X
 10.08.2025 Живот

Без бирократија и чекање: Британски политичар лансира верзија од себеси создадена со ВИ

Замислете да можете да го „фатите“ вашиот локален политичар и да го прашувате што и да сакате и кога сакате, без да закажете посета и бесконечно да чекате одговор.

Токму ова сака да го овозможи еден британски пратеник. Марк Сјуардс, пратеник од Лабуристичката партија за изборната единица „Лидс Саутвест и Морли“, претставил виртуелна вештачка верзија од себеси дизајнирана да одговара на прашања 24 часа на ден и да им помага на граѓаните со секојдневните прашања.

- Многу сум заинтересиран да истражам како новите технологии, како што е вештачката интелигенција, можат да ја зајакнат врската помеѓу канцелариите на претставниците и граѓаните што ги претставуваме - истакнал Сјуардс во соопштението.

Целта е да се понуди постојано достапна услуга преку која граѓаните можат да пријавуваат локални проблеми, да прашуваат за политички прашања или да испратат порака до канцеларијата на претставникот, без да чекаат со недели за официјален одговор.

- Ботот едноставно им дава на луѓето уште една опција да ме контактираат, во секое време - напишал Сјуардс.

Како една технолошка компанија го создаде клонот со вештачка интелигенција на Сјуардс

Стартапот „Неурал војс“, со седиште во Лидс, разви дигитална верзија на Сјуардс, нарекувајќи го „првиот виртуелен пратеник во Велика Британија“. Компанијата користи напредна синтеза на глас и обработка на природен јазик за да создаде гласовни асистенти со вештачка интелигенција за телефонски системи и веб-страници.

Дигиталниот двојник на Сјуардс е создаден со користење на неговите парламентарни аудиоснимки, профили на социјалните медиуми и мината преписка со јавноста - за прецизно да се реплицира неговиот стил на говорење, тон и изрази, велат од компанијата.

Тие се надеваат дека новата технологија ќе ги направи локалните политичари подостапни.

-Политичарите предолго време беа недостапни за своите избирачи. Огромното мнозинство луѓе не го знаат името на својот пратеник, а камоли како звучи неговиот глас или што претставува  - рекол Џереми Смит, коосновач и директор на компанијата.

Тој верува дека технологијата наскоро би можела да стане вообичаена практика како за другите пратеници, така и за компаниите што сакаат да го премостат комуникацискиот јаз.


Дигитални двојници во политиката и бизнисот

Вештачката интелигенција сè повеќе се користи во јавните улоги за надминување на физичките бариери и овозможување постојана двонасочна комуникација. Минатата година градоначалникот на јапонскиот град Јокосука откри аватар од себеси создаден со вештачка интелигенција за да ја подобри комуникацијата со илјадниците американски морнари стационирани во градот.

Компаниите во Полска и Кина, исто така, експериментираа со извршни директори создадени од вештачка интелигенција кои ги водат своите брендови.

Ризик од злоупотреба

Но, ваквите алатки лесно можат да се злоупотребат за лажно претставување на јавни личности без нивна согласност или за создавање убедливи лажни личности кои изгледаат вистински. Според извештајот на Институтот за сајбер-безбедност „Ентраст“, во 2024 година се создавал нов лажен текст на секои пет минути.

Дали дигитален двојник навистина може да замени средба со политичар лице в лице, останува отворено прашање, но Сјуардс верува дека тоа е барем ветувачка опција.

Извор: n1info.hr

Фото: Neural voice screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот