X
 08.11.2025 Колумни

Колумна: Дигиталната економија и инклузивноста

Глобалниот економски развој денес не може да се замисли без активна примена на дигиталните технологии кои навлегуваат во секоја пора од животот и го обликуваат целокупниот општествен амбиент. Брзиот економски напредок во голема мера се должи токму на примената на современи технологии засновани на примена на ИТ и вештачката интелигенција. Во овој контекст, дигиталната економија ги детерминира главните трендови на развојот, создавајќи сѐ поголем дел од вкупната генерирана вредност. И покрај тоа што интуитивно може да се определи, сепак, денес сѐ уште не постои меѓународно прифатена и унифицирана дефиниција за дигиталната економија. Во најтесна смисла, сржта на оваа дејност ја претставуваат производството на хардвер и софтвер, ИТ-услуги и телекомуникации. Освен тоа, дигиталната економија може да се прошири со вклучување на таканаречената „гиг“ или „платформска“ економија. Најширокиот поим, покрај претходно наведените, ги вклучува сите други дејности што се однесуваат на употреба на дигитални технологии како што се: е-бизнис, е-трговија, индустрија 4.0 и сл.

Дигиталната трансформација повеќе не е тренд на иднината, туку реалност што длабоко влијае врз развојот низ целиот свет. Иако дигиталните технологии нудат значајни можности за забрзување на одржливиот развој, нивното влијание е комплексно и бара внимателна анализа. Притоа, покрај потенцијалот за напредок, важно е да се препознаат и придружните ризици од влошување на постојната нееднаквост, како во рамките на земјите така и меѓу нив. Понатаму, од витално значење е да се согледа дека лидерството и иновациите во дигиталната сфера не се ограничени само на Глобалниот Север, туку многу земји со ниски и средни приходи, исто така, се пионери во специфични дигитални решенија и демонстрираат добри практики од кои светот може да учи. Дигиталните технологии можат да бидат моќни катализатори за постигнување на целите за одржлив развој така што го поттикнуваат економскиот раст преку поврзување на поединците со пазарите и можностите. Дигиталните платформи ја олеснуваат глобалната соработка, овозможувајќи двонасочна размена на знаење и проширување на иновативните решенија, без оглед на нивното потекло.



На ова место се поставува прашањето: Колку денешната дигитална економија е инклузивна и дали придобивките од нејзиниот развој се рамномерно распределени? Токму ова прашање беше во фокусот на овогодишната Глобална конференција за развој 2025 (GDC 2025) која ги истражуваше повеќеслојните димензии на инклузивната дигитална трансформација и нејзината улога во обликување на резултатите од одржливиот развој. Конференцијата се одржа во Клермон-Феран, Франција, од 28 до 30 октомври 2025 година под насловот „Инклузивна дигитална трансформација: Социјални влијанија и технолошки иновации“. Таа беше организирана од страна на Мрежата за глобален развој (GDN), а домаќини беа Фондацијата за студии и истражување на меѓународниот развој (FERDI) и Центарот за студии и истражување на меѓународниот развој (CERDI).

Имајќи предвид дека дигиталните технологии продолжуваат да ги револуционизираат економиите и општествата низ светот, клучно е да се испитаат нивните општествени влијанија и да се овозможи технолошките иновации да им користат на сите сегменти на општеството, особено во земјите со ниски и средни приходи. Во овој контекст, конференцијата ги третираше општествените импликации од оваа промена, а се дебатираше за нови решенија и политики за дигитална инклузија. Исто така, беше дискутирано како технологијата може да го унапреди постигнувањето на целите за одржлив развој преку здружување на засегнатите страни во функција на економски и општествен напредок. Трансформативната моќ на дигиталните технологии по својата природа не е инклузивна или универзално корисна, односно придобивките не се еднакво распределени, а ризиците го надминуваат вообичаениот „дигитален јаз“. Самата структура на глобалната дигитална економија претставува предизвик за праведен развој. Иако пристапот до технологија во рамките на земјите е од витално значење, инклузивноста мора да опфати и праведна распределба на економските придобивки од дигиталната трансформација.



Во овој контекст, неколку критични проблеми бараат внимание. Нееднаквоста во дигиталниот пристап, дигиталната писменост и релевантната содржина создаваат и зајакнуваат нееднаквости, како во рамките на земјите така и меѓу нив. Освен тоа, дискриминацијата може да ја продлабочи т.н. алгоритамска пристрасност, својствена за системите со вештачка интелигенција. Ранливоста во приватноста и безбедноста на податоците непропорционално влијаат врз ранливите популации и земјите со помалку развиени регулаторни рамки. Брзото темпо на автоматизација и усвојување на вештачката интелигенција се заканува со затворање на работните места, особено во секторите клучни за земјите со ниски и средни приходи, што бара проактивни стратегии за преквалификација на работната сила и социјална заштита. Понатаму, способноста на мултинационалните корпорации да ја користат вештачката интелигенција со цел да ги минимизираат даночните обврски може да го еродира фискалниот капацитет на овие економии, попречувајќи ги инвестициите во јавни услуги и развојните иницијативи. Конечно, ширењето дезинформации преку дигитални канали и потенцијалот за злоупотреба на технологијата претставуваат сериозни закани за политичката стабилност.

Искуствата покажуваат дека едноставното имплементирање на технологијата не е доволно, така што некритичкото усвојување може да ги влоши постојните нееднаквости и да создаде дополнителна ранливост. Притоа, глобалната перспектива, која ги вреднува разновидните искуства, е од голема важност. Затоа, конференцијата се фокусира на клучното прашање: Како може да се искористи трансформативниот потенцијал на дигиталните технологии за одржлив развој на начин што е вистински инклузивен и правичен? Ова прашање не е само академско, туку претставува повик за акција и бара надминување на едноставните наративи за технолошкиот напредок. Во овој контекст, неопходно е критички да се испитаат општествените, економските и политичките сили што го обликуваат дигиталниот пејзаж. Притоа,  треба да се земат предвид разновидните потреби и искуства на сите засегнати страни, почнувајќи од поединците во рамките на заедниците, па сѐ до цели економии, давајќи им приоритет на најранливите. Целта е да се развијат стратегии кои не само што ги максимираат придобивките од дигиталните технологии, туку и ги минимизираат и управуваат со нивните ризици, поттикнувајќи дигитална иднина каде што иновациите од сите делови на светот придонесуваат за вистинска глобална еднаквост и одржлив развој.

Големата нееднаквост во развојот на дигиталната економија може да се согледа преку повеќе параметри. Имено, и покрај брзиот дигитален напредок, околу 2,6 милијарди луѓе сѐ уште немаат пристап до интернет. Од друга страна, најголемите ИТ-компании според пазарната капитализација се концентрирани во САД, како што се: Nvidia, Microsoft, Apple, Google, Amazon, Meta, Broadcom, чија заедничка вредност изнесува околу 21 трилиони американски долари. Притоа, значајно е да се истакне пазарната доминација кај овие компании. Така, Nvidia поседува 70-95 % од глобалниот пазар за чипови за вештачка интелигенција, Google поседува 90 % од пазарот за интернет-пребарувачи, ChatGPT поседува над 80 % од глобалниот пазар за ВИ чет-ботови, додека Meta поседува скоро 80 % од од глобалните социјални медиуми. Кон ова треба да се додаде и пазарната концентрација кај вештачката интелигенција каде што доминираат компаниите од САД и Кина. Имено, меѓу 20 најголеми компании и институции за истражување на вештачката интелигенција, 19 се од овие две земји, што во голема мера го интензивира развојот заснован на максимата „победникот зема сѐ“.

Освен тоа, треба да се истакне дека брзиот развој на дигиталната економија го привлекува вниманието за нејзините ефекти врз животната средина. Така, денес се проценува дека глобалната емисија на стакленички гасови од ИТ-индустријата се движи во границите од 1,5 % до 3,2 % и веќе ја надминува емисијата на авионскиот сообраќај што изнесува околу 2 %. Освен тоа, дигитализацијата доведува до голем материјален отпечаток бидејќи во голема мера се заснова на екстракција на суровини, вклучувајќи минерали, метали, пластика, стакло и сл. Како илустрација може да се каже дека за изработка на еден телефон во 1960 година биле користени 10 елементи од Периодниот систем, за изработка на мобилен телефон во 1990 биле користени 27 елементи, додека денес за изработка на паметен телефон се употребуваат 63 елементи од Периодниот систем. Врз основа на овој тренд, се проценува дека екстракцијата на материјални ресурси до 2050 година ќе се зголеми за 60 %, додека побарувачката за кобалт, графит и литиум се очекува да се зголеми петкратно. Кон ова треба да се додаде и големата потрошувачка на електрична енергија од страна на податочните центри, која во моментов изнесува приближно со потрошувачката на електрична енергија на Франција, а до крајот на 2026 истата би се удвоила. Паралелно со ова се зголемува и отпадот што го генерира дигиталната економија, вклучувајќи и голем број опасни материјали, што исто така ја отсликува дигиталната поделба.



Оттука може да се заклучи дека земјите во развој го носат најголемиот товар на трошоците за дигитализација, додека развиените земји го добиваат најголемиот дел од придобивките. Затоа, дигитално развиените земји треба да го предводат преминот кон инклузивна и одржлива дигитална иднина и да ги поддржат земјите во развој во градењето капацитети за искористување на дигитализацијата. Одржливоста наметнува одново осмислување на потрошувачката и производството, пред сѐ, преку забрзан премин кон циркуларна економија. Тоа би вклучувало зголемување на можностите за раст на бизнисите и создавање работни места, користење енергија со ниска емисија на јаглерод, градење адаптивна и отпорна инфраструктура, обновување на повеќе ресурси од дотраените уреди, намалување на расипничката употреба и прекумерната потрошувачка на дигитални уреди и услуги, давање приоритет на поправка, повторна употреба, реновирање и рециклирање. Во овој контекст, постои широк простор за дејствување на политиките во насока на намалување на јазот во дигитализацијата како што се: зајакнување на подготвеноста на земјите во развој да се вклучат и да имаат корист од дигиталната економија, политики за дигитално претприемништво и иновации, искористување на ниши, вклучително и за жените и младите, политики за заштита на интелектуална сопственост во дигиталната економија, дигитализација на мали и средни претпријатија, оданочување на дигиталните платформи итн.

Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни