Истражување открива дека децата што растат во средини со поголема економска нееднаквост имаат различна структура на мозокот во споредба со нивните врсници што живеат во порамноправни услови. Со други зборови, јазот меѓу богатите и сиромашните не се одразува само на банкарските сметки и статистиките, туку и на самата биологија на мозокот кај младите.
Истражувањето, објавено во списанието „Нејчр ментал хелт“, е едно од најобемните досега на оваа тема и носи загрижувачки докази дека општествените разлики буквално ги обликуваат невронските мрежи што децата ќе ги користат целиот живот.
Истражувачкиот тим собрал податоци од над 8.000 деца од 17 американски сојузни држави, на возраст од 9 до 10 години. Истражувањето ги користело податоците од т.н. „АБЦ истражување“, големо, мултицентрично и долгорочно истражување спроведено во САД.
Во рамките на ова истражување научниците користеле магнетна резонанса за да ја споредат дебелината на кортексот и другите анатомски карактеристики на мозокот кај децата од различни социо-економски услови.
Резултатите покажале дека децата што живеат во области со поголема нееднаквост во приходите имаат помал вкупен волумен на кортексот, помала просечна дебелина, помала површина на кортексот, како и променета функционална поврзаност во деловите од мозокот поврзани со јазикот, вниманието и емоционалната регулација.
Истражувачите ги анализирале и податоците од прашањата што ги пополнувале самите деца за да го проценат нивното ментално здравје, вклучувајќи депресија и анксиозност. Резултатите покажале дека децата што живеат во средини со поголема нееднаквост имаат значително полоши психолошки исходи.
Нееднаквоста влијае и врз богатите и врз сиромашните
Д-р Дивјангана Ракеш од Институтот за психијатрија, психологија и невронаука при Кралскиот колеџ во Лондон вели дека истражувањето не се занимавало со поединечните семејни приходи, туку со тоа како се распределени приходите во општеството.
- И децата од побогати и оние од посиромашни семејства покажале промени во невролошкиот развој, а утврдивме дека тоа има трајно влијание врз нивната благосостојба. Сакаме да ги споредиме овие наоди и со резултатите од други делови на светот - вели таа.
Можни причини за влијанието
Научниците одамна забележале дека стресот поврзан со нееднаквоста може да игра голема улога во невробиолошкиот развој на децата. Децата што растат во неповолни услови почесто се соочуваат со несигурност, од финансиски проблеми до тешкотии со домување и исхрана, а сето тоа може да влијае врз развојот на мозокот преку хормони, на пр., кортизолот.
Авторите додаваат дека нееднаквоста може да влијае врз менталното здравје и преку други механизми, на пример, зголемена тенденција за споредба со другите, намалена социјална поврзаност и перцепција на ограничена можност за напредок во општеството.
Претходно истражување со над 19.000 испитаници во четири европски земји покажала дека нивото на C-реактивен протеин (биомаркер за воспаление) било најниско во порамноправни општества (како Швајцарија), а највисоко во оние со поголема нееднаквост (како Португалија).
Нееднаквоста во светот
Кога се гледаат разликите во приходите меѓу државите, најнерамноправните општества се најчесто во Африка. На пример, Јужна Африка и Намибија имаат Гини-коефициент над 60, што ги сместува меѓу најнеправедните општества во светот.
Меѓу западните држави, Чешка и Словачка со години имаат најниски нивоа на нееднаквост, со Гини-коефициент околу 25, додека веднаш зад нив се скандинавските земји како Данска и Норвешка, каде што системите на даноци и социјални политики го намалиле јазот.
На спротивниот крај од спектарот, меѓу развиените земји, се наоѓаат САД со Гини-коефициент околу 41, што ја прави една од најнееднаквите западни држави.
Дали ефектот може да се ублажи?
Еден од клучните аспекти на истражувањето е прашањето: ако нееднаквоста може да го промени мозокот, дали тој процес може да се врати назад? Постојат индиции дека квалитетното образование, стабилната исхрана и сигурното домување можат да ги ублажат негативните ефекти.
Претходни истражувања покажале дека кај деца што добиле дополнителна едукативна поддршка или подобра исхрана, развојот во деловите на мозокот кои биле послабо развиени може да се забрза и подобри.
Ова откритие претставува значаен придонес во сè поголемиот број истражувања што ја поврзуваат социо-економската состојба со невробиолошкиот развој.
Новото истражување оди чекор понатаму и ги поврзува овие промени не само со индивидуалниот приход, туку и со нивото на општествена нееднаквост на национално ниво.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik