X
 10.09.2025 Здравје

Вашите бели дробови откриваат многу за вашето здравје како што стареете - еве еден едноставен тест за проверка

Состојбата на нашите бели дробови може многу да открие за нашето целокупно здравје. За среќа, можеме да ги одржуваме во подобра форма. Со секој здив белите дробови се изложени на загадување, микроорганизми, прашина и алергени, што може да го забрза стареењето.

Истражување од мај 2025 година, спроведено од меѓународен тим од експерти за респираторни заболувања, покажа дека функцијата на белите дробови достигнува врв во средните 20-ти години. Жените обично го достигнуваат врвот неколку години порано од мажите, а потоа следува постепен пад. Факторите како пушење, загадување на воздухот и астма можат да го забрзаат овој пад.

Колку е подобар капацитетот на белите дробови за време на најдобрите години, толку е поголема отпорноста на хронични респираторни заболувања подоцна во животот. Здравјето на белите дробови влијае и врз имунитетот, телесната тежина и мозокот.

Тестирајте ги белите дробови дома


Постои едноставен тест кој можете да го направите дома. Потребно ви е големо пластично шише, кофа или када и гумена цевка. Потоа следете ги чекорите:

- Измерете 200 мл вода и истурете ги во шишето, па со маркер означете го нивото;
- Додајте уште 200 мл, повторно означете и повторувајте додека шишето не се наполни;
- Наполнетото шише потопете го во кофа или када со вода;
- Држејќи го шишето така, ставете ја гумената цевка во вратот на шишето (не мора да се вклопува цврсто);
- Земете длабок здив и дувајте низ цевката;
- Избројте колку линии вода можете да исфрлите од шишето.

Помножете го бројот на линии со 200 мл (на пример, три линии = 600 мл). Овој број е вашиот витален капацитет на белите дробови, познат и како форсиран витален капацитет (FVC).

- Тестот го мери волуменот на воздух што можете да го издишете, што се нарекува витален капацитет на белите дробови. Терминот првпат го искористил англискиот хирург Џон Хачинсон во 40-тите години на 19 век, забележувајќи дека оние што можат да издишат мал волумен на воздух живеат пократко - вели Џон Диксон, раководител на респираторната клиника за вежби на Универзитетот во Кент.

Според Американската асоцијација за бели дробови, FVC може да опаѓа околу 0,2 литри на деценија дури и кај здрави луѓе кои никогаш не пушеле. Нормален FVC се движи меѓу три и пет литри. Диксон додава дека ниските резултати од домашниот тест не треба да загрижуваат бидејќи многумина тешко ги испразнуваат целосно белите дробови.

Како
влијаат белите дробови врз целокупното здравје

Со стареењето, белите дробови губат еластичност, слабеат дишните мускули како дијафрагмата и се менува структурата на градниот кош, што ја намалува способноста за проширување и собирање.

- Ако загубата на функцијата на белите дробови е голема, луѓето може да чувствуваат отежнато дишење - вели Гарсија-Ајмерич. Ова може да доведе до хронична опструктивна болест на белите дробови.

Слабеењето на функцијата на белите дробови не само што ве прави подложни на респираторни заболувања, туку е поврзано и со висок крвен притисок, автоимуни болести, метаболички нарушувања, слабост и когнитивен пад.

Белите дробови се тесно поврзани со срцето, циркулацијата и имунитетот. Тие содржат милиони имунолошки клетки кои го чистат воздухот, се борат против инфекции и ги поправат оштетувањата од постојаното дишење. Ако овие клетки не можат да ги исчистат честичките, се зголемува воспалението кое може да предизвика лузни во белите дробови, правејќи ги потврди и помалку функционални. Воспалението може да влијае и врз реакцијата на телото кон респираторни инфекции.

Уште еден тест за дишење што можете да го направите дома


Друг домашен тест, според Диксон, е да ја проверите фреквенцијата на одмореното дишење, односно колку долго можете да издишете пред да треба повторно да вдишете.

- Земете длабок здив;
- Полека избројте колку секунди можете да издишете;
- Треба да можете да издишете најмалку 11 секунди.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје