X
 09.11.2025 Технологија

Дали е сеедно кој ХДМИ влез на вашиот телевизор го користите

ХДМИ стана стандарден конектор на модерните телевизори, заменувајќи ги претходните РЦА влезови. Но, иако повеќето телевизори имаат повеќе ХДМИ влезови, тие не се секогаш со еднакви можности.

На прв поглед може да изгледа дека можете да приклучите кој било уред на кој било ХДМИ влез, но изборот на погрешен влез може да го ограничи квалитетот на сликата, звукот или функциите како што се високиот „фрејмрејт“ во игрите.

Не се сите ХДМИ влезови исти


ХДМИ влезовите се разликуваат по генерација (на пр., ХДМИ 2.0 или 2.1), брзина на податоци и поддршка за специфични функции. Производителите често ги означуваат поединечните влезови, па затоа влезот означен како еАРЦ или АРЦ е наменет за звучни системи и звучни ленти, бидејќи овозможува враќање на аудиосигналот од телевизорот. Ако поврзувате уред како „епл ТВ 4K“, може да биде потребен еАРЦ влез за поддршка на надворешен звучен систем.

За конзоли како „плејстејшн 5“ или „х-бокс серија X“, или за гејмерски компјутери, се препорачува да се користи ХДМИ 2.1 влезот, кој поддржува 4K резолуција на 120 херци (или повеќе со компресија). 


За уреди на кои не им е потребна висока брзина на пренос на податоци, како што се стриминг-плеери или блуреј-плеери, секој достапен ХДМИ влез ќе биде соодветен.

Со избирање на вистинскиот влез обезбедувате оптимален квалитет на прикажување на сликата, звукот и перформансите за игри. Секогаш проверувајте ги етикетите до ХДМИ влезовите или спецификациите во упатството за вашиот телевизор за да бидете сигурни дека го користите најдобриот влез за вашиот уред.

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија