X
 11.10.2021 Живот

Доктори на науки, правници, генерали, академски музичари – вклучени во востанието на 11 октомври

Командантот на македонската партизанска војска, генералот Михајло Апостолски, имал завршено не само Висока воена академија, туку и Генералштабна академија. Коле Чашуле и Борка Талески-Модерното студирале медицина во Белград.
Петар Богданов-Кочко и Тодор Скаловски завршиле Музичка академија во Белград, а Кузман Јосифовски-Питу студирал правни науки во Белград. Владо Полежиновски не само што го завршил Правниот факултет на Сорбона во Париз туку во 1938 година и докторирал на истиот факултет и бил коавтор на документите од Првото заседание на АСНОМ


Образованието на македонскиот народ на свој македонски јазик е еден од фундаментите на Народноослободителната војна, процес во кој голема улога одиграле дел од востаниците кои пред војната се стекнале со средно или високо образование. Во записите од партизанските одреди стојат сведоштва за голема посветеност на едукацијата уште во деновите на борбените дејствија, а на првите слободни територии меѓу првите активности било основањето училишта на македонски јазик. Историчарите велат дека паралелно со борбата за ослободување и своја држава, се води политика на описменување на населението, од кое 65 отсто пред 1941 година биле неписмени.
Токму затоа ние денес како државен празник го одбележуваме Денот на востанието на Македонија или Денот на народното востание на македонскиот народ, познат и само како 11 Октомври.
Но, кои се иницијаторите на тоа, кои се партизаните со високо образование, каде се школувале, како се одвивала образовната компонента, за Факултети.мк раскажува професорот Александар Литовски, историчар од Институтот за национална историја.

- Во Националноослободителната и антифашистичка војна на македонскиот народ од 1941-1945 година учествувале голем број луѓе од Македонија од различна образовна профилираност. Треба да се има предвид дека во кралска Југославија, односно во периодот од 1918 до 1941 г. македонскиот народ бил изложен на големосрпска политика за негова денационализација и асимилација која, меѓу другото, за последица имала голем процент, односно 67,5 отсто од населението во вардарскиот дел на Македонија да бидат неписмени. Ваквата состојба од луѓето што ја организирале македонската антифашистичка борба барало вложување дополнителни напори за, што е можно повеќе, да се анулира неписменоста и да се подигне образовното и политичко-идеолошкото ниво на македонските партизани. Секако, меѓу тоа мноштво луѓе учесници во борбата како партизани, особено како раководен воен и политички кадар, имало и голем број образовани луѓе, па дури и некои истакнати вонсериски интелектуалци - посочува историчарот.



Универзитетот во Белград бил најдостапен

Според него, невозможно е да се набројат сите високообразовани учесници во Националноослободителната и антифашистичка војна на македонскиот народ од 1941 до 1945 година.

- Припадниците на партизанското движење студирале или завршиле факултет по разни универзитетски центри низ некогашна Југославија и во Европа, но најмногу на универзитетот во Белград, кој им бил најдостапен. Но, покрај тоа, мора да се има предвид дека Комунистичката партија на Југославија, во чиј состав било вклучено комплетното раководство на македонското партизанско движење, од пред Втората светска војна се грижела за образованието на своите раководни кадри и членови. Младинската комунистичка организација СКОЈ, исто така, имала низа активности за подигнување на културното и образовно ниво на своите членови. За потребите на ова неформално образование, биле организирани т.н. народни или работнички универзитети, студентски, ученички и хорски друштва, кои имале богати библиотеки, а во нивните редовни активности биле организирани курсеви, предавања и дискусии по марксистичка политичка економија и филозофија, по општествени, национални и историски прашања. Во затворските институции, партиските кадри кои најчесто биле на долгогодишна робија ги организирале таканаречените црвени универзитети, во кои интензивно се добивало идејно-политичко и општо образование - посочува професор Литовски.

Стив Наумов, Ванчо Пркев-Сермен, Блаже Конески, Коле Чашуле, Борка Талески-Модерното, Кузман Јосифовски-Питу биле меѓу најобразованите

Професорот ги посочува и имињата на неколку од поистакнатите раководители на антифашистичката борба кои имале факултетско образование, како Мите Богоевски, кој освен што ја завршил Високата комерцијална школа на белградскиот универзитет, бил и поет кој пишувал песни на македонски јазик во екот на вооружената борба.
Тука се и Стив Наумов и Ванчо Пркев-Сермен, кои биле студенти на Техничкиот факултет на белградскиот универзитет.
Блаже Конески бил студент на славистика и литература на универзитетите во Белград и во Софија.

