X
 19.12.2025 Култура

Од 2029 година „Оскарите“ ќе се емитуваат само на „Јутјуб“

Почнувајќи од 2029 година, „Оскарите“ ќе се прикажуваат само на платформата „Јутјуб“, соопшти Американската филмска академија, која и понатаму е претпазлива кон стриминг-платформите иако навиките на публиката сè повеќе се префрлаат онлајн.

Новиот петгодишен договор значи дека најпрестижната холивудска церемонија за доделување награди првпат ќе биде достапна исклучиво онлајн, со што завршува долгогодишната соработка со американската телевизија Еј-би-си.

Одлуката ќе ѝ овозможи на Академијата да допре до најголемата можна светска публика, што ќе биде од корист за членовите и филмската заедница, изјави извршниот директор на Академијата за филмски уметности и науки, Бил Крамер, како и претседателката Линет Хауел Тејлор.

„Оскарите“, кои ги слават најдобрите филмски остварувања и ги собираат најголемите светски ѕвезди, редовно ги следат околу 20 милиони гледачи во САД и уште милиони низ светот.

Последниот договор на Еј-би-си за пренос на церемонијата требаше да заврши во 2028 година, со 100. доделување на „Оскарите“. Каналот, кој е во сопственост на „Дизни“, ќе продолжи да ги емитува „Оскарите“ дотогаш.

Новиот договор со „Јутјуб“, кој е во сопственост на „Гугл“, претставува храбар чекор за церемонијата, во време кога публиката сè почесто гледа содржини онлајн.

Стриминг-платформите привлекоа врвни таленти од традиционалните холивудски студија со огромни договори и покрај загриженоста на филмските автори дека нивните филмови ретко се прикажуваат долго време во кината.

Стриминг-платформите постепено добија и пошироко прифаќање на „Оскарите“, а доказ за тоа е фактот што „Епл“ ја освои наградата за најдобар филм со „КОДА“ во 2022 година.

САГ-наградите, уште една важна холивудска церемонија, која неодамна беше ребрендирана како „Награда на актерите“, веќе се префрли на „Нетфликс“.

- Оваа соработка ќе го искористи огромниот досег на „Јутјуб“ и на „Оскарите“ ќе им даде иновативни можности за интеракција, истовремено почитувајќи ја нашата традиција - се вели во соопштението на Академијата.

Како и Холивуд во целина, и „Оскарите“ минуваат низ период полн со предизвици во последните години бидејќи навиките на помладите генерации се менуваат.

За време на ковид-пандемијата гледаноста на „Оскарите“ падна и до 10,4 милиони гледачи.

Најновото доделување го следеле 19,69 милиони луѓе, што е најмногу во последните пет години бидејќи церемонијата се емитуваше во живо истовремено на стриминг-платформата „Хулу“ на „Дизни“ и на Еј-би-си.

Но, стримингот на „Хулу“ имаше технички проблеми поради кои дел од гледачите не успеаја да ги видат завршните награди.

Пред нешто повеќе од една деценија телевизискиот пренос на „Оскарите“ редовно надминуваше 40 милиони гледачи.

Извор: Msn.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура