X
 15.02.2024 Наука

Мажите навистина потешко го поднесуваат грипот, потврдува науката

Научниците докажаа дека мажите се поподложни на заразни болести и дека навистина потешко ги поднесуваат, а објаснувањето е во хормоните.

Имено, во споредба со жените, мажите се поподложни на грип и на други заразни и незаразни болести, а најлошо поминуваат цврстите, доминантни и независни мажи полни со тестостерон.

Не глумат


Мажите што имаат грип не глумат кога постојано се жалат бидејќи оваа болест навистина им предизвикува повеќе проблеми отколку на жените.

Истражување спроведено на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ открило дека недостигот на хормонот естроген, кој ја регулира отпорноста на инфекции, е одговорен за поголемата подложност на мажите на грип. Естрогенот постои и кај двата пола, но кај жените е присутен во многу поголема мера.

Истражувачите ги изложиле здравите машки назални клетки на естроген и потоа ги заразиле со вирус на грип. Клетките кои биле третирани со естроген помеѓу 24 и 72 часа пред инфекцијата се покажале како поотпорни на вирусот од машките назални клетки.

Во клетките збогатени со естроген, концентрацијата на вирусот на грип била многу помала, што ги навело експертите да заклучат дека овој хормон ја ограничува репликацијата на вирусот и на тој начин ги ублажува симптомите на жените заразени со грип.

Претходните истражувања покажаа дека естрогенот има убиствено дејство врз вирусите на сида, ебола и хепатит.

- Овие наоди би можеле да им помогнат на фармацевтите да развијат вакцина против грип базирана на естроген - вели Сабра Клајн, главната авторка на истражувањето.

Посебно истражување покажа дека недостигот на естроген не е единствената причина зошто мажите потешко се справуваат со грипот. Машкиот хормон тестостерон има силни антиинфламаторни својства, ги зајакнува мускулите и ја зголемува агресивноста, додека, од друга страна, го „разводнува“ имунитетот и ги прави мажите поподложни на широк спектар на вирусни, бактериски, габични и паразитски инфекции.

Хормоналниот фактор веројатно е виновен за поголемата стапка на заболувања и смртност од ковид кај мажите, што беше забележано на почетокот на пандемијата.

Силниот имунитет би им наштетил на мажите

Научниците веруваат дека овие својства на тестостерон имаат еволутивна функција. Бидејќи мажите се поизложени на ризик од повреди при лов, борби и физичка работа со опасни алатки, тие имаат поголема корист од послабиот имунолошки систем бидејќи ги штити од прекумерен имунолошки одговор на инфекции кои би ги оштетиле ткивата.

Тестостеронот е и причината зошто машкото тело помалку реагира на вакцините против грип, мали сипаници, хепатит и жолта треска. Истражувањето на Универзитетот „Стенфорд“ покажа дека вакцината против грип произведува повеќе заштитни антитела кај жените, додека најмалку антитела се пронајдени кај мажите со најмногу тестостерон.

- Ова е прво истражување кое покажува јасна врска помеѓу нивото на тестостерон и имунитетот кај луѓето. Секој што зема додатоци на тестостерон треба да биде свесен за ова - вели водечкиот истражувач Марк Дејвис.

Високата цена на мачо-ставот


Високиот тестостерон создава мачо-мажи, но тие не можат да сметаат на долгорочно добро здравје, покажа истражувањето. Тим од Државниот универзитет во Мичиген во САД следел 5.500 луѓе од двата пола и по неколку децении утврдил дека „вистинските мажи“ имаат најкревко здравје. На 70-годишна возраст, мажите кои го отелотворувале идеалот за сила и доминација имале највисоки стапки на срцеви заболувања и рак. Лекарите го припишуваат ова на типичното мачо-верување дека не е пожелно да се покажуваат чувства, да се одржуваат интимни односи, да се бара помош во неволја, да се оди на лекар и друго. Освен што се изложуваат на болести, таквите лица обично имаат помалку пријатели и послаба социјална поддршка, што исто така го загрозува здравјето и го отежнува закрепнувањето.

За жените, хормоните носат спротивни предности и недостатоци. Комбинацијата на низок тестостерон и висок естроген им дава подобра заштита од инфекции, но повеќе ги изложува на автоимуни болести.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука