X
 10.02.2025 Наша тема

„Со технологиите што ги создаваме ја креираме иднината во која нашите деца ќе живеат по дифолт“: Интервју со Лазе Јанев, архитект за решенија во „Dynamics 365“

В сабота, 15 февруари, во главниот амфитеатар на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ во Скопје, од 9 до 17 часот, ќе се одржи првата регионална средба на корисници на мајкрософт-платформата „Динамикс“, насловен како „Dynamics User Group Adriatic Meetup“.

„Dynamics 365 & Power Platform“ заедницата ќе може цел ден да учи, споделува и да се вмрежува со професионалци и колеги во текот на неколку експертски сесии. Добредојдени да го посетат се програмери, консултанти, деловни корисници и студенти.

Еден од организаторите е македонскиот ИТ-експерт Лазе Јанев. Тој е архитект за решенија во „Dynamics 365“ со повеќе од 15 години искуство во релевантни технологии на „Мајкрософт“. Дизајнирал, развил и поддржал многубројни имплементации на Dynamics 365 на глобално ниво. Неговата работа вклучува дефинирање стандарди, водење тимови, интегрирање ERP решенија и имплементација на Dynamics 365 for Finance и Operation проекти.



Што претставува Dynamics 365?

- Dynamics 365 е SaaS (софтвер како сервис) платформа за управување со деловни процеси од „Мајкрософт“, која обединува ERP (Enterprise Resource Planning) и CRM (Customer Relationship Management) функционалности. Оваа платформа им помага на бизнисите да автоматизираат, оптимизираат и подобрат различни операции, како што се финансии, продажба, маркетинг, услуги за корисници, управување со магацин, производство и повеќе.

Колкав е интересот за овој сет апликации помеѓу бизнис-заедницата во Македонија и на Балканот?

- Dynamics 365 добива сè поголемо внимание меѓу бизнис-заедницата во Македонија и на Балканот. Многу компании во регионот го препознаваат потенцијалот на оваа платформа за подобрување на нивните деловни процеси и зголемување на ефикасноста.
Во Македонија, неколку компании веќе го имплементираа Dynamics 365 за да ги оптимизираат своите операции. Како пример, „Витаминка“ е првата компанија во Македонија која во сите процеси, производство, набавка, магацини, продажба и финансии, го имплементира ЕРП решението од „Мајкрософт“ – Dynamics 365 Finance and Operation. Со ова „Витаминка“ е на пат кон целосна дигитализација на работата, од влез на суровина до излез на готов производ и нивно складирање.
На Балканот трендот е сличен. Компании од различни индустрии, како што се трговија, производство и услуги, го прифаќаат Dynamics 365 за да ги модернизираат своите системи и да останат конкурентни на пазарот. На пример, компанијата „Тигар“ (дел од групацијата „Мишелин“) за производство за гуми е во процес на имплементирање на овој можен софтверски производ.
Покрај тоа, постојат и локални партнери и консултантски фирми кои нудат поддршка и услуги за имплементација на Dynamics 365, што дополнително ги зголемува интересот и довербата меѓу бизнисите во регионот.



Што ќе се случува на „Dynamics User Group Adriatic“ во Скопје, кои се очекувањата?

- На 15 февруари 2025 година во Скопје ќе се одржи првиот „Dynamics 365 & Power Platform Community Meetup“ организиран од мене и од Dynamics User Group Adriatic (DUG Adriatic), а помогнат од деканатот на ФИНКИ.
Настанот е отворен за студенти, професионалци и ентузијасти заинтересирани за Microsoft Dynamics и Power Platform. Се очекува присуство над 150 професионалци, а капацитетот на просторот е до 250 учесници. Студентите можат да се регистрираат преку DUGA Skopje Event страницата. Препорачливо е рано пријавување за да се обезбеди место.

Кој од ова ќе научи најмногу, програмерите, деловните корисници или студентите?

- Најмногу ќе научат студентите бидејќи за нив ова ќе биде вовед во Dynamics 365 и Power Platform, можност да видат реални примери и да добијат увид во тоа како се користи технологијата во бизнисот.
Но, деловните корисници, исто така, ќе имаат голема корист бидејќи ќе можат да откријат нови начини за оптимизација на процесите и автоматизација преку Power Platform.
Програмерите и консултантите ќе најдат вредност ако има технички сесии поврзани со интеграции, приспособувања и развој на решенија во Dynamics 365 и Power Platform.
Досега имаме пријавено учесници од сите овие групи, а презентери ќе има од независни консултанти, вработени во локални и компании од регионот, како и од бизнис-корисници кои ги користат овие алатки.

Соработувате со „Мајкрософт“ долги години како надворешен соработник, како е да се биде дел од ваков гигант во ИТ-индустријата?

- Работам со „Мајкрософт“ како надворешен соработник за држење тренинзи/обуки за нивните партнери, па и за нивните вработени. Сум работел за нив и како дел од тимот архитекти за имплементација на еден од најголемите клиенти и најпрепознатливите брендови во светот – „Кока-Кола“.
Од минатата година сум дел од MVP (Most Valuable Professionals) заедницата, што за мене е огромна чест бидејќи е прв таков профил на Балканот во областа во AI ERP. Како MVP во AI ERP, имаш улога на лидер, едукатор и иноватор во оваа област. Ова подразбира:
Споделување знаење – преку блогови, конференции вебинари и обуки.
Вклученост во мајкрософт-заедницата – активно учество на настани, MVP meetups и давање фидбек за нови AI ERP функционалности.
Помагање на компании да ги усвојат AI решенијата во ERP – со консалтинг, имплементација и оптимизација на AI-driven процеси.
Директна соработка со „Мајкрософт“ – како MVP, можеш да добиеш ексклузивен пристап до технологии кои не се достапни за јавноста и да даваш предлози за подобрувања.



Во едно интервју велите дека Вашата работа вклучува многу читање и гледање видеа. Кои се Вашите задачи во Dynamics 365 и на кој начин преку Вашето знаење се стигнува до нови продукти во „Мајкрософт“?

- Моето искуство како MVP во AI ERP и како Dynamics 365 Solution Architect вклучува постојано учење и развој. Оваа работа е динамичен процес кој бара редовно следење на новитетите, решавање комплексни проблеми и користење на технологиите на „Мајкрософт“ за да им помогнам на компаниите да постигнат оптимизација и раст.

Моите задачи се:
1. Консултирање и имплементација на решенија – Моите задачи често вклучуваат работа со клиенти за да им помогнам да имплементираат Dynamics 365.
2. Анализа и оптимизација на процеси – Редовно анализирам бизнис-процеси и препорачувам оптимизации преку користење на Dynamics 365 функционалности.
3. Интеграции и автоматизација – Работам на интеграција на Dynamics 365 со други системи, користејќи Power Automate, Power Apps и Microsoft Fabric за да создадам автоматизирани и безбедни решенија.
4. Обучување и споделување знаење – Понекогаш водам обуки или се вклучувам во презентирање на нови функционалности на Dynamics 365 за моите колеги или клиенти.

До нови продукти се доаѓа со:
1. Интеракција со „Мајкрософт“ и други MVP – Читам и истражувам нови технологии преку Microsoft Learn, видеоматеријали, бета-тестови и редовни состаноци со други MVP-ја, што ми дава пристап до најновите иновации и новости.
2. Фидбек за нови функционалности – Како MVP, учествувам во Private Preview Feedback Programs каде што давам повратни информации на „Мајкрософт“ за нови функции во Dynamics 365, Power Platform и AI технологии. Овој фидбек често влијае врз понатамошниот развој на продуктите.
3. Применување на новите технологии во реални проекти – Редовно ги користам најновите можности на AI, Power BI, Automation и Microsoft Fabric за да создадам нови решенија за моите клиенти. Секогаш истражувам како да применам нови производи и алатки на „Мајкрософт“ за да ги подобрам системите што ги користиме.



Треба ли да се плашиме од вештачката интелигенција или треба да ја користиме? Каков е вашиот став за неа?

- Мојот став за вештачката интелигенција е позитивен, но со свесност за предизвиците што може да ги носи. AI не е нешто од што треба да се плашиме, туку треба да го користиме за да ја подобриме нашата продуктивност, да бидеме поефикасни и да ги решаваме проблемите на поинтелигентен начин. Сепак, треба да имаме на ум дека со сите овие технологии што ги создаваме и начинот на кои ги користиме, всушност, ја креираме иднината во која нашите деца ќе живеат по дифолт. Доколку вештачката интелигенција не се користи на одговорен начин, таа може да донесе и многу негативни последици. Затоа компаниите треба редовно да бидат надгледувани и да подлежат на различни регулативи.

На што работите во моментов и што да очекуваме годинава од „Мајкрософт“?

- Во моментов работам на повеќе фронтови. На пример, архитектура за коректно и оптимално конектирање на Dynamics CRM со Microsoft Fabric, систем кој ќе се користи од 5.000 корисници.
Работам и на проект за имплементирање на Dynamics 365 E-Commerce, веб-продавница која е поврзана со Dynamics 365 AI ERP и на која ќе може да бидат клиенти од типот B2B и B2C.
Имплементирање на Copilot for Finance. Ова е алатка која е интегрирана во Dynamics 365 Finance, која користи вештачка интелигенција (AI) за да ги подобри продуктивноста и донесувањето одлуки во финансиските операции. Тоа е алатка која им помага на корисниците да ја автоматизираат и оптимизираат работата во финансиските процеси, а истовремено нуди интелигентни предлози и анализи за да се осигури дека процесите се ефикасни и точни. По првото демо на продуктот, главната на финансии кај клиентот ми рече дека со оваа алатка ќе може конечно да се пензионира.
Работам и на Power BI репорти во Microsoft Fabric кои му овозможуваат да заштеди огромни суми на пари со правилно планирање и оптимизација на лиценци и резервација на користење капацитети во Azure.



Работам и на некои проекти, но кои се под NDA и, за жал, не можам да откријам детали во моментов, а се многу интересни.

2025 година ќе биде возбудлива за „Мајкрософт“, особено во контекст на Dynamics 365, Power Platform, AI иновации и клауд-решенија. „Мајкрософт“ има амбициозни планови за да ги трансформира и унапреди технологиите што ги нуди, а некои од најважните трендови и иновации што ги очекуваме се:
- AI во Dynamics 365: Очекувајте уште поголеми AI интеграции во Dynamics 365 за финансии, продажба, магацини и другите модули. „Мајкрософт“ веќе започна со интеграцијата на Copilot и Azure AI за да ги подобри автоматизацијата и аналитиката.
- Virtual Agents во Dynamics 365 се алатки засновани на вештачка интелигенција (AI) кои се користат за создавање чет-ботови кои автоматизираат комуникација со корисници, клиенти или вработени. Ова решение овозможува интеракција во реално време и автоматизирање на рутински задачи и разговори, што го подобрува корисничкото искуство и ја зголемува ефикасноста на тимовите.
- Интеграција на Microsoft Fabric со Dynamics 365: Microsoft Fabric, новата платформа за анализа на податоци, ќе биде интегрирана со Dynamics 365 и Power Platform за да овозможи подобра обработка на податоци, автоматски увид и предвидувања.
- Zero Trust архитектура: Microsoft ќе продолжи со имплементација на Zero Trust безбедносната архитектура, што ќе овозможи поголема заштита на податоците и ресурси во облакот.

Издвојуваме

Наша тема