X
 08.12.2021 Живот

Млад човек поканил 89-годишна сосетка да живее со него за да не биде сама

Неверојатно е како еден мал чин на добрина може да промени нечиј живот, а најчудните парови можат да создадат најсилни врски. Таков беше случајот со 26-годишниот Крис Салваторе и неговата 84-годишна сосетка Норма Кук.

Кога Салваторе се преселил во својот нов стан во Западен Холивуд, Калифорнија, во 2012 година, немал поим дека љубопитната постара жена што зјапа во него од нејзиниот прозорец ќе му стане најдобра пријателка. По брзиот поздрав, тој ја прашал дали може да влезе. Таа се согласила и така почнала нивната приказна.

Кук живеела сама со својата мачка Хермес. Тие се поврзале и си нашле заеднички теми. Во текот на нивното петгодишно пријателство споделиле многу скапоцени спомени. Од пица-ноќи до ручеци во градот, роденденски забави, празници и бескрајна смеа. Со текот на времето станале семејство, бидејќи за Кук, Салваторе стана внукот што никогаш го немала, а таа за него баба.

Затоа, кога здравјето на Кук се влошило на 89 години, 31-годишниот Салваторе го направил она што би го направил секој добар внук. Таа со години се борела со леукемија, но кон крајот на 2016 година тешко се разболела и морала да помине два месеца во болница борејќи се со пневмонија и компликации со дишењето. Со оглед на тоа што нејзината здравствена состојба брзо се влошувала, лекарите утврдиле дека не е безбедно да живее сама без 24-часовна грижа.

За да помогне да се покријат медицинските трошоци и трошоците за нејзината домашна нега, Салваторе започна кампања за донација на „GoFundMe“, па собра повеќе од 50.000 долари. Но, со оглед на тоа што таа немала роднини во близина, единствената опција била да оди во установа.


- Едноставно не можев да ѝ го направам тоа - вели Салваторе.

Наместо тоа, тој ѝ понудил да се пресели кај него. Таа била воодушевена од поканата, а транзицијата се чинела сосема природна бидејќи тој и онака ги поминувал деновите во нејзиниот стан.

- Мојот стан беше единственото место каде што таа би се преселила. Таа има силен став за тоа каде сака да ги помине преостанатите денови - изјави тогаш Салваторе.

Откако Кук и нејзината мачка се вселиле кај него, брзо развиле рутина. Салваторе готвел, па и двајцата го поминувале времето на каучот гледајќи вести, разговарајќи и јадејќи. Иако лекарите дале прогноза дека би било чудо ако Кук ги преживее празниците, и двајцата поделија скапоцени месеци и заедно ја дочекаа Новата година.

Кук почина во февруари 2017 година, а Салваторе бил скршен. Но, врската што ја делел со Кук останала со него сите овие години.

- Чувствувам како да ме набљудува и тоа е среќно чувство - вели тој.


Години подоцна Салваторе објави пост за да ја одбележи четиригодишнината од смртта на Кук.

- Со текот на годините прочитав толку многу прекрасни пораки за тоа колку беше инспиративна љубовта кон мојата сосетка, но она што ме инспирираше беше капацитетот што таа го имаше да ме сака. Кога избираме да сакаме друг, тоа го чувствуваат и другите. Убави, богати, благослови дадени на оние што никогаш не сте ги знаеле - напиша Салваторе.


Љубовта и грижата што Салваторе и Кук си ги споделуваа е пример дека и мала љубезност може да направи големи нешта.


Извор: Mymodernmet.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот