11.02.2025
Живот
Јаневска: Преку мобилна апликација родителите ќе имаат увид во напредокот на нивните деца на училиште
Мобилна апликација која ја разви Министерството за образование и наука им овозможува на родителите и старателите на учениците едноставен пристап до електронскиот дневник и со тоа лесно и на дневна основа да го следат образовниот напредок на децата.
За оваа новина денеска на прес-конференција информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска, која рече дека апликацијата овозможува увид во распоредот и содржината на часовите на учениците, во редовноста на настава – оправдани и неоправдани изостаноци, зададените домашни задачи, добиените оценки и издадените свидетелства.
- Апликацијата може да се симне на ednevnik.edu.mk или преку банер поставен на веб-страницата на Министерството и да се инсталира на кој било паметен уред, мобилен телефон или таблет, независно од типот на оперативниот систем. Едноставна е за користење и преку најава и автентикација со истото корисничко име и лозинка кои во моментов ги користат за пристап до електронскиот дневник, над 200 илјади родители и старатели, колку што се регистрирани досега, во секое време можат да имаат брз пристап до информации за образовниот процес на нивните деца - рече Јаневска.
Таа посочи дека сите податоци што се внесуваат во електронскиот дневник се архивираат и корисникот на апликацијата има увид во податоци од тековната, но и од која било учебна година наназад.
- Веќе ја тестиравме и се уверивме во функционалноста на апликацијата. Сигурна сум дека ќе биде многу користена затоа што нема родител или старател кој не е заинтересиран да го следи и да учествува во образованието на своето дете. Одговорноста за едукацијата на младите е заедничка и на институциите и на семејствата на учениците - потенцираше министерката.
Јаневска рече и дека за каква било корисничка поддршка при најавување, заборавена лозинка или дополнителни појаснувања околу примената на новата апликација, стручен тим на Министерството за образование и наука е достапен во секое време на електронската адреса ednevnik@ednevnik.edu.mk.
Со цел намалување на административната работа на наставниците, Јаневска информираше дека податоците од електронскиот дневник ќе ги печатат само еднаш годишно, односно на крајот на учебната година, наместо како досега на месечна основа.
Министерството за образование и наука работи на забрзана дигитализација на образовната сфера. Во таа насока, министерката посочи дека наскоро започнува пилотирањето на новиот електронски систем за административна работа на училиштата и електронски дневник во повеќе училишта, пред да бидат официјално применети.
- Подготвуваме неколку електронски регистри кои ќе се користат за потребите на науката, за признавање странски високообразовни квалификации и за евидентирање на стипендирани македонски студенти во странство и нивно поврзување со работодавци. Паралелно продолжуваме со обезбедување квалитетна ИТ инфраструктурна мрежа во училиштата, нови дигитални алатки во наставата, а ќе продолжи и дигитализацијата на учебниците - додаде Јаневска.