Познатиот јутјубер Мистер Бист нуди милион долари за личноста што ќе успее да ја реши загатката скриена во реклама прикажана за време на Супербоул. Креаторот на содржини, чие вистинско име е Џими Доналдсон, е познат по предизвиците во кои доделува големи парични награди, а овој пат реши следбениците да ги претвори во ловци на кодови.
Во рекламата за „Селсфорс“, јутјуберот ги повикува гледачите да решат низа загатки. Вели дека може да се користи и вештачката интелигенција на „Селсфорс“, а милион долари ќе добие првата личност што преку „Слек“ ќе му го испрати точниот скриен код.
Натпреварот не е за сите
Натпреварот, сепак, не е отворен за сите и можат да учествуваат само законски државјани на САД, Канада и Мексико, а завршува на 2 април, што значи дека заинтересираните имаат ограничено време за решавање.
До соработката помеѓу компанијата и јутјуберот дошло по објавата на Доналдсон од крајот на минатата година кога јавно напиша дека со години има идеја за реклама за Супербоул и бара бренд што би му го овозможил тоа. Во приказната набргу се вклучи директорот на „Селсфорс“, Марк Бениоф, и договорот бил постигнат за брзо време.
Мистер Бист неодамна изјави дека луѓето не му веруваат кога зборува колку пари има. Тврди и дека сметката понекогаш му оди во минус затоа што голем дел од заработката веднаш ја вложува во продукција на нови видеа, потсетувајќи дека нето-вредноста не е исто што и пари на сметка.
Рекламата беше емитувана за време на Супербоул во кој Сиетл сихокс го победија Њу Ингланд пејтриотс со 29-13 на стадионот „Левис“ во Санта Клара. На полувремето настапи Бед Бани, се појавија и низа гости, а за време на шоуто на теренот се случи и венчавка.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube