Италија се соочува со сериозна демографска криза која драстично го загрозува стандардот на идните генерации, а денешните млади се осудени на сиромаштија во староста поради сè помалиот број работници што ќе уплаќаат придонеси.
Најновите податоци покажуваат дека лице кое денес заминува во пензија во Италија може да смета на примања од околу 81,5 отсто од својата последна плата.
За младите кои штотуку влегуваат на пазарот на трудот, прогнозите се многу помрачни бидејќи до 2060 година тој процент ќе падне на само 64,8 отсто, што значи дека разликата меѓу последната плата и првата пензија ќе биде речиси двојно поголема отколку денес.
Ова создава огромен генерациски јаз и несигурност за милиони млади луѓе кои, и покрај целосниот работен стаж, ќе имаат значително помала економска моќ од своите родители.
Се проценува дека Италија до 2050 година ќе изгуби околу 7,7 милиони работоспособни луѓе, што е намалување за повеќе од 20 отсто.
Со сè помал број работници кои уплаќаат придонеси и сè постаро население, системот станува неодржлив.
Во моментов Италија троши повеќе пари за пензии во однос на својот бруто-домашен производ отколку која било друга земја во Европа, но тие средства одат за сервисирање на сегашните пензионери, додека идните генерации немаат причина за оптимизам.
Како што населението старее, а денес веќе речиси половина од Италијанците имаат повеќе од 50 години, политичкиот притисок да се зачуваат пензиите расте, но тоа се случува на директна штета на младите кои допрва треба да ја градат својата иднина во систем што им нуди сè помалку.
Покрај демографијата, проблем се и платите, кои се меѓу најниските во Европа.
Додека во Германија и во Франција платите сочинуваат многу поголем удел во националното богатство, во Италија тој процент е значително помал и со децении стагнира.
Тоа доведе до појава на таканаречени „сиромашни вработени“ - луѓе кои имаат работа, но нивните приходи не се доволни за подобар стандард.
Според процените, околу 2,4 милиони работници во Италија моментално се под ризик од сиромаштија, а тој број е најизразен кај младите и работниците со пониски квалификации.
Експертите предупредуваат дека без итни реформи и поттикнување на раѓањето, Италија се движи кон демографски колапс.
Потребно е да се создадат услови во кои работата носи достоинствена заработка, а не само преживување, за да се мотивираат младите да останат во земјата и да придонесуваат кон системот, во спротивно пензијата наместо заслужен одмор, ќе стане борба за преживување.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik