X
 11.09.2021 Живот

Овој човек секој ден засадува по едно дрво - направи шума од 550 хектари

Јадав Пајенг има 57 години и веќе 42 години ја исполнува својата животна мисија - да засадува по едно дрво секој ден за да го спаси најголемиот речен остров од ерозија, каде што живее.

Во изминатите 70 години индискиот остров Маџули се намалил за повеќе од половина и постои голема опасност целосно да биде потопен во следните 20 години. По поплавите во 1965 и 1979 година, Јадав одлучил да направи нешто за да го спаси островот. Во 1979 година наишол на голем број змии кои починале од голема горештина, откако поплавата ги исфрлила на песок каде што немало дрвја.

Додека индиските власти размислувале што да прават, Јадав, познат и по прекарот Шумски Човек, одлучил да почне да засадува дрвја. Благодарение на ова пошумување, дивите животни се вратиле во областа.

Јадав успеал да засади 550 хектари шума, што е поголема површина од Централ парк во Њујорк. Областа може да се спореди со големина на 15 фудбалски стадиони. Во шумата денес живеат бенгалски тигри, индонезиски носорози, па дури и стадо од 115 слонови кои секоја година го посетуваат островот.

На почетокот засадувал само бамбус, а потоа и други автохтони видови. По 15 години одлучил да засади тиково дрво. Денес во шумата има околу сто вида дрвја. Само бамбусот зафаќа површина од над 300 хектари.

Јадав му припаѓа на племето Мисинг во Асам, Индија. Живее во мала колиба во шумата со сопругата и трите деца. Одгледува говеда и единствениот извор на приход е од продажба на млеко.

Приказната на Јадав е толку моќна и инспиративна, што дури е напишана и детска книга за неговите напори да создаде шума што ќе биде дом на дивите животни, а направен е и краток филм.



Извор: 24sedam.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот