X
 14.10.2015 Култура

Штипските партизани оживеаа во студенски документарен филм



Без никакво искуство и познавања од областа на кинематографијата, но наоружани со историско знаење и желба за истражување, тројцата штипски студенти Ѓорѓи Ефремов, Маринела Серафимова и Бисера Срцева, од Факултетот за историја и археологија при УГД, го направија документарниот филм – Штип 1940-1945 и партизанскиот одред „Гоце Делчев“. Партизаните од Штип, младите студенти и ги оживеале на платно, и самите глумејќи во сцените во кои ги реконструираат настаните. Тројцата студенти инспирација пронашле во македонските партизани, нивните животни судбини и истрајноста во борбата за слободна Македонија.

- Периодот на Втората светска војна и партизанските одреди се дел од македонската историја кој е солидно поткрепен со библиографија и документација, што можеби беше и една од главните причини нашиот проект да гравитира токму околу темава. Ние сме идни историчари, наше е да го шириме наративот за македонската борба низ минатото, па би рекла дека овде лежи интересот кој произлезе од фактот дека отпорот кој се создаде во Македонија во Втората светска војна конечно резултираше со она кон што се стремеа многумина Македонци претходно: создавањето на македонската држава – вели студентката Бисера Срцева.



Иако не добиле никаква финансиска поддршка, младите студенти велат дека не недостасувала логистичката. Целата техничка опрема која им била есенцијална за снимање ја обезбедиле од универзитетското радио УГДФМ и Мултимедијалниот центар на УГД.

- Со дел од костимографијата ни помогна и Народниот театар од Штип. Мал паричен придонес имавме само од една локална, приватна компанија, кој го искористивме за печатање на промотивни материјали. Најбитна секако ни беше поддршката од нашите професори – вели Срцева.



Нејзиниот колега Ѓорѓи Ефремов ни објасни дека откако ги добиле документите од Државниот архив во Скопје, ги обработиле и истражиле, па Срцева и Серафимова го напишале сценариото. Тој пак работел режија, костимографија, камера и монтажата. Учество во импровизацијата на настанот прикажан во документарниот филм, имале и студенти од Факултот за историја и Факултетот за археологија.

- Тимот кој го изработи документарниот, во изминатите три години е иницијатор на сите проекти и настани организирани од факултетите за историја и за археологија. Јавните трибини, дебати, кои ги организиравме на УГД, учевството на меѓународен сумпозиум во Бугарија, археолошките ископувања беа искусени нешта за нас, па баравме нови идеи кои би можеле да ги оствариме. Нешто различно, нешто ново. Ги разгледаваме можностите за повеќе идеи, па одлуката падна на документарниот како најдобар и најкрупен проект -раскажува Ѓорѓи.



Инаку во филмот се прикажува создавањето на вториот партизански одред во штипско-„Гоце Делчев“, создаден од народните херои Ванчо Прќе, Тошо Арсов, Ванчо Китанов како главни водачи на ова партизанско движење.

- Во краткиот документарец се прикажани неколкуте дена од создавњето, движењето и разбивањето на одредот од страна на бугарските окупаторски сили во мај 1943 година. Со изнесената фактографија се обраќаме кон јавноста со цел да покажеме на активност во организирањето на отпор против бугарските самонареченим ослободители. Партизанскиот одред со своето име, цели и акти ја потврдува борбата за македонската казуа – Слободна Македонија – вели Ефремов.



Многу интересни случки, меѓу кои и смеа и нервоза ги следеле студентите додека го снимале документарниот филм. Многу податоци со кои се сретнале ги изненадиле, па затоа се среќни што можеле да ги споделат со јавноста.

- Се изненадивме од сите податоци кои излегоа на виделина, бидејќи историјата на Штип е богата, а сепак граѓаните на Штип, па и пошироко малку се запознаени со овој период. Самиот факт што ниту еден член од екипата, од сценаристи до актери немаа никакви познавања од областа на кинематографијата е интересен, па затоа произлегоа многу случки, во целата мешаница за време на снимањето. Успешно го натеравме еден наш колега да легне на ладната, мокра земја и да одглуми убиен војник – завршува Маринела Серафимова.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура