели дека Барби е сила на која треба да се смета. Таа додава дека куклата со генерации ги инспирирала девојките и нивните мајки, но оваа година на жените им беше најпотребна како поттик за зајакнување.

 
Барби го помина тој тежок тест: по речиси 65 години откако беше создадена, таа го достигна врвот на моќта. На пример, по филмот, продажбата на куклата Барби скокна за 16 отсто во третиот квартал: разлика од 605 милиони долари повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Пример за ќерките


Британската компанија за истражување на пазарот „Јуромонитор интернешнл“ тврди дека Барби би можела да ја зголеми глобалната продажба на кукли до 14 милијарди долари до 2027 година, што е за 16 отсто повеќе од 2022 година. Дополнително, филмот заработи 1,4 милијарди долари.

За филмот толку се зборуваше, што беше проследен со цело модно движење, во чиј центар е интензивната розова боја на Барби. Куклата има повеќе од пет милиони следбеници на „Тик-ток“ и „Инстаграм“ и речиси 12 милиони јутјуб-претплатници.

Исто така, треба да се додаде дека во 1959 година, кога Барби беше претставена во јавноста, жените не можеа да позајмуваат пари од банка или да отворат сметка без потпис на нивниот сопруг или татко. Рут Хендлер ја дизајнира за да го искористи примерот на кукла за да ѝ покаже на ќерка си дека ако сака, може да избере кариера во животот.

Извор: Index.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот