X
 15.05.2025 Живот

Валона добива аеродром - писта низ лагуна и фламинга во низок лет

Југот на Албанија, познат по мирисот на борови, малку ретротуризам, а исто така и малку хаотична архитектура, наскоро ќе го добие третиот меѓународен аеродром во Албанија - во Валона.

Градилиштето се наоѓа веднаш до заштитеното мочуриште Нарта, што предизвика бунт кај екологистите и орнитолозите, но инвеститорите не се откажуваат - во прашање се милијарди евра, инфраструктурен престиж и, секако, стотици илјади туристи кои не сакаат да слетаат во Тирана или во грчка Превеза, или на Крф, туку токму таму каде што брановите на Јонското Море се најсини.

Сè започнало летото 2018 година кога турскиот конзорциум „Џенгиз-Колин-Лимак-Мапа-Калјон“ понудил да изгради аеродром, со помош на „Туркиш ерлајнс“, гледајќи добра деловна можност во растечкиот број туристи и гледајќи ги рамните полиња во градот Ново Село (албански: Новосела). Целата приказна се распаднала поради пандемијата на коронавирусот.

фотоизвор: Vlora Airoport/Mabetex group

Изградбата и финансирањето на аеродромот ги води конзорциум предводен од швајцарската компанија „Мабко констракшнс СА“, која е дел од групацијата „Мабетекс“ во сопственост на косовскиот бизнисмен Беџет Пацоли.


Аеродромот ќе има писта долга 3.200 метри, ќе биде подготвен да прими широкотрупни авиони, а терминалот се проектира со амбиција во првата фаза да опслужува околу еден милион патници годишно, бројка што ќе се зголеми, со оглед на тоа што првата фаза е главно наменета за чартер-летови во летната сезона и за албански гастарбајтери.

Терминалот на овој аеродром ќе зафаќа 22.000 квадратни метри - четири пати поголем од првично планираниот објект од 5.000 квадратни метри. Планирана е и деловна зона околу аеродромот.  Досега е завршен само еден дел, главниот влез со брановиден покрив, но велат дека ова е само почеток.

Се плашите од птици?

Сепак, локацијата на аеродромот предизвика контроверзии. Планирано е да се изгради во непосредна близина на заштитеното подрачје на лагуната Нарта, која е дом на над 200 вида птици, вклучувајќи фламинга и пеликани.

Еколошките организации предупредија дека изградбата може да предизвика непоправлива штета на овој екосистем. Европската Унија изрази загриженост, наведувајќи дека проектот ги крши националните и меѓународните закони за заштита на биодиверзитетот.
 
Еколозите предупредуваат дека лагуната би можела да стане најновата писта за несакани средби меѓу авиони и јата птици, што не би била убава разгледница за туристите или бирократите на ЕУ. Бернската конвенција одамна предизвика загриженост и ја повика Тирана да ги преиспита своите планови.

Да додадеме и дека аеродромот е оддалечен само 120 километри од оној во Тирана, па се поставува прашањето дали на Валона навистина ѝ е потребна толку долга писта или само сакаат уште еден симбол на „напредок“ во насока на бетон и багери?

фотоизвор: Vlora Airoport/Mabetex group

Од друга страна, бројките велат поинаку: бројот на посетители на јужниот дел од Албанија во текот на првите четири месеци од 2025 година веќе е зголемен за 30 %, во споредба со истиот период во 2024 година. Се очекува уште поголем туристички бум што би го оправдал овој проект. А властите најавуваат и уште еден аеродром, во Саранда, спроти Крф, за дополнително зајакнување на туристичката понуда.


Дизајнот? Ремек-дело!

Архитектурата на аеродромот во Валона е, како што би рекле ПР-експертите, комбинација од природа и технологија, а како што би рекле екологистите - шлаканица за природата со елементи на камуфлажа.

Креаторите на концептот од реномираното студио „Археа асоцијати“ дизајнираа аеродром со брановидни покриви покриени со зеленило, кои изгледаат како продолжение на пејзажот на лагуната Нарта.

фотоизвор: Vlora Airoport/Mabetex group


Почеток на работа во екот на туристичката сезона

На почетокот од мај аеродромот ја доби својата ознака „IATA: VLO“, на 8 мај 2025 година беше одржан првиот лет, а аеродромот ќе почне со работа во јули, во екот на туристичката сезона.

Извор: gradnja.rs

Фото: mabetex.com

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот