X
 11.02.2021 Наша тема

Италијанци сакаат да снимаат документарец за „Донирај компјутер“. Секое дете треба да има исти можности за образование, вели Борче Стаменов

Она што последно ја разбранува јавноста е тоа што неговата величина и шеќерна приказна ќе добие и филмска верзија. Во најава е снимање на документарен филм во италијанска продукција

Борче Стаменов е име кое силно одекна изминатава година. Ја зашемети јавноста со својата хумана иницијатива „Донирај компјутер“. Веќе изверглана, но уште актуелна и благородна е информацијата дека собира расипани лаптопи, компјутери и од нив креира нови кои ги праќа онаму каде што е потребно. Тоа го прави со години, иако последните 12 месеци најактивно помага.
Стотици луѓе во континуитет се обидуваат да го добијат за да му донираат нефункционален компјутер, а исто толку и за да добијат нов склопен компјутер.
Една изрека вели - не е важно колку луѓе те знаат, туку по што ќе те паметат. Борче Стаменов без сомнение ќе го паметат по хуманоста. Најчовечката одлика на еден човек, хуманоста, тој ја канализира во склопување компјутери и бесплатна донација. Со еден префинет гест успеа да ги помести човечките стандарди во бурнава пандемична година.

Италијански документарец во најава


Она што последно ја разбранува јавноста е тоа што неговата величина и шеќерна приказна ќе добие и филмска верзија. Во најава е снимање на документарен филм во италијанска продукција.



- Искрено, сѐ уште не знам за што точно ќе се работи. Знам само дека ако се оствари, ќе биде доста интересна приказна. Во документарецот секако главен акцент ќе се даде на акцијата, но веројатно ќе бидат опфатени и детали од мојот живот, како што се образованието, животот пред и по тешката операција што ја имав, идејата да се започне нешто вакво и слично. Самата акција е случајно започната без намера да прерасне во нешто сериозно. Уште сме во преговори со режисерот и моментално го хранам со податоци кои би дале некоја почетна рамка во кој правец ќе се движи приказната - вели Борче.

Тој вели дека приказната за „Донирај компјутер“ е доста примамлива за новинарите оти е несекојдневна, специфична и инспиративна.

- Таква беше и приказната која убаво ја спакува наш новинар, Соња Стојадиновиќ – дописник за Lumpiga.com. Токму тој прилог беше „виновен“ и примамлив за италијанскиот неделник Internazionale.it, кој го презеде и реобјави. „Интернационале“ е неделник кој се продава и чита во цела Италија и има околу 3 милиони следбеници на социјалните мрежи. Така и се оствари контактот со Фаусто, кој го прочитал и видел приказна која смета дека вреди да ја пренесе подалеку. Ова моментално виси како идеја и се надевам дека ќе се оствари. Запрашан како гледам на сево ова, јас секогаш одговарам дека сѐ уште не сум свесен што сум постигнал. За мене, нормално, претставува огромен успех што успеав сам да изведам вакво нешто. Не ни помислував дека вакво нешто е можно да се случи. Очигледно за странците целава акција, начинот на кој таа е организирана до последен детал, од само еден човек, и нејзината природа да се помогне во ова време кога на сите им е поважен профитот, е доста инспиративна - ни сподели Борче.

Инспиративната приказна надалеку се слуша

И покрај тоа што неговото име стана популарно, тој вели дека тоа воопшто не е важно и воопшто немал таква намера.
- Главната замисла ми беше да им помогнам со моето знаење, време и желба на оние на кои им треба мојата помош. Но, тоа се измени кога „Донирај компјутер“ се прошири низ цела држава. Јас секогаш сум ги охрабрувал сите дека ако имаш идеја која може да се искористи за општо добро и сите да имаат корист од неа, слободно да креваш врева. Нормално, секогаш ќе бидат тука присутни и оние што се убедени во она „ако левата рака даде, десната да не види“, но ако се водев по тоа, сега ќе имав донирано 50 компјутери и едноставно таквите коментари ги занемарував. Фидбекот што го добива акцијата во Македонија, па еве како што гледаме и надвор, вика: „Боре викни погласно.“ Секој одбира начин како да помогне ако сака и може, ова е мојот - додава Стаменов.



Вели дека со својата хумана задача сака да проба да го направи нашето општество еднакво за сите.
- Тоа сакам да го постигнам. Сакам секое дете да има еднакви можности да се образова. Квалитетното образование не треба да биде достапно само за побогатите. Можеби јас помагам со половна опрема, но од некаде треба да се почне - потенцира тој.

Досега се испорачани 627 компјутери

Ни на сон не очекувал дека ваков размер ќе добие неговата иницијатива „Донирај компјутер“.
- Мислев дека сето ова ќе заврши со оние дваесетина компјутери што ми стоеја во фирмата. На размерот и организацијата кој денес го има „Донирај компјутер“ можат да им позавидат и цели министерства со да речеме 1.400 вработени кои се платени да не работат. До овој ден мојата акција останува единствената што постигна толку многу без да потроши ниту еден денар. Буквално сè е во знакот на донациите. Амбалажа за пакување ми даваат локални компании, селотејп носат граѓани, пратките бесплатно се испорачуваат преку мрежата на карго-службата „Еко Логистик сервис“, Дејан Милачески од скоро ми се придружи и ми помага по работа и за тоа не добива плата, „Нула отпад“ презема електронски отпад и со тоа во цела „збрка“ внимавам да не се загадува околината - раскажува Стаменов.

До денешен ден се испорачани 627 компјутери низ цела Македонија, од кои 502 само за 9 месеци.

- Точна бројка колку пристигнале кај мене не можам да кажам, ама сигурно се околу 1.000. Од тие 1.000 со разни комбинации сум стигнал до бројка од 627 компјутери поделени на социјално загрозени семејства низ цела Македонија. Искрено, колку што сум горд на ова што го постигнавме, толку сум и тажен затоа што Македонија како држава и општество повторно потфрли и ги заборави оние на кои им е потребна помош. Како и секогаш и за сè, остави самите граѓани да се снаоѓаат како знаат. Ме радува што граѓаните, повторно сами, масовно се вклучија во оваа моја авантура. Е, баш на тоа сум горд, на себе и на моите сограѓани - вели Борче.
За најведра донација ја издвојува онаа на семејство од Битола кое го врати назад компјутерот откако доби компјутер на подарок од роднини. Истиот компјутер сега го користи друга фамилија.

- Ми се допаѓа трендот што го почнаа луѓето - испраќање цртежи, пишување песнички, снимање видеа со цел на некој начин да се заблагодарат за помошта. Непроценливи се тие работи - додава тој.



Хоби на кое не му се гледа крајот

На самата акција гледа како на еден вид вработување, иако е про боно.
- Моето работно време е од 8 наутро до 17 попладне. Тоа пробувам да му го објаснам на секој што сака да ме контактира за да добие донација или да даде. Донациите ги делам на сезони, каде што секоја сезона е од 100 компјутери. Тие 100 компјутери ги делам на по триесетина донации за кои се обврзувам да ги средам во рок од 2 недели. Сепак, на крајот од денот на сите треба да им е јасно дека и јас сум само човек и потребен ми е одмор, да се видам со пријатели, да се напијам кафе со семејството или едноставно да ги ставам нозете на маса и да гледам во една точка барем еден час. Тежок зависник сум од филмови и серии, па пандемијата и седењето дома во психичка смисла воопшто не ме погодија. Интроверт со тапија. На работа, сепак, работните обврски секогаш ги ставам на прво место, но секој слободен момент го користам да отпакувам некој пакет, да поправам некој компјутер, да спакувам наредна донација. Накратко, „Донирај компјутер“ не ми ги смени животните навики, туку едноставно ја вклопив во сè што работам и затоа не ми претставува дополнителен напор - објаснува Борче.

Се стреми за општество еднакво за сите

На прашањето дали склопувањето компјутери и донирањето полека му стануваат главна професија, вели дека не е така, дека има работа/професија на која ѝ е доста посветен и го исполнува, иако веќе 20 години ја работи.



- Фирмата во која работам е местото каде што првпат се сретнав со ИТ. На почеток бев вработен како графичар, па дојдоа компјутерите, па фискалните апарати, па дојде и она почетник во програмирање и успеав и успевам да се вклопам во сите задачи што ми се зададени. Сега, слободно можам да кажам дека сум незаменлив член кој придонесува за успешноста на компанијата. Донирањето и носењето среќа во семејствата низ цела држава можам да го наречам само хоби на кое не му се гледа крајот - потенцира Борче.

Додава дека „Донирај компјутер“ е во тек да стане правно лице.

- Тоа е така затоа што ќе ми ги олесни процесите за преземање половни компјутери од институции и компании на кои им треба официјален документ за донацијата. Тоа како физичко лице не можам да го правам. Досега користев услуги од здружението на граѓани „Зона“ од Кавадарци, кое многу ми се најде во речиси 70 отсто од преземаните донации. Потребен ми е и автомобил, за кој засега немам финансии да го купам, па најчесто брат ми е жртва кога имам потреба да преземам некоја донација или едноставно да пренесам нешто од една точка до друга. Со здружението кое планирам да го оформам, се надевам дека тоа ќе го обезбедам преку некој проект. Сакам во блиска иднина ниту едно дете да не остане без компјутер. Кога ќе ги обезбедиме сите, може да преминеме на други работи, нормално со донации. Веќе ми се имаат обратено од повеќе организации кои сакаат со свој придонес да се вклучат во нашава акција. Можеби акцијава е почната пред 4 години, но дури сега зема замав и се проширува со цел подобрување на животот на сите граѓани во Македонија. Ете, тоа ми е предизвик. Еднакви шанси и можности за секого - завршува Стаменов.

Фото: Крсте Шупев
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема