X
 09.04.2019 Наука

Нов вид пластика што се разградува во вода

Проблемот со загадувањето со пластика се зголемува како што поминуваат годините, а пронаоѓањето начини за решавање на овој проблем стана топ-приоритет. Секоја година се произведуваат милиони тони пластика, а половина од нив се предмети за еднократна употреба што се користат само еднаш, но остануваат во природата стотици години. Шерон Барак, хемиски инженер од Израел, пронајде начин да го намали периодот на распаѓање на пластиката од векови во минути.

Според експертите, просечното време за разградување е 50 години за пластични шишиња, 200 години за сламки и 400 години за пластични шишиња. Шерон Барак си постави цел да создаде производ што ќе изгледа и функционира како пластика, и ќе се разградува во вода, не наштетувајќи ѝ на природата. И во тоа успеа! Нејзината замена има исти функции како пластиката, но се раствора во вода за неколку минути.

Таа и нејзиниот тим поминале многу време мешајќи различни компоненти додека конечно не ја пронашле вистинската формула. „Лажната“ пластика што ја создаде Шерон содржи 100 отсто еколошки материјали што лесно се раствораат во вода и стануваат дел од природата.

plastika
Фото: Shutterstock/Depositphotos


Производот е толку безбеден и природен, што можете дури и да го пиете неговиот воден раствор. Ако кесата направена од овој материјал случајно се најде во океаните, таа ќе стане дел од океанот за само неколку минути, не претставувајќи закана за морскиот свет, за разлика од обичната пластична кеса.

Дополнително, новиот пронајдок не бара елабориран процес за рециклирање. Кога ќе употребите предмет од овој материјал, едноставно можете да го фрлите во одводот.

Како што се вели на веб-страницата на тимот, процесот на производство на овој материјал не е комплициран - обичната машина за производство на пластични кеси може да се приспособи за да го произведе овој иновативен материјал за зачувување на океаните.

Шерон гледа огромен потенцијал во оваа биоразградлива пластична замена. Може да се користи за пакување на храната, производство на шишиња и други цели за кои се користи редовната пластика. Шерон и нејзиниот тим работат напорно за воведување на нивниот пронајдок во светот и веруваат дека масовното производство на еколошки „лажна“ пластика ќе го направи светот подобро место за живеење.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука