Секој човек во одреден период од животот може да се соочи со тешкотии околу менталното здравје, исто како и тешкотија со која било медицинска состојба. Но што е ментално здравје? Тоа не е отсуство на болест, туку многу повеќе од тоа:
Менталното здравје претставува:
*Благосостојба, квалитетно живеење со исполнетост и среќа, но и успешно пребродување на миговите на неуспех и разочарување.
*Способност за процена на своите капацитети и способностите, дури и да се тие ниски.
*Познавање на сопствените предности и недостатоците.
*Умеење да се амортизира стресот и негова толеранција.
*Препознавање на своите емоции, соодветно изразување и справување со силни емоции.
*Поставување здрави граници кон другите.
Културолошки гледано, традиционалните вредности се длабоко вкоренети во општеството, па според тоа честопати од мажите се очекува да бидат издржливи, да ги прикриваат емоциите или да не бараат помош бидејќи тоа, според традиционалните вредности, може да претставува знак на ранливост.
Но, дестигматизацијата дека мажите треба да се имуни на психолошки тешкотии се случува постепено во општеството. Постепено, сѐ повеќе родители прифаќаат дека е во ред и момчињата да плачат, да бидат тажни или да имаат потреба од нежност.
Кога мажите ќе се соочат со психолошки тешкотии како раздразливост, безволност, фрустрација, социјална изолација, суицидни мисли, панични напади итн., потешко се одлучуваат за барање стручна помош бидејќи „така научиле“, односно машките членови од семејствата слично постапувале, но и поради страв од осуда, субјективно чувство на слабост, безвредност, страв од губење на моќта во партнерската релација, ќе ги разочараат или натажат родителите итн.
Предвесници за нарушено ментално здравје кај мажите можат да бидат:
* Зависност од ПАС (психоактивни супстанции), алкохолизам, зависност од хазардни игри (коцкање) или зависност од работа (воркохолизам).
*Насилно однесување, чести агресивни испади, раздразливост, бес, безволност, чувство на празнотија, меланхолија, суицидни мисли.
*Социјална анксиозност, интроверзија или панични напади.
*Ирационални мисли, чувство дека му се случуваат нереални работи, дека го следат, слуша звуци/гласови или гледа работи кои другите луѓе не ги слушаат или гледаат.
Што може да помогне при соочување со предизвиците со менталното здравје кај мажите?
Доколку забележите дека „тој“ се соочува со предизвици како горенаведените, целосно треба да се избегнува говор како „Оди лечи се“, „Не си нормален“ (напротив, уште повеќе лицето може да создаде отпор за промена и фрустрација), но ваков говор претставува и навреда и ја зацврстува стигмата кон менталните предизвици. Позитивен говор што помага е: „Имам впечаток дека си лут, сакаш ли да поразговараме?“, „Ми личи дека ти тажен, во ред е“ итн.
Штом се доверат, семејството треба да избегнува говор како „Ништо не ти е“, „Ќе ти помине“, „Како може да го чувствуваш тоа “, „Мораш да бидеш силен“ и наместо тоа да се каже: „Тука сум за тебе“, „Што би сакал да направам во врска со тоа?“, „Сум слушнала дека ова знае да се случи, што мислиш за тоа да закажеш средба кај стручно лице?“, „Верувам дека е тешко, но во ред е тоа што го чувствуваш“, „Секому може да му се случи“ итн.
Поддршката од семејните членови е важна. Можеш и ти да го направиш првиот чекор кон „него“.
Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог, системски семеен советник во Психолошки центар Алтернатива – Групација Алтернатива