- Командантот на македонската партизанска војска, генералот Михајло Апостолски, имал завршено не само Висока воена академија, туку и Генералштабна академија. Коле Чашуле и Борка Талески-Модерното студирале медицина во Белград, Петар Богданов-Кочко и Тодор Скаловски завршиле Музичка академија во Белград, а Кузман Јосифовски-Питу студирал правни науки во Белград. Никако не смее да се заборави да се спомене во овој контекст Владо Полежиновски, кој не само што го завршил Правниот факултет на Сорбона во Париз туку во 1938 година и докторирал на тој факултет и бил коавтор на документите од Првото заседание на АСНОМ - посочува Литовски.
Коста Солев-Рацин е еден од најистакнатите припадници на македонското националноослободително и комунистичко движење од пред Втората светска војна и учесници во антифашистичката борба во вардарскиот дел на Македонија. Тој е поет, есеист, културно-историски истражувач, публицист, општествено-политички и македонски национален деец, марксистички филозоф. Иако не бил директно ангажиран во образованието на партискиот и партизанскиот кадар, сепак, со своите текстови и со својата социјална поезија на македонски јазик несомнено учествувал во подигнувањето на образовното ниво и националната самосвест кај своите сомисленици, соидејници и соборци.

Во селото Подвис било првото училиште на македонски јазик

Македонското националноослободително движење презело низа активности за прифаќање на македонскиот јазик како неофицијален „службен“ јазик во рамките на коресподенцијата меѓу институциите на антифашистичката борба, но и со очигледна проекција да се претвори во службен јазик во новата македонска национална држава која требало да произлезе од антиокупаторската борба.

Затоа, речиси без исклучок, раскажува професорот Литовски, сета усна и писмена кореспонденција во македонското националноослободително движење се водела на македонски јазик.

- Речиси сите обраќања до населението, исто така, беа на македонски јазик. Како резултат на таквите интенции, Петар Богданов-Кочко, кој во Агитпропот на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија ја вршел функцијата референт за школство, добил задача на слободната територија во Западна Македонија во периодот септември-декември 1943 г. да ги организира првите училишта на македонски јазик. Во спроведувањето на акцијата биле непосредно вклучени и Славе Попоски, Кочо Симјаноски, Разме Малески, Јоне Белески и Боро Китановски, како и поголем број лица од селските народноослободителни одбори од околината на Кичево -објаснува тој.
Вели дека според досегашните сознанија, во селото Подвис, кое се наоѓа во областа Копачка, во Општина Кичево, односно на патот помеѓу градовите Кичево и Охрид, најпрво започнало со работа училиште во кое се изведувала настава на македонски јазик, а потоа такви училишта биле отворени во селата: Осој, Гари, Издеглавје, Велмеј, Оздолени, Слатино, Лешани, Гркополе, Ботун, Ново Село, Горно и Долно Средорече, Сливово, Лазарополе.
- За жал, денес зградата во која првпат се одвивала настава на македонски јазик во селото Подвис, без грижа од државата, е оставена на забот на времето и е пред целосна девастација - заклучува Литовски.

Партизаните добивале и политичка едукација

Во сите партизански единици постоеле лица кои биле задолжени за идејно-политичка и културно-образовна работа, вели историчарот Литовски.

- Такво лице во партизанските одреди бил политичкиот комесар, а во просветните и културни активности се вклучувал раководителот на СКОЈ. Во поголемите воени единици постоеле посебни агитационо-пропагандни и културно-просветни одделенија кои освен идејно-политичкото образование, организирале и аналфабетски курсеви, како и театарски и музички настани - додава тој.
Така, на пример, во врска со тоа како бил организиран партизанскиот живот, во еден Извештај на Штабот на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ од 21 јули 1943 г. се вели: „Во одредот редовно се држат политички часови од 8 до 12 часот, а попладне од 3 до 5 часот војнички часови и еден час веселба. Другарството, дисциплината, редот и борбеноста кај партизаните се на висок степен...“ Инаку, во овој одред во средината на 1943 г. имало 40 лица без образование или со основно образование и 8 интелектуалци со средношколско или факултетско образование.

Фото на насловна: Википедија
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот