До пред неколку години Албанија беше скриениот бисер на Јадранското Море. Денес на плажите се појавуваат градилишта, а инвеститорите се подготвуваат да ги претворат мирните села во луксузни летувалишта за светската елита.
Плажата Јале доживеа трансформација од природен и делумно неоткриен рај во популарна туристичка дестинација, станувајќи микрокосмос на порастот на популарноста на Албанија и на сите социјални и еколошки проблеми што земјата ги има, анализира списанието „Политико“.
Додека голем дел од светот сè уште беше во карантин поради ковид-пандемијата, Албанија ги отвори своите врати за посетителите во јули 2020 година и стана новооткриен рај. Притоа, нудеше природа и плажи од светска класа, многу поевтино од другите европски летни дестинации, па во 2020 година, на врвот на сезоната, можевте да најдете ноќевање во хотел на плажа со појадок за 30 евра, а лежалки за 3 евра.
Албанија од година на година стануваше сè попопуларна, а веста за нејзините плажи како морски рај за ниски цени се ширеше преку социјалните мрежи.
- Тоа предизвика вистински наплив на туристи, кои во 2023 година достигнаа рекорден број од 10 милиони. Следната година таа бројка порасна на 11,7 милиони, а оваа година владата се надева дека земјата ќе ја посетат повеќе од 15 милиони туристи. Сето тоа во земја со само 2,7 милиони жители - пишува „Политико“.
Според пишувањето на локалните медиуми, најголемиот дел од посетителите се од Европа, а најмногу има туристи од Германија, Италија, Полска и Франција. За разлика од другите европски дестинации како Италија или Франција, Албанија е помала земја каде што посетителите можат да ги истражуваат планините и плажите во еден ден, а исто така многумина ја перципираат како дива и слободна, нешто што ретко може да се најде во Европа.
Не треба да се заборави и фактот дека Албанија е една од најсиромашните земји во Европа, на која овој пораст во туризмот ѝ е добредојден. Но, што се случува сега?
Изградба на луксузни хотели
Владините официјални лица кои се стремат да ја сместат Албанија меѓу првокласните туристички дестинации ги ослободиле меѓународните хотелски брендови од данок на добивка за период од 10 години ако изградат хотели со четири или пет ѕвезди. Овој даночен поттик беше воведен во 2019 година, а на почетокот на оваа година беше продолжен до 2027 година.
Ова добро функционираше. Неколку меѓународни брендови, како што се „Мериот интернешнл“, „Мелија хотелс интернешнл“ и Радисон хотел груп“, отворија објекти, додека зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, планира да претвори еден албански остров во луксузно летувалиште.
Меѓутоа, критичарите предупредуваат дека плажите немаат доволно простор за посетителите кои би дошле во ваквите луксузни летувалишта и дека природата се уништува за сметка на туризмот. Аеродромот во Влора, кој наскоро ќе биде отворен на југот на земјата, веќе предизвика контроверзии поради својата близина до заштитеното подрачје.
- Алчноста го замени разумното планирање и љубовта кон земјата, природата и татковината - вели Алфред Лела, претставник на опозициската Демократска партија.
Веќе не е толку евтино
Љубителите на авантурата сè уште можат да најдат помалку развиени делови на Албанија за истражување, но изгледа дека завршија деновите на евтини патувања.
Просечната потрошувачка по посетител порасна за 20 отсто во 2024 година во споредба со претходната, а туристите потрошија 5 милијарди евра во земјата. Експертите и претприемачите тврдат дека поголемата побарувачка значи поголем притисок врз синџирите за снабдување и зголемени трошоци за увоз на стока.
Како што растат трошоците, така се намалува бројот на локалните жители кои некогаш ја посетувале плажата. И не се само високите цени тие што ги загрижуваат луѓето.
- Ѓубрето станува голем проблем насекаде. Ниту една општина не може да го следи темпото или да спроведува рециклирање - вели Арбен Кола, туристички водич и еколошки активист.
Неколку фејсбук-групи посветени на туризмот во Албанија споделуваат објави од туристи кои се жалат на ѓубре покрај патиштата и плажите, заедно со тажни коментари за изградбата и високите цени.
- Во Албанија повеќе нема место за локалните жители - заклучува „Политико“.
Извор:
Nova.rs
Фото: Freepik