Новинари од редакцијата на германскиот јавен сервис „Ем-де-ер Инвестигатив“ откриле досие од аргентинската федерална полиција за нацистичкиот злосторник Јозеф Менгеле кое со години се сметало за исчезнато. Овие документи содржат чувствителни информации за тоа каде се криел по завршувањето на Втората светска војна и откриваат нови детали за неговото бегство и меѓународното барање по него. Според „Ем-де-ер“, досието исчезнало од архивите во 2002 година.
Документите откриваат информација што досега не била позната - дека Менгеле планирал да влезе во Германија во февруари 1959 година, и дека за таа цел поднел официјално барање до аргентинските власти.
Историчарот и експерт за нацизмот, Богдан Мусијал, кој детално ги анализирал копиите од досието, ги потврдува како автентични.
- Ова досие го проширува нашето досегашно знаење. Очигледно е дека поединечни држави имале поконкретни информации отколку што се претпоставуваше - истакнува тој.
Според него, Менгеле планирал да ја посети Западна Германија под своето вистинско име, најверојатно поради болеста на својот татко.
- Тоа покажува дека се чувствувал безбеден. Се идентификувал со своето вистинско име и верувал дека може да патува во Германија без последици - вели Мусијал.
Од германското Министерство за надворешни работи на прашањето дали Менгеле навистина се вратил во Германија, изјавиле дека нема информации за такво патување.
Менгеле во Аушвиц - селекција и брутални експерименти
Јозеф Менгеле бил лекар во логорот Аушвиц-Биркенау, кој за време на Втората светска војна правел селекции меѓу затворениците со што дел ги праќал на принудна работа или страшни медицински експерименти, додека останатите ги праќал директно во гасни комори. Во Аушвиц биле убиени повеќе од милион луѓе. По ослободувањето на логорот од страна на Црвената армија во 1945 година, Менгеле исчезнал. Веќе во мај истата година, сојузниците распишале потерница по него поради масовни убиства.
Како и многу други нацистички злосторници, и Менгеле избегал во Аргентина во 1949 година, искористувајќи го хаосот по војната. Аргентинските власти, кои тогаш се фокусирале на борбата против комунизмот, често гледале на поранешните нацисти како на сојузници.
- Сите западни влади тогаш примаа германски научници, па и Аргентина - објаснува Ариел Гелблунг од Центарот „Симон Визентал“.
Кој го предупредил Менгеле дека треба да побегне?
Менгеле живеел удобен живот во Буенос Аирес, во луксузна вила, поддржан од богата фамилија. Не е познато дали навистина работел како научник. Но, кон крајот на 50-тите добил дојава дека му се приближува опасност, поради што побегнал во Парагвај во 1959 година.
Во тоа време, Адолф Ајхман сè уште бил во Буенос Аирес. Но, тајната израелска служба Мосад го киднапирала и го однела во Израел, каде што бил осуден и погубен. За разлика од него, Менгеле продолжил да живее на слобода прво во Парагвај, потоа во Бразил.
Редакцијта на „Ем-де-ер“ успеала да фотографира документи од еден приватен колекционер, кои потекнуваат од архивата на аргентинската полиција.
- Во овие документи е запишано како навистина се случиле работите со точни факти и датуми - вели колекционерот, кој сакал да остане анонимен.
Професорот Даниел Фајерштајн од Центарот за проучување на геноцидот во Буенос Аирес објаснува дека Аргентина била предупредена за Менгеле, но тој однапред бил информиран и избегал. Двапати бил предупреден, најверојатно од некој кој бил во самите полициски кругови.
Во архивите во Буенос Аирес не постојат копии од исчезнатото досие, но идентични делови се појавуваат во други документи што ја потврдува нивната веродостојност. Германија поднела барање за екстрадиција дури кон крајот на 1959 година, иако Менгеле три години порано побарал пасош во германската амбасада.
Документите откриваат дека аргентинската полиција знаела каде се наоѓа и дека уште во јануари 1960 била информирана дека избегал во Парагвај. Подоцна истата година, Менгеле избегал во Бразил. Документите покажуваат дека од 1963 година, бразилската полиција барала од Аргентина отпечатоци и фотографии што укажува дека постоеле сомнежи за негово присуство во Бразил.
Што знаеле германските служби во тоа време?
Според „Ем-де-ер“, германската надворешна разузнавачка служба соработувала со помагачи на Менгеле. Иако некои документи се достапни, јавноста има ограничен пристап.
Критичарите ја обвинуваат германската држава за пасивност и прикривање.
- Неуспех би било кога државата навистина би сакала да го гони. А кај Менгеле јасно е дека таква волја немало. Не е неуспех затоа што целта на државата беше да не го гони - вели историчарот Мусијал.
Јозеф Менгеле живеел под лажно име во Бразил до својата смрт во 1979 година. Неговиот гроб бил откриен во 1985 година.
Ова повторно откриено полициско досие отвора нови прашања поврзани со соучесништвото на Аргентина, Бразил и Германија и нивниот однос кон еден од најсуровите нацистички злосторници.
Извор:
Atvbl.rs
Фото:
Wikipedia