X
 09.02.2024 Наука

Откриен е најубедливиот доказ за постоење вода на една од месечините на Сатурн

Астрономите го откриле досега најубедливиот доказ за постоењето огромен, млад океан со течна вода под ледената површина на малата месечина на Сатурн – Мимас, која личи на ѕвездата на смртта од „Војна на ѕвездите“.

Тим предводен од француски научници ги анализирал промените во орбитата и ротацијата на Мимас и потоа ја известиле јавноста дека е многу поизвесно оти под замрзнатата кора на Месечината има океан на длабочина од 20 до 30 километри, отколку карпесто јадро.

Научниците ги засновале своите наоди на набљудувања од вселенското летало „Касини“, изградено и лансирано од НАСА. „Касини“ ги проучува Сатурн и неговите над 140 природни сателити подолго од една деценија, пред да влезе во атмосферата на прстенестата планета и да изгори во 2017 година.

Мимас, чиј пречник е едвај 400 километри, е полна со кратери поради удари од астероиди, но видливо е дека ѝ недостигаат пукнатини и гејзери - типични знаци на подземна активност.

- Мимас беше веројатно најмалку веројатното место за барање глобален океан - и, општо земено, течна вода. Значи, ова изгледа како потенцијално населив свет, но никој не знае колку време ќе биде потребно за да се развие животот таму - напишала Валери Леини, коавтор на студијата во Париската опсерваторија.

Резултатите биле објавени во списанието „Природа“.

Според Леини, се верува дека океанот сочинува половина од територијата на Мимас, но тоа е само 1,2 до 1,4 отсто од океаните на Земјата, кога ќе се земат предвид малите димензии на сателитот. Иако е толку мал, го има вториот најголем кратер добиен од удар во целиот Сончев Систем, поради што е споредуван со измислената вселенска станица од „Војна на ѕвездите“. Таа станица, која во овој филмски серијал ѝ служи на Галактичката империја како оружје за масовно уништување, е препознатлива по огромен вештачки кратер во чиј центар се наоѓа топ за уништување цели планети.

Се верува дека Мимас е стара меѓу пет и 15 милиони години, а температурата на веројатно скриениот океан, генерално, би била некаде околу точка на замрзнување, но како што истакнува Леини, водата на дното би можела да биде многу потопла.

Коавторот на студијата, Ник Купер од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, истакнал дека постоењето на млад океан ја прави Мимас главен кандидат за проучување на потеклото на животот.

Инаку, англискиот астроном Вилијам Хершел е одговорен за откривањето на Мимас во 1789 година.

Извор: Okvir.net

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука