Речиси половина од испитаниците од земјите членки на Европската Унија, односно 48 проценти, се за Македонија да влезе во Унијата штом ќе ги исполни условите, покажува најновиот извештај од „Евробарометар“ за февруари-март 2025, објавен месецов. Меѓу нив, еден од десетмина изразува силна поддршка (10 %), додека нешто помалку од две лица од пет се прилично за влез на земјава во ЕУ (38 %).
Од друга страна, две петтини од испитаниците (40 %) се против влез на Македонија во ЕУ, со тоа што една четвртина (25 %) се прилично против, додека еден од седуммина (15 %) се силно против.
Анализата на национално ниво покажува дека во 18 земји членки најмалку 50 % од испитаниците се за Македонија да влезе во Унијата.
Најголема поддршка за ваков чекор има во Шведска, каде што „за“ се 78 % од испитаниците, по што следуваат Словенија со 71 % и Хрватска со 69 %.
Истовремено, најмала поддршка, очекувано, е забележана во Бугарија (32 %), Австрија (34 %) и Франција (36 %).
Најголем процент на испитаници што се против влез на Македонија во ЕУ е забележан во Австрија (60 %), Грција (59 %) и Бугарија (58 %).
Социо-демографската анализа ги истражува шемите за поддршка на влезот на Македонија во ЕУ и покажува дека поголема поддршка има кај машката популација (50 %) во споредба со женската (45 %). Кога станува збор за возраст, најголема поддршка даваат младите испитаници на возраст од 15 до 24 години (55 %), по кои следуваат оние на возраст од 25 до 39 години (51 %). Постарите испитаници на возраст од 55 и повеќе години даваат најмала поддршка (44 %).
Кога биле разгледувани нивоата на образование се покажало дека оние што сè уште учат, односно студираат, даваат најголема поддршка Македонија да влезе во ЕУ (59 %), по што следуваат оние што завршиле со образование во 20-тите години од животот или постари (56 %). Оние што завршиле со образованието на 15 години или помлади се најмалку наклонети кон поддршка на Македонија (33 %).
Меѓу социо-професионалните категории, најголема поддршка за Македонија изразуваат студентите (59 %), по кои следуваат менаџерите со 56 %, додека меѓу оние што си седат дома е забележана најмала поддршка од само 37 %.
Во однос на социјалната класа, испитаниците што се сметаат за дел од повисоката класа се најголеми поддржувачи на влезот на Македонија во ЕУ (69 %), а по нив следуваат оние во горната средна класа (61 %). Оние што се идентификуваат како дел од работничката класа изразиле најмала поддршка (39 %).
Испитаниците што живеат во големи градови е поверојатно да се за тоа Македонија да влезе во ЕУ (55 %), во однос на оние што живеат во мали и градови со средна големина (47 %) и оние што живеат во рурални области или села (45 %).
Оние што се левичари даваат најголема поддршка за Македонија (58 %), по што следуваат центристите (48 %), а најмала поддршка, повторно очекувано, има од десничарите (44 %).
Испитаниците што се чувствуваат информирани за проширувањето на ЕУ е поверојатно да ја поддржат Македонија (62 %), во споредба со оние што не се чувствуваат информирани (41 %).
Целиот извештај може да го прочитате
ТУКА.
Насловна фотографија: Freepik