„Не сум сексуален предатор, јас сум престапник. Тоа е разликата меѓу убиец и лице кое ќе украде печиво“, рече Џефри Епстин за „Њујорк пост“ во 2011 година.
Според официјалните соопштенија, Епстин се самоубил во затворска ќелија во Њујорк на 10 август 2019 година, чекајќи го судењето по обвиненијата за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација. Судењето требаше да се одржи по повеќе од 10 години откако судот во претходен случај го осуди за наговарање малолетници на проституција, поради што беше регистриран како сексуален престапник.
Во следниот случај тој беше обвинет дека водел огромна мрежа составена од малолетни девојки за проституција.
Во ноември минатата година двата дома на Конгресот во САД со големо мнозинство одобрија закон со кој му беше наложено на тамошното министерство за правда да ги објави сите документи од досиејата за Епстин. Законот набрзо потоа беше потпишан од американскиот претседател Доналд Трамп.
По претходните делумни документи, на 30 јануари беа објавени повеќе од три милиони документи, а изгледа тоа не е сè. Активисти и некои претставници на опозиционерската Демократска партија тврдат дека има уште документи, но дека намерно не се објавуваат.
Материјалот кој досега е објавен откри детали од животот на покојниот финансиер и неговиот круг во кој, според документите, имало многу познати луѓе од различни сфери. Сепак, Министерството за правда на САД мораше и да отстрани илјадници документи откако многу жртви се пожалија дека им е откриен идентитетот и загрозен животот.
Од професор по математика до огромно богатство
Роден и пораснат во Њујорк, Епстин предавал математика и физика во приватно училиште кон средината на 70-тите години. Студирал математика и физика, но никогаш не дипломирал. Според кажувањата, татко на еден од неговите ученици бил толку импресиониран што го поврзал Епстин со виш партнер во инвестициска банка од Вол стрит. Четири години тој бил партнер во банката. До 1982 година основал и сопствена компанија, „Џ. Епстин енд ко.“, која управувала со имот на клиенти вреден повеќе од милијарда долари и имала неверојатен успех за кратко време.
Епстин набрзо почнал да го троши богатството, купувајќи вила на Флорида, ранч во Ново Мексико и, наводно, најголемата приватна куќа во Њујорк. Се дружел со познати лица, бизнисмени, политичари, уметници, членови на кралски фамилии...
Трамп за Епстин во 2002 година изјавил дека го познава 15 години и дека е „сјаен дечко“, но многу години подоцна, кога му почна вториот претседателски мандат, тој рече дека се скарале уште на почетокот на 21 век, години пред Епстин да биде уапсен. Трамп упорно негира дека направил какво било кривично дело во врска со Епстин.
Островот на злото
Во групата судски документи во врска со Епстин, објавени во јануари 2024 година, детално е опишано како десетици девојки биле регрутирани во неговата луксузна вила на островот Литл Сент Џејмс во архипелагот Американски Девствени Острови на Карибите, кои Америка пред повеќе од 100 години ги купила од Данска.
Според сведочење на детектив од Флорида, 30 жени му рекле дека биле ангажирани за „масажа и работа“, а на некои им било плаќано да носат пријателки.
Овие и претходно објавени документи се дел од тужбата против Гилејн Максвел, поранешна соработничка и љубовна партнерка на Епстин, која е осудена на 20 години затвор за трговија со луѓе, поточно подведување малолетници за Епстин и неговите забави на озлогласениот остров.
Во претходно објавени документи се наведува дека Епстин угостил многу познати лица со кои се дружел или бил во контакт, токму на островот Литл Сент Џејмс, кој бил во негова сопственост од 1998 до 2019 година. Тој остров се нарекува и „Остров на гревот“ и „Педофилски остров“.
Судејќи по новообјавените документи, на тој остров биле носени деца кои биле злоупотребувани од страна на Епстин и неговото друштво. На островот, според пишувањата, има разни објекти, наводно тајни простории и нивоа и чудна зграда со фасада во сино-бели линии и златна купола.
фото: ФБИ
Дружби со Клинтон, Гејтс, принцот Ендрју...
Освен Трамп, Епстин имал долга листа со славни пријатели, што не посочува на какво било незаконско однесување на тие личности, пишува Би-би-си.
Во 2002 година со негов приватен авион кон Африка патувале поранешниот американски претседател Бил Клинтон и актерите Кевин Спејси и Крис Такер. Неуспешно се обидел да го купи списанието „Њујорк магазин“ со тогашниот филмски продуцент Харви Вајнстин во 2003 година - истата година кога донирал 30 милиони долари на Универзитетот „Харвард“. Години подоцна, Харви Вајнстин, моќен могул во холивудската филмска индустрија, беше осуден на долгогодишна казна затвор поради сексуално злоупотребување.
Клинтонови, кои често се споменуваат во е-пораките на Епстин, а неретко и се допишувале со него, се согласија да сведочат во истрагата.
Епстин се дружел и со Бил Гејтс и во пораки, за кои не е познато дали некогаш му ги испратил на основачот на „Мајкрософт“, пишувал дека Бил имал сексуално преносливи болести. Според Гејтс, тие само вечерале заедно и немало ништо повеќе, а според поранешната сопруга на Бил, Мелинда, Епстин бил персонификација на злото. Таа, како што изјави, имала ноќни мори по средба со него.
Треба да се спомене и принцот Ендрју, братот на британскиот крал Чарлс, кој се најде на листата со пријатели на Епстин, а тоа придонесе и да му се одземат кралските привилегии и титули, па и звањето принц.
Полска и Литванија почнуваат истрага: Дали ова е руско масло?
Некои европски земји, како Полска и Литванија, ќе формираат комисии што треба да ги истражат наводите од милионите документи за трговија со девојчиња и млади девојки кои биле водени на островот од неколку европски земји. Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека ќе биде направен тим кој ќе ги истражи сите потенцијални последици на злосторствата на Епстин поврзани со Полска, особено во врска со она што е, како што рече тој, можно учество на руските тајни служби.
- Сè повеќе траги, сè повеќе информации и сè повеќе коментари во светскиот печат посочуваат на сомнежот дека руските разузнавачки служби го организирале и координирале овој невиден педофилски скандал. Тоа може само да значи дека тие, исто така, поседуваат компромитирачки материјали против многу лидери кои се активни и денес - рече Туск.
Насловна фотографија: US State Department