Зошто местото каде што се администрира вакцината е важно за имунолошкиот одговор, без разлика дали левата или десната рака е подобра за боцкање со игла - откриле научници од Синдеј. Во нивната студија, научниците откриле зошто примањето на бустер вакцина во истата рака како и првата доза од вакцината, може побрзо да генерира поефикасен имунолошки одговор. Студијата, предводена од Институтот за медицински истражувања „Гарван“ и Институтот „Кирби“ во Сиднеј, нуди нови сознанија што би можеле да помогнат во подобрувањето на идните стратегии за вакцинација.
Ако е тоа истото место каде што се дава вакцината - имунолошкиот одговор е подобар
Истражувачите откриле дека кога се администрира вакцината, специјализираните имунолошки клетки наречени макрофаги стануваат „подготвени“ во лимфните јазли. Овие макрофаги потоа го насочуваат позиционирањето на мемориските Б-клетки за поефикасно да реагираат на бустерот кога се дава во истата рака. Резултатите од истражувањето, прво добиени кај глувци, а потоа потврдени кај луѓе, даваат докази за усовршување на пристапите кон вакцинацијата и нудат нов пристап за подобрување на ефикасноста на вакцините.
-Ова е фундаментално откритие во начинот на кој имунолошкиот систем се организира за подобро да одговори на надворешни закани. Природата го дизајнираше овој брилијантен систем и ние дури сега почнуваме да го разбираме - вели професор Три Фан, директор на Програмата за прецизна имунологија при Институтот за медицински истражувања „Гарван„ и еден од водечките автори на студијата.
-Уникатен аспект на оваа студија е способноста на научниот тим да го разбере брзото генерирање на ефикасни одговори на вакцината. Го направивме ова со анализа на комплексната биологија кај лабораториски глувци, а потоа покажавме слични наоди кај луѓето. Сето ова е направено на местото на генерирање на одговорот на вакцината - лимфниот јазол - објаснува професорот Ентони Келехер, директор на Институтот „Кирби“ и еден од водечките автори на истражувањето.
Зошто е важно местото каде што се дава вакцината?
Имунизацијата внесува безопасна верзија на патоген во телото, позната како вакцинален антиген, кој се филтрира низ лимфните јазли - имунолошките „кампови за обука“ кои го тренираат телото да се бори против вистинскиот патоген. Истражувачите претходно откриле дека мемориските Б-клетки, кои се клучни за генерирање на антитела кога инфекциите се враќаат, остануваат во лимфниот јазол најблиску до местото на инјектирање.

Истражувачкиот тим открил дека мемориските Б-клетки мигрираат кон надворешниот слој на локалниот лимфен јазол, каде што тесно комуницираат со макрофагите што се наоѓаат таму. Кога на истото место била дадена „бустер“ вакцина, овие „подготвени“ макрофаги - веќе во режим на подготвеност - ефикасно го заробиле антигенот и ги активирале мемориските Б-клетки за да создадат висококвалитетни антитела.
Клиничката студија ги потврдува наодите од истражувањето
За да се утврди релевантноста на резултатите врз животните за вакцините врз луѓето, тимот на Институтот „Кирби“ спровел клиничка студија со 30 волонтери кои ја примиле мРНА вакцината против ковид-19 на „Фајзер БиоНТек“. Од тој број, 20 учесници примиле бустер доза во истата рака како и првата доза, додека 10 примиле втора доза во спротивната рака.
-Оние кои ги примиле обете дози во истата рака, произвеле неутрализирачки антитела против вирусот САРС-КоВ-2 значително побрзо - веќе во првата недела по втората доза. Овие антитела од истата група беа поефикасни и против соеви на коронавирусот како што се Делта и Омикрон. До четири недели, обете групи имале слични нивоа на антитела, но таа брза заштита, заштитата што се добива веќе во првата недела, може да биде клучна за време на епидемија - објаснува д-р Александра Кери-Хопе од Институтот „Кирби“.
Врз основа на сите докази, научниците заклучуваат дека ако луѓето, на пример, примиле две дози од вакцината против Ковид-19 во различна рака, не треба да се грижат, бидејќи истражувањата покажуваат дека разликата во степенот на заштита се намалува со текот на времето. Но, за време на пандемија, велат тие, тие први недели на заштита можат да направат огромна разлика на ниво на популацијата. Стратегијата за давање на вакцината на истото место, во истата рака, може да помогне за побрзо постигнување на колективен имунитет - што е особено важно за брзо мутирачките вируси, каде што брзината на имунолошкиот одговор е важна.
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